Иако Рамуш Харадинај стана премиер на Косово, налогот за негово апсење, што го издаде Србија, врз основа на обвиненијата дека извршил воени злосторства, останува во сила, што на Харадинај може да му предизвика проблеми при патувањата.
Пишува: Mаја Живановиќ, Белград
Потерницата што ја издаде Србија во 2004 година по Рамуш Харадинај, останува во сила и покрај тоа што Харадинај беше избран за нов премиер на Косово. Ова, како што велат експертите, може да предизвика проблеми во текот на неговото патување како премиер.
„Се зависи од тоа дали некоја држава го признала Косово или не”, вели за БИРН, експертот по меѓународно право, Иван Јовановиќ, од Србија.
„Во принцип, шефовите на државите, владите и министрите за надворешни работи, уживаат имунитет од гонење, за време на нивниот мандат”, додава Јовановиќ.
Харадинај, за земјите кои не го признале Косово, не е премиер на суверена држава, така што за нив тој нема имунитет.
Сепак, како што истакнува Јовановиќ, тој верува дека државите на ЕУ кои не го признале Косово, нема да го уапсат од политички причини.
„Јас сум сосема сигурен дека петте земји на ЕУ, кои не го признале Косово, нема да го уапсат, за да не го попречат функционирањето на Косово, а со самото тоа, и да дојдат во судир со другите држави”, додаде тој.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија, Марко Ѓуриќ, во понеделник, за српскиот весник „Вечерње новости”, изјави дека Харадинај за нив останува „лице од потерница”.
Харадинај беше избран за премиер на Косово во саботата, со тесно мнозинство на гласови на 61 од 120 пратеници во парламентот.
Харадинај, исто така, доби поддршка и од српската партија во Косово, Српска листа, која Белград ја поддржува, а за возврат ќе добие три министерства во неговата влада.
„Мислам дека од политички причини во Србија (потерницата) ќе остане во сила и Србија ќе го третира како осомничен за воени злосторства, но, од друга страна, Србија ќе ја признае реалноста дека тој е избран за премиер и шеф на владата во која Српска листа, со зелено светло од Белград, учествува“, нагласи Јовановиќ.
ЕУ, кон која Србија тежи, исто така, нема да го одобри апсењето на Харадинај, додаде тој.
Српските власти го обвинија Харадинај за убиство, силување и тортура на српски цивили за време на војната во Косово.
Харадинај, кој се спротивстави на неговата екстрадиција во Белград, пред судот во Франција по неговото апсење во јануари оваа година, ги негираше обвиненијата, нарекувајќи ги „политички”.