Регион

Споменикот на холокаустот во Загреб, ги прикрива злосторствата извршени во Хрватска

Новиот споменик на жртвите на Холокаустот, кој треба да биде поставен во Загреб, не ја нагласува улогата што Хрватска ја имала во прогонот на Евреите во Втората светска војна

Како што објасни Бандиќ, Евреите морале да го спакуваат целиот свој живот во еден куфер, кој потоа им бил одземен. Споменикот, рече тој, е обид да се задржи споменот на одземената човечност.

Иако овој навидум елабориран и потенцијално визуелно импресивен споменик, изгледа како достоен начин да им се оддаде почит на жртвите од холокаустот, масивниот ѕид од куфери не може да ги запре проблематичните прашања, кои поминуваат низ секоја негова пукнатина.

Прво, иако иницијативата за поставување споменик на жртвите на Холокаустот доаѓа надвор од круговите на еврејската заедница, што е обично знак за здраво општество, таа прави исклучок. Идејата на градоначалникот произлегува од круговите во кои се движат хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ и холивудскиот продуцент, Бранко Лустиг, човекот кој го преживеал Аушвиц.

Сепак, градоначалникот, спротивно на обичајот, за ова никогаш не се консултирал со хрватските еврејски заедници, кои се борат за зачувување на сеќавањето на холокаустот во земјата, во која речиси и да нема преживеани Евреи (според пописот од 2011 година, нивниот број е 509).

На ист начин, без консултации или согласност на еврејските заедници, Бандиќ работи и на планираниот Музеј на Холокаустот. Неговиот единствен партнер на ова комеморативно патување е Лустиг, човекот кој навистина го посветил својот живот на промовирањето на вистината за холокаустот и беше продуцент на филмот „Шиндлеровата листа”, на режисерот Стивен Спилберг,  во тој процес.

Лустиг е еден од оние што ја потпишаа петицијата против апсењето на Бандиќ во 2015 година, велејќи дека е „поттикнат” да го стори тоа, „во име на шесте милиони луѓе, кои исчезнаа во холокаустот”. Лустиг, исто така, е член на Градското собрание на Загреб, кој се наоѓаше на листата на Бандиќ.

Втората и многу поголема причина зошто овој споменик е проблематичен, е речиси целосното негово одвојување од локалниот и национален историски контекст.

Во светло на преовладувачкиот пристап за одбележување на холокаустот од универзална позиција, ваквото спомен-обележје е премолчување на целосната вистина.

Ова произлегува од објаснувањето дека овој споменик ќе биде посветен на „шесте милиони Евреи кои беа убиени во холокаустот”. На овој начин, холокаустот се доживува низ неговиот конечен и универзален исход – смртта на околу шест милиони Евреи од Европа и Африка – од британските Каналски острови на запад, до Русија на исток, од Норвешка на север, до Тунис на југ.

Овој универзален начин на одбележување на холокаустот произведува „copy-paste” споменици, што се фокусираат на целокупноста на деструктивниот резултат на холокаустот – кој ја опфаќа бројката од „шест милиони”, кој, следен од целосното фокусирање на улогата на нацистичка Германија, ги брише сите нијанси на она што Бандиќ го нарече „систематски и организиран прогон на Евреите“.

Сето ова сугерира дека холокаустот е исклучиво германско прашање, наметнато и спроведувано низ цела окупирана Европа. Холокаустот е запаметен како процес на транспорт на Евреите во логорите на смртта под надзор на СС единиците, кој го покренале нацистите.

Иако овој пристап може да се роди од потребата, ваков значаен настан да биде прикажан на јазик на кој секој го разбира и може да го поврзе со него, универзализацијата на сеќавањето на холокаустот, ја користат и историските ревизионисти.

Некои земји, главно во Источна Европа, се решиле за овој тип на одбележување на сеќавањето на холокаустот, бидејќи така не се спомнува приказната за локалната соработка во извршувањето на геноцидот. Бројката од шест милиони служи како штит против специфичните и локалните контексти на масовни убиства, во кои, исто така, учествувало и домашното население.

Ова е случај и во Хрватска, земја која минува низ силен тренд на историски ревизионизам, кога станува збор за Втората светска војна. Наместо да ја нагласуваат бројката од шест милиони и Третиот Рајх, хрватските споменици на холокаустот треба да зборуваат за убиствата што ги извршило домашното фашистичко усташко движење, за време на Втората светска војна.

Систематски прогон

Споменикот „Камен цвет“ во спомен-подрачјето Јасеновац. Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ.

