Регион

Обвинетите за убиство на новинарот Славко Ќурувија остануваат во притвор

Специјалниот суд во Белград го одби барањето, обвинетите за учество во убиството на новинарот Славко Ќурувија, извршено во 1999 година, да бидат пуштени на слобода.

Пишува: Филип Рудиќ, Белград

Славко Ќурувија. Фото: Фондација „Славко Ќурувија“

Специјалниот суд во вторник го одби барањето на одбраната, за ослободување на поранешните оперативци на службата за Државна безбедност (ДБ) на Србија, Милан Радоњиќ и Ратко Ромиќ, на кои им се суди за наводно учество во убиството на новинарот Славко Ќурувија, извршено во 1999 година.

Претседателот на судскиот совет, Снежана Јовановиќ, изјави дека судот, во зависност од натамошниот тек на постапката, може повторно да одлучува по барањето.

Одбраната на Ромиќ и на Радоњиќ побара тие да бидат ослободени, нудејќи ја можноста за домашен притвор.

Според обвинението, во случајот Ќурувија, „непознато лице“ го наредило убиството, Радомир Марковиќ, поранешен началник на ДБ го поддржал злосторството, додека тројца припадници на ДБ, Ратко Ромиќ, Милан Радоњиќ и Мирослав Курак, учествувале во организацијата и извршувањето на убиството.

Обвинителството тврди дека Курак бил директен извршител, а Ромиќ негов соучесник.

Тројцата обвинети изјавија дека не се виновни, додека обвинетиот Курак е во бегство и нему му се суди во отсуство.

Марковиќ моментно отслужува казна од 40 години затвор за убиство на поранешниот српски претседател Иван Стамболиќ и за други кривични дела, а Ромиќ и Радоњиќ минатиот септември беа ослободени од обвинението за обид за убиство на Вук Драшковиќ, лидер на опозициска партија.

Сопругата на Ќурувија, Бранка Прпа, која беше со него во времето на убиството, изјави дека во Ќурувија пукал Лука Пејовиќ, припадник на единицата за специјални операции на МВР Србија.

Пејовиќ беше убиен во Белград во 2000 година.

Објавено и на Балканска транзициска правда