Наташа Јанчиќ-Менкоски најмалку еднаш месечно ја води својата шестгодишна ќерка, Петра, на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Скопје, бидејќи нешто кај неа предизвикува алергиски ринитис, односно поленска треска. Можеби инфекција, но најчесто тоа е загадениот воздух. Наташа, со куп медицински документи во рацете, нервозно чека.
„Оваa документација не е од една година, туку за само од неколку месеци“, вели таа.
Според податоците на Светска банка, загадениот воздух во Северна Македонија секоја година убива околу 1.350 луѓе. Најранлива категорија се децата, со оглед на тоа што се во развој, а со тоа дишат и побрзо.
Педијатарот на Петра, Елена Ѓиновска-Тасевска, објаснува дека ПМ10 честичките, со дијаметар од 10 микрони или помалку, и честичките ПМ2,5 „може да навлезат во најмалите бронхиоли и алвеоли“, што ги влошува респираторните состојби кај децата, вклучително и алергискиот ринитис. А овие состојби се развиваат кај сè поголем број деца.
„Денес секое дете има алергија, а загадувањето на воздухот е главниот фактор кој ги влошува алергиите, особено во грејната сезона“, вели за БИРН, Ѓиновска Тасевска.
Но, она што е иронично е што Клиниката за респираторни заболувања кај децата во Козле, каде што се лекува Петра, како и повеќето јавни институции во Македонија, се загрева на нафта.
Слична е ситуацијата и во соседна Србија, каде, како што објаснува експертот за загадување, Дејан Лекиќ, повеќето јавни институции, како што се болниците, училиштата и градинките, сè уште користат мазут, кој е поевтина, но и поштетна алтернатива на гасот. Малите и средните котли кои согоруваат мазут, се најзначајниот извор на суспендирани честички, вели тој за БИРН.
„Градската болница ‘Звездара’ во Белград, се грее на мазут, а до неа е Клиниката за пулмологија“, посочува Лекиќ.
Пристап во ЕУ: „Нема шанси“
Од Канцеларијата на Европската Унија во Скопје, соопштуваат дека до 2013 година, од фондовите на ЕУ се потрошени 5,7 милиони евра за спречување на загадувањето во Северна Македонија, вклучувајќи мониторинг, управување со податоците за квалитетот на воздухот и легислативата.
Дополнителни 26,9 милиони евра од фондовите на ЕУ се ставени на располагање или потрошени по 2013 година, од кои десет милиони наменети за Скопје, како и за Битола, Тетово и Куманово, кои со години се најзагадените македонски градови. Овие пари се наменети за постепено исклучување на котлите на мазут и за проширување на системот за централно греење во Скопје.
Сепак, што се однесува до средствата од буџетот на Македонија, за заштита на животната средина се потрошени помалку од 0,5 отсто и покрај настојувањата на земјата за влегување во ЕУ.
„Нема шанси да влеземе во Европската унија, ако имаме толкава концентрација на загаденост на воздухот“, изјави Насер Нуредини, поранешен министер за животна средина и просторно планирање и поранешен специјален претставник на претседавачот со ОБСЕ за климатски промени.
Во 2022 година, службеник на раководна функција во министерството на чие чело беше Нуредини, се поврзуваше со незаконското палење на околу 17.000 тони опасен отпад, што влијаело на загадувањето на воздухот во Скопје. Според кривичната пријава на финансиската полиција, ова лице во џеб си ставило 7.000 евра. Истрагата за овој случај сѐ уште е во тек, а за кое лице се работи, во јавноста не е откриено.
Инаку, загаденоста на воздухот е еден од водечките ризични фактори, кога станува збор за предвремената смртност во Северна Македонија, покажуваат податоците на невладината организација, „Еко-свест“.
Оваа организација во својот извештај за 2021 година наведува дека во Северна Македонија има 118 смртни случаи на 100.000 луѓе поврзани со загадувањето на воздухот, во споредба со 86 смртни случаи на 100.000 луѓе на светско ниво.
Седум проценти од вкупниот број на смртни случаи поврзани со загадениот воздух се кај деца до 5 годишна возраст и 14 проценти се кај луѓе постари од 70 години“, соопшти организацијата „Еко-свест“.
„Тие не направија ништо“
Што се однесува до бројот на денови со најголемо загадување на воздухот од почетокот на 2024 година, заклучно се месец јуни, незавидниот рекорд во Србија го држи селото Поповац, во општина Параќин – 94 дена во која е надмината границата на ПМ10.
Воздухот во ова село, кое има помалку од 500 жители, е прекумерно загаден во последните четири години, покажува најновиот извештај на Регулаторниот институт за обновлива енергија и животна средина.
Најмалку 18 српски општини веќе го надминале лимитот од 35 дена во кои воздухот бил премногу загаден, покажува апликацијата „x-Eco“, развиена од Лекиќ, која во реално време ги обработува официјалните податоци за балканските земји. До зима, ситуацијата само ќе се влошува, истакнува Лекиќ.
„Не сакаме да се занимаваме со изворот на проблемот“, вели тој.
„Нема регистар на котли на мазут и никој не знае колку ги има“, додава Лекиќ.