Моделирајќи ја својата идеологија, по примерот на нацистичка Германија и фашистичка Италија, Независната држава Хрватска (НДХ), донесе расистички закони против Евреите и Ромите, како и голем број на закони насочени против Србите, и спроведуваше масовни убиства.

Споменикот на жртвите на холокаустот во Загреб, мора да зборува за фактот дека меѓу 1941 и 1945 година, повеќе од три четвртини од околу 40.000 Евреи во НДХ, биле убиени.

Во Загреб, пак, се работи за бројка од 8.000 убиени Евреи.

Усташите не беа само набљудувачи или помошници на германската кауза. Тие беа активни учесници во убиствата на Евреите во концентрационите логори, во затворите, па дури и на нивните прагови.

Само во Јасеновац, најголемиот концентрационен логор на НДХ, усташите убија повеќе од 13.000 Евреи. Сепак, многу луѓе во Хрватска холокаустот не го поврзуваат со Јасеновац, туку само со логорите Аушвиц, Треблинка или можеби Дахо.

Убивањето и прогонот на Евреите од страна на усташите биле систематски и организирани, и со, и без помош на Германија. Со усташките закони, на Евреите им бил одземен имотот и граѓанските права, додека државната пропаганда ги претставувала како штетници и поддржувачи на комунизмот, кои направиле заговор против ариевската хрватска нација.

Поради некои добро поставени заблуди, многумина не ги поврзуваат усташите со холокаустот, на начин на кој што го поврзуваат со нацистичка Германија.

Една од причините е широко распространетото верување дека НДХ донела расистички закони против Евреите, под притисок од нацистичка Германија. Но, ова не е сосема точно, бидејќи не постои историски документ или доказ дека Германија вршела притисок врз усташите, да усвојат такви закони.

Усташите биле исклучително брзи и ефикасни во воведувањето на лентата со жолтата Давидова  ѕвезда, заради идентификација на Евреите, како и во одземањето на нивниот имот, кој потоа им се давал да припадниците на усташкото движење и на нивните поддржувачи.

Друга заблуда е дека меѓу усташите, до нивното доаѓање на власт во 1941 година, немало антисемитизам. Иако усташите ги сметале Србите за најголем непријател на етнички чистата хрватска држава, како што се приближувала Втората светска војна, перцепцијата на Евреите станала сѐ потипична антисемитска појава.

Сето ова не им е познато на младите во Хрватска, но и на јавност генерално, и споменикот нема да се однесува на главното прашање на историскиот ревизионизам, што го замаглува и искривува холокаустот.

Алтернативни споменици

лавната железничка станица во Загреб, пред која ќе биде поставен новиот споменик. Фото: Викимедија/Дивна Јакшиќ

Постојат две полесни и поевтини идеи за тоа како да се одбележи сеќавањето на холокаустот во Загреб, кои би го ставиле во неговиот локален контекст.

Првиот споменик веќе постои, веднаш до местото на кое треба да се постави планираниот споменик на главната железничка станица. Црната парна локомотива, пред станицата, е онаа истата што ги влечела вагоните со кои се превезувале затворениците, меѓу нив имало и Евреи, во првиот усташки концентрационен логор, Даница, во близина на градот Копривница.

Овој споменик треба само да биде соодветно означен и да се објасни неговиот контекст, со цел да ја исполни својата улога на оваа симболична локација.

Вториот потенцијален споменик, се наоѓа на околу еден километар од железничката станица, во улицата „Прашка“, во центарот на градот. Оваа локација, која денес служи како паркинг, некогаш била синагога.

Имено, во 1941 година, тогашниот усташки градоначалник на Загреб, Иван Вернер, издал декрет за уривање на синагогата, бидејќи таа „не се вклопувала во главниот урбанистички план на градот”. До април 1942 година, синагогата ја снемало, а фотографиите од нејзиното уривање, истата година, биле прикажани на антисемитската изложба за Евреите.

Со оглед дека многумина во Загреб не знаат за ова, она што Бандиќ треба да го направи е да оди во Кинотеката на Хрватска и да ја земе видеоснимката од уривањето на синагогата и да постави екран на местото на кое таа некогаш се наоѓала, на кој континуирано видеоснимката ќе се прикажува. Тоа ќе ги едуцира луѓето на самото место на злосторството.

Бидејќи Бандиќ се гордее со тоа што лично го надгледува секое градилиште во Загреб, тој секојдневно ќе може ‘на око’ да ја држи последната локација, бидејќи таа се наоѓа веднаш до седиштето на неговата политичка партија.

Свен Милекиќ е докторант на Универзитетот Мајнот, финансиран од ирскиот истражувачки совет во рамките на постдипломската програма на Владата на Ирска.
Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.