Регион

Советот на Европа ја повика Србија да го признае геноцидот во Сребреница

Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРН) на Советот на Европа, смета дека политичките лидери на Србија треба да признаат оти масакрите извршени во Сребреница во 1995 година, претставуваат геноцид.

Пишува: Маја Живановиќ, Белград

Местото на кое што се закопани жртвите од Сребреница. Фото: Викимедиа; Мајкл Букер

Во извештајот објавен во вторник, ЕКРН забележува дека иако Собранието на Србија и претседателот на оваа држава се извиниле за масакрот во Сребреница, а јавниот радиодифузен сервис РТС, признал дека во 90-тите бил алатка за пропаганда, тие и натаму не го признаваат обемот на злосторствата.

„ЕКРН жали заради фактот што ниту една од овие две институции не го призна масакрот во Сребреница како геноцид, што е заклучено во пресудите на меѓународните судови, и длабоко жали за бавниот напредок во гонењето и казнувањето на геноцидот и другите расистички воени злосторства“, се вели во извештајот.

Во јули 1995 година, силите на босанските Срби масакрираа повеќе од 7.000 бошњачки мажи и момчиња. Српските официјални лица и натаму одрекуваат дека масакрот во Сребреница претставува геноцид.

„Политичките лидери треба официјално да признаат дека масакрот извршен во Сребреница е геноцид“, се вели во соопштението на Кристијан Ахлунд, претседавач со ЕКРИ. Тој додава дека ова признание, но и транспарентната истрага за сите случаи на насилство, се од апсолутно суштинско значење, за луѓето од другите етнички заедници да не живеат во страв од заплашување и нов бран на злосторства од омраза.

Потребен е дополнителен простор за унапредување, вели ЕКРИ, и наведува дека е потребно да се вложат повеќе напори во справувањето со континуираното зголемување на говорот на омраза, во борбата против расизмот кај спортските навивачи, во заштитата на Ромите и припадниците на ЛГБТ заедницата, како и да се забрза процесирањето на воените злосторства.

„Користењето на потпалувачки говор, потсетува на ситуацијата пред неодамнешните војни во регионот“, велат експертите на ЕКРИ.

ЕКРИ е тело на Советот на Европа за човекови права, составено од независни експерти, кои ги следат случаите на расизам, ксенофобија, антисемитизам, нетолеранција и дискриминација.

Во извештајот посебно се нагласува постоењето на расизам меѓу навивачките групи, при што на властите им се препорачува да ги забранат расистичките спортски навивачки клубови.

„Ова прашање е многу важно, со оглед на улогата што ја имаа расистичките и насилнички навивачки групи за време на избувнувањето на војните во регионот“, се вели во извештајот.

ЕКРН предупредува дека насилството против Ромите во Србија е сѐ уште присутно, а хомофобичното и трандфобичното насилство ретко се пријавуваат.

Во извештајот се истакнува дека постои и напредок и се поздравува усвојувањето на законите против дискриминацијата, зголемувањето на бројот на полицајци од албанска националност, како и фактот дека со Стратегијата за борба против дискриминацијата, се предвидува донесување на закон за регистрација на истополови врски.

Објавено и на Балканска транзициска правда