Во 2021 година, Владата на Србија објави дека се затворени 1.300 котли за мазут. Според најавите, предвидено е да се затвори и котелот во белградскиот здравствен дом Јерковиќ. Сепак, според достапните информации, тој сѐ уште се користи.
Од Здравствениот дом не сакаа да го коментираат ова и го упатија БИРН одговор да побара од претпријатието „Белградски електрани“, каде ни рекоа дека тоа е работа на градскиот секретаријат. Од секретаријатот не добивме одговор.
Лекиќ нагласува дека регулаторната рамка е подобрена, но дека имплементацијата е нерамномерна.
„Еко стража“, неформална група граѓани собрани околу целта за заштита на животната средина, во мај годинава поднесе петиција до српското Министерство за екологија, за затворање на котлите што работат на мазут во Србија.
„Иако е потребно време за да се реши загадувањето на воздухот, она што може брзо да се направи и што би бил првиот слој на решението во рок од 12 месеци, е исклучувањето на котлите на мазут“, рече за БИРН Бојан Симишиќ, основач на „Еко стража“.
Владата на Србија во декември 2022 година ја усвои Програмата за заштита на воздухот за периодот од 2022 до 2030 година со Акциски план, но, како што истакнува Симишиќ, „оттогаш ништо не направиле“.
БИРН контактираше со „Белградски електрани“, Градот Белград, со Министерството за екологија и со Министерството за енергетика, но од ниту една од овие институции не добивме одговор.
ЕУ: Важно е Србија да ги имплементира плановите
Од Делегацијата на ЕУ во Србија за БИРН објаснуваат дека од 2009 година инвестирале речиси девет милиони евра во опрема за следење на квалитетот на воздухот во оваа држава, за обука на експерти и за „воспоставување на систем“.
Во однос на котлите за мазут, Делегацијата посочува дека ЕУ обезбедила грантови од 10 милиони евра за спроведување на својата програма Биомаса II со Србија, „која предвидува премин од фосилни горива на биомаса, во најмногу осум системи за централно греење“. Србија доби поддршка и во изработката на Програмата за заштита на воздухот за периодот 2022-2030 година и Акцискиот план.
„Сега е неопходно српските власти да продолжат со неговото имплементирање, во интерес на граѓаните“, се вели во одговорот на Делегацијата до БИРН.
„Додека средствата од ЕУ беа насочени кон големите загадувачи на воздухот, како што се електроцентралите и топланите, каде што инвестиравме во намалување на правта и десулфуризацијата, останува да се реализираат значителен број активности и инвестиции на локално ниво, вклучително и мерките за зголемување на енергетската ефикасност“.
Лекиќ смета дека е неизвесно дали Србија ќе се справи со ова прашање без притисок од ЕУ.
„Изгледа дека ако никој нѐ не притиска да се грижиме за нашето здравје, ние премногу не се грижиме“, вели тој за БИРН.
Астма, хроничен бронхитис и предвремена смрт
Според студијата од 2022 година на Институтот за здравствени ефекти (ИЗЕ) со седиште во Бостон, повеќе од една третина од смртните случаи поврзани со надворешните честички ПM2.5, се припишуваат на согорувањето на фосилните горива.
Во 2019 година, загадениот воздух бил седма водечка причина за смрт во Србија, што резултирало со 12.700 смртни случаи низ целата земја, открива ИЗЕ.
Последното истражување за квалитетот на воздухот во Србија, спроведено од Регулаторниот институт за обновлива енергија и животна средина, покажа дека секој десетти смртен случај во Србија, може да се припише на загадениот воздух.
„Високите нивоа на честички и другите полутанти, доведуваат до зголемена стапка на астма, хроничен бронхитис и други респираторни состојби, особено кај децата и кај постарите луѓе“, вели специјалистот за јавно здравје, Влатка Матковиќ.
„Потребни се сеопфатни мерки за намалување на емисиите и подобрување на квалитетот на воздухот, за да се заштити јавното здравје“, додава таа.
Студиите покажуваат алармантна стапка на респираторни заболувања, како што се астмата и хроничните опструктивни заболувања на белите дробови, особено во градовите.
„Важен извор на загадувањето на воздухот во градовите, особено во зимските месеци, е греењето во домаќинствата“, објаснува Алберто Гонзалес Ортиз, експерт за квалитет на воздухот во Европската агенција за животна средина. „Емисиите на честички во густо населените области, имаат јасна врска со негативните влијанија врз здравјето“.
И Матковиќ посочува дека „состојбата се влошува“ во текот на зимските месеци, кога бројот на хоспитализирани „поради респираторни проблеми поврзани со аерозагадувањето“ се зголемува.
Од Институтот за јавно здравје на Србија, не ни одговорија на прашањето во врска со приемот на пациенти минатата зима.
Една неодамнешна студија покажа дека во 2019 година, трошоците поврзани со стапките на ПM2,5 во 26 градови од Западен Балкан, биле помеѓу 7,8 и 9 милијарди евра. Економскиот товар од загадувањето на воздухот во Западен Балкан, е поголем од оној на сите 27 земји на ЕУ заедно.
„Тоа кажува многу за тоа колку жителите на Западен Балкан плаќаат за загадениот воздух со своето здравје“, заклучува Матковиќ.