Репортажи

Скопје го дочека Европското првенство

Македонија вчера изгуби од Австрија, меѓутоа немаше поразени меѓу фановите низ скопските улици

Спортските екипи од Македонија, дали на репрезентативно или на клупско ниво, учествувале на големи натпреварувања и постигнувале успеси. Понекогаш и се качувале на врвот од спортска Европа, како што направија машкиот ракометен клуб Вардар и женскиот Кометал Ѓорче Петров, кога стануваа европски шампиони.

На национално ниво, возбудувања предизвикаа настапите на кошаркарската и на ракометната селекција, меѓутоа самиот факт дека фудбалската репрезентација учествува на Европско првенство, дека ќе одигра најмалку три натпревари на големата сцена против извикани спортисти – љубителите на спортот го одбележаа како историски.

Ало, Пандев? | Фото: БИРН

Пред Европското, страстите ги зовре и гостинската победа на нашата репрезентација врз фудбалскиот великан Германија во квалификацискиот меч за едно друго, уште поголемо натпреварување – фудбалскиот Мундијал.

Македонија вчера изгуби од Австрија (3-1), меѓутоа немаше поразени меѓу фановите низ скопските улици.

„Ова е историја. Првпат во фудбал се пласираме на Европско, а нашите знаат добро да одиграат на големи турнири“, ни рече едно момче, кое со дресот број 10 на Горан Пандев од Неготино допатувало да гледа фудбал во едно од кафулињата на скопскиот кеј.

„Радост, радост за сите нас во Македонија“. 

Вака ни одговори повозрасен господин на прашањето што за него значи настапот на македонската репрезентација на Европското првенство. Тој беше облечен во бела маичка со голем црвен натпис Македонија и потскокнувајќи од местото го следеше натпреварот во соседното кафуле.

Излог во скопски ГТЦ | Фото: БИРН

Група момчиња се разочараа кога сфатија дека половина час пред натпреварот во недела не работи познатиот фан-шоп во ГТЦ. Сакаа да купат некаков црвено-жолт дрес или реквизити во истата комбинација на бои.

Веројатно ковидот и променливото време не дозволија возбудата од дневните соби и тензијата од Фејсбук и од Твитер да се прелее низ скопските улици, меѓутоа надворешните тераси на кафулињата и на рестораните беа речиси полни.

Локалите беа накитени со знамиња на повеќе европски држави, од кои најголемо, се разбира, беше македонското, а секаде најгласно што можеше се следеше натпреварот на големи телевизиски монитори, кои го привлекуваа вниманието и на случајните минувачи.

На почетокот само на победа се мислеше | Фото: БИРН

На почетокот од натпреварот фановите станаа, во еден глас и без грешка ја испеаја химната.

Поведоа Австријците и можеби затоа радоста за изедначувачкиот гол на Пандев беше уште поголема.

Прво се израдуваа оние на кејот, врисоци како билијард-топчиња се одбиваа од белите згради на другата страна од Вардар, а неколку секунди подоцна се славеше и на улицата Македонија. Вториве веројатно гледаа фудбал преку различен кабелски оператор, кој малку доцнеше со преносот.

Секој потег на нашите фудбалери беше проследен со воздишки, а доволно беше македонски играч да ја помине противничката половина за да пламнат навивачите. Навивачите со „мајки-шајки“ негодуваа на секоја судска одлука што не одеше во корист на нашите фудбалери, а зајадливо се радуваа на жолтите картони што ги добија Австријците.

Вообичаената кореографија низ скопските улици | Фото: БИРН

Фановите останаа без здив и со главата меѓу раце во моментот кога нашите фудбалери пропуштија голема шанса за гол додека резултатот беше 1-1.

Некои знамето со сонцето од Кутлеш го беа наместиле како чаршав на маса, додека други ги носеа како наметка. Можеше да се види по некој фаланга-шлем од времето на Александар Македонски и од џокер-шапките во црвено-жолта комбинација.

Тие што немале фудбалски дрес од Македонија носеа ракометарски или светлосини дресови на нашиот фудбалер Елиф Елмас од италијански Наполи, додека другите се беа снашле со какви било црвени и жолти детали на гардеробата.

И персоналот во кафулињата го следеше натпреварот | Фото: БИРН

На полувреме, во различни локали ечеше поинаква навивачката песна. Или таа што ја пееше Тоше Проески „Македонија навива за вас“, онаа со стихот „Гоцевата раса“ или, пак, најстарата – „Црвена“ од Ристо Самарџиев.

Имаше и такви што на минување застануваа до терасите од кафулињата, да запалат цигара. Се загледуваа во натпреварот и од нога нарачуваа пиво додека таманеа „пакло“ „марлборо“.

„Иди му, бе. Иди му…“, келнер на пуш-пауза ги бодреше нашите одбранбени фудбалери.

Сликите од фудбалерите насекаде низ Скопје | Фото: БИРН

Во истиот термин, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го играше финалето на Ролан Гарос, па некои од фудбалските фанови го следеа и тој натпревар – на мобилен потпрен на празна кригла пиво.

Третиот гол на Австријците, во последната минута од натпреварот ја претвори тензијата во благо разочарување, но никој не замина веднаш.

Фановите го изгледаа продолжението од неколку минути и се разделија надевајќи се дека ништо не е изгубено.

Велат, има уште два натпревари на кои нашите фудбалери со малку подобра игра и со повеќе среќа може да се пласираат во самата завршница на Европското првенство меѓу најдобрите фудбалски нации.

Повеќе среќа на следниот натпревар, се надеваат момчињава | Фото: БИРН