Регион

Сопругата на убиениот Џамал Кашоги бара докази од Турција

Турција задржала два телефона, ајпад и лаптоп што му припаѓале на убиениот новинар, тврди неговата сопруга

Четири години откако саудискиот новинар Џамал Кашоги беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул, неговата сопруга повторно бара од Турција да ги предаде уредите што му припаѓале, бидејќи верува дека тие може да ѝ помогнат во судскиот случај што го води во САД против производителот на спајверот Пегасус.

Ханан Елатр, која стапи во брак со Кашоги во САД, во јуни 2018 година, се сомнева дека клиент на НСО Груп, компанијата што го произведува Пегасус, ја следел уште пред Кашоги да биде убиен и исечен на парчиња во саудискиот конзулат во Турција, во октомври 2018 година.

Во април годинава, турски суд, со дозвола од владата, го префрли судењето за убиството во Саудиска Арабија, потег што беше осуден од организациите за заштита на човековите права, кои рекоа дека тоа ќе им стави крај на надежите за правда.

Сепак, Елатр и нејзините адвокати велат дека Турција задржала два телефона, ајпад и лаптоп што му припаѓале на Кашоги заради сопствена истрага. Елатр верува дека анализата на овие апарати ќе ѝ помогне во нејзиниот случај.

„За да можам да ги имам најоптималните докази во моите правни постапки, треба да ги добијам личните уреди на Џамал од владата на Турција“, рече Елатр во имејл-интервју за БИРН. „Бидејќи моите уреди биле компромитирани со спајверот Пегасус на НСО, сигурна сум дека тоа се случило и со уредите на Џамал“.

„Имам право да ги добијам сите негови лични предмети, особено сега, кога влегувам во правна битка во САД против сите страни што се одговорни за убиството на мојот сопруг. Верувам дека тие уреди ќе откријат детали што претходно не биле познати за убиството на мојот сопруг, кои се критични за да се дознае целата вистина“.

НСО групата претходно негираше дека нејзината технологија имала некаква врска со убиството на Кашоги или со следењето на членовите на неговото семејство, вклучувајќи ја Елатр.

Пенкалото беше „неговото единствено оружје“

Во САД се бара правда за Кашоги | Фото: фликер каналот на ПОМЕД

Шпионскиот софтвер Пегасус може да ги активира микрофоните и камерите на некој телефон и компјутер без знаење на корисникот. Според „Гардијан“, форензичката истрага на телефонот на Елатр во 2021 година открила дека ѝ биле испратени четири текстуални пораки што содржеле малициозни линкови поврзани со Пегасус, но не докажала дека софтверот бил успешно инсталиран.

Кашоги, кој беше колумнист на „Вашингтон пост“ и критичар на саудискиот режим, беше убиен од саудиски агенти откако влегол во саудискиот конзулат по документи за да стапи во брак со друга жена, турската државјанка Хатиџе Ченгиз.

Одбележувајќи ја четвртата годишнина од настанот, Ченгиз напиша на Твитер: „Беше убиен во конзулатот на Саудиска Арабија, во Истанбул пред четири години. Неговите убијци сѐ уште се на слобода. Сѐ уште не знаеме каде е неговото тело“.

Убиството предизвика силни меѓународни реакции. Американските разузнавачки агенции заклучија дека тоа било одобрено од самиот врв, од саудискиот принц Мохамед бин Салман. Тој го отфрли тоа, префрлајќи ја вината на одметната единица од саудиски агенти.

Во 2019 година, саудискиот суд осуди петмина мажи на смрт и тројца на затворски казни, но смртните казни потоа беа отфрлени и осумтемина добија затворски казни меѓу седум и 20 години откако синовите на Кашоги рекоа дека им „простиле“ на убијците на татко им.

Организациите за човекови права велат дека саудиското објаснување за убиството не држи вода и дека судењето било пародија.

Турција, исто така, на почетокот се постави строго кон Саудиска Арабија, но потоа, во обид да ги подобри односите, го префрли судењето таму.

Прашана за промената на турската политика, Елатр одговори:

„Не знам. Луѓето што го убија мојот сопруг не го знаеја добро. Мојот сопруг не беше дисидент. Тој ја сакаше својата земја, Саудиска Арабија. Беше страстен поддржувач на слободата и сакаше Саудијците да имаат повеќе слободи, но ја поддржуваше монархијата и практикуваше традиционална форма на исламот. Единственото оружје на Џамал беше пенкалото“.

 „Нема одговорност“

На четвртата годишнина од убиството на Кашоги, организацијата за медиумски слободи Репортери без граници се пожали дека „никој од 26-те луѓе вмешани во неговото убиство не добил вистинска казна“.

„По убиството на Џамал Кашоги во 2018 година и последователните пропаднати судења на неговите убијци во Саудиска Арабија и во Турција, стана јасно дека одговорноста нема да биде постигната во овие држави“, велат од РБГ.

Елатр вели дека тоа не ја поколебало.

„Не знам за политичките односи меѓу Турција и Саудиска Арабија, но штом Турција го префрлила судскиот случај во Саудиска Арабија, тогаш треба да ми ги вратат личните предмети на Џамал“, рече таа за БИРН. „Како негова единствена сопруга во моментот на неговата смрт, имам право да ги добијам тие предмети и побарав од администрацијата на Бајден и од американскиот Конгрес да ми помогнат“.

Елатр рече дека првпат го запознала Кашоги на медиумска конференција во 2009 година.

Таа рече дека за време на нивната свадба во САД, во јуни 2018 година, Кашоги бил „многу загрижен за мојата безбедност, меѓу другото, поради следењето од странски влади откако тие открија дека сум свршена со него“.

Откако дознала за неговата смрт, „веднаш отидов во нашиот дом во Вирџинија да жалам за загубата на мојот сопруг. Никогаш не се помирив“, рече Елатр.

„Понекогаш кога ќе го почувствувам мирисот од чад на цигари во воздухот, ме потсетува на мојот сопруг Џамал Кашоги и во тој краток момент помислувам дека сѐ уште е жив и сѐ уште ги анализира политичките превирања на Блискиот Исток со своите пријатели и колеги“.

Хамди Фират Бујук