Регион

Маршот на ветераните на ХВО, ги вознемири бошњачките жртви

Марш на ветераните на ХВО во Столац. Фото. Bljesak.info.

Претставниците на поранешните логорски затвореници од Столац, град во јужна БиХ, изјавија дека вчерашниот марш, организиран од Хрватската демократска заедница во Босна и Херцеговина (ХДЗ БиХ), испраќа „опасна порака“.

Имено, воените ветерани, поранешни припадници на силите на босанските Хрвати, кои носеа црни маици со амблемот на Херцег-Босна, самопрогласена воена државичка од 1990-тите под раководство на Хрватите, маршираа во знак на сеќавање на 27-годишнината од формирањето на специјалната единица на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), „Лудвиг Павловиќ“.

Столац е еден од градовите во Херцеговина, во кој ХВО, во 1993 година, ги затварал и прогонувал Бошњаците.

„Овој настан го сметаме за груба демонстрација на сила и опасна порака до повратниците, меѓу кои се и поранешните логорски затвореници на таканаречената Херцег-Босна, под чиј грб бевме апсени, притварани и измачувани во 1993 година, а многумина, за жал, беа и убиени“, се вели во соопштението на Здружението на логорски затвореници на Столац.

Единицата „Лудвиг Павловиќ“, е основана на 6 јуни 1992 година, а именувана е по командантот кој починал во 1991 година и кој беше познат како еден од припадниците на групата од Бугојно, вооружена хрватска националистичка група, која во 1972 година се обиде да организира востание во Југославија, со цел враќање на фашистичката марионетска Независна Држава Хрватска (НДХ).

Освен локалните власти, на настанот во Столац присуствуваше и првиот човек на ХДЗ БиХ, Драган Човиќ.

БИРН побара коментар од оваа партија, но, до објавувањето на овој текст, одговор не добивме.

Човиќ и претходно, додека беше хрватски член на Претседателството на БиХ, присуствуваше на слични настани, а познат е и по тоа што се залага за поголема автономија на босанските Хрвати во БиХ, повикувајќи се често на наследството на Херцег-Босна.

„За жал, вакви и слични настани низ БиХ стануваат многу нормални … и ова покажува дека прашањето за военото наследство, се користи за создавање на нови тензии, што им нанесува штета на напорите за воспоставување на стабилен процес на помирување“, вели за БИРН, Златиборка Попов Момчиновиќ, професор по социологија од Сараево.

Хрватската заедница Херцег-Босна беше основана на 18 ноември 1991 година, како политички и територијален ентитет на територијата на БиХ.

Во август 1993 година, името го менува во Хрватска Република Херцег-Босна, но не добива признание од ниту една држава и таа престана да постои во 1994 година.

Во пролетта 1992 година, некои од нејзините водачи, вклучувајќи го и претседателот на Херцег-Босна, Мате Бобан, го формираа Хрватскиот совет за одбрана, како одбранбен орган на самопрогласената држава и Влада, како „врховно“ извршно и административно тело.

Шест поранешни високи политички и воени претставници на Херцег-Босна, Јадранко Прлиќ, Бруно Стојиќ, Слободан Праљак, Миливој Петковиќ, Валентин Кориќ и Берислав Пусиќ, во ноември 2017 година, беа прогласени за виновни за злосторства против човештвото и други злосторства над Бошњаците, извршени во текот на војната.

Слободан Праљак, за време на изрекувањето на пресудата, во судницата на Хашкиот трибунал, испи отров и набрзо потоа почина.