Кога влијателната американска организација за човекови права Фридом хаус во мај 2020 година го намали рејтингот на Србија од „демократија“ во „хибриден режим“, српската влада беше толку незадоволна што напиша протестно писмо во кое ја истакнува „необјаснивата негативна пристрасност“ на непрофитната организација.
Фридом хаус не е единствената организација што го регистрира демократското назадување во Србија откако Српската напредна странка на претседателот Александар Вучиќ ја презеде власта во 2012 година.
Но, официјалното намалување на рејтингот и наводите дека напредњаците „систематски ја намалиле“ способноста на опозицијата да игра улога на политичката сцена, ја вознемирија владата.
Писмото што премиерката Ана Брнабиќ го испратила на 13 мај 2020 година, сепак, не е единственото писмо од Србија што било адресирано до Фридом хаус.
Имено, според извештајот за лобирање „Јорктаун солушнс“, доставен врз основа на Законот за регистрирање странски агенти во Единицата за регистрирање странски агенти ФАРА, која е дел од Министерството за правда на САД, меѓу 20 мај и 8 јуни 2020 година електронска пошта со тема „Економски прашања – САД и Србија“, примиле Кетрин Хенли, извршна асистентка на организацијата, Сара Репучи, потпретседателката за истражувања и анализи, како и авторката на извештајот, Желике Чаки. Писма добиле и двајца членови на административниот персонал на Фридом хаус.
Испраќач била „Јорктаун солушнс“, лобистичка фирма од Вашингтон, со која Стопанската комора на Србија (ПКС) склучила договор во 2019 година.
Во дописот се барал состанок, кој, по сѐ изгледа, никогаш не се одржал. Тоа бил единствениот познат контакт што Фридом хаус го имала со „Јорктаун солушнс“, но тајмингот го отвора прашањето во врска со природата на лобистичките активности на Комората, како и тоа дали таа ја поминала границата меѓу економските и политичките интереси.
Персоналот на Фридом хаус не сакаше да ни даде коментар. Марко Чадез, претседателот на Стопанската комора, ни кажа дека не знае дали „Јорктаун солушнс“ ги контактирале Фридом хаус, но дури и да е така, тој не смета дека тоа би било проблем.
Тенка линија
„Јорктаун солушнс“ ја води Даниел Вајдиќ, нерезидентен виш соработник во тинк-тенкот Атлантски совет, бивш главен службеник за Европа и Евроазија во Одборот за надворешни односи на американскиот Сенат и поранешен виш советник за национална сигурност во кампањата на Тед Круз за републикански кандидат на претседателските избори во Америка во 2016 година.
Вајдиќ не сакаше да даде свој коментар за овој текст, но потпретседателот на компанијата, Џонатан Грегори рече дека „Јорктаун солушнс“ е горда што ја претставува Стопанската комора на Србија и што „го промовира континуираниот развој на Србија додека таа го подготвува своето стопанство за да ги исполни строгите услови за полноправно членство во ЕУ“.
Од 2019 година, ПКС потпишала три последователни годишни договори со „Јорктаун солушнс“ во вредност од вкупно 1,5 милион долари за „стратешки советодавни услови со цел промовирање поголема комерцијална интеракција меѓу Соединетите Американски Држави и Србија и поттикнување ангажмани меѓу релевантните актери во Соединетите Држави и во Србија, кои влијаат врз прашањата на економските односи меѓу двете земји“.
ПКС е здружение на стопанственици и се финансира преку членарина. Но, напорите на „Јорктаун солушнс“ да стапи во контакт со Фридом хаус, која истакна дека напредњаците на Вучиќ го вратиле времето на часовникот на демократијата во поранешната југословенска република, создаваат ризик од замаглување на линијата меѓу легитимните интереси на српските фирми и интересите на владејачката партија во земјата, велат експертите.
„Лобирањето како пракса на дејствување и на борба за националните интереси на една држава во Америка начелно не е ништо спорно“, вели Милан Крстиќ, доцент на Факултетот за политички науки во Белград.
Но, како што истакнува тој за БИРН, „лобирањето за нешто што подразбира промена на индексот на демократија и на состојбата со слободите во една земја не значи економско лобирање, и во таа смисла тоа е лобирање за режим, а не лобирање за државата“.
„Ако нискиот рејтинг во извештајот на Фридом хаус претставува проблем за економскиот развој на Србија, тогаш Стопанската комора треба да изврши притисок врз владата за таа навистина да работи да ги поправи нештата што се наведени како лоши, како што е состојбата во медиумите. Наместо тоа, притисокот што доаѓа од Стопанската комора на Србија изгледа дека е насочен кон оние што оценуваат“.
Близок соработник на Вучиќ е потпретседател на ПКС
Чадез, некогашен новинар и портпарол на германската амбасада во Белград, истакнува дека „Јорктаун солушнс“ самостојно одлучува на кого ќе се обрати додека работи за ПКС.
„Ако е тоа во рамките на нашата договорена работа, тогаш тие можат да контактираат кого сакаат“, рече Чадез за БИРН.
Фридом хаус, како што рече, „се занимава со рангирање одредени сегменти што влијаат врз одредени одлуки и не гледам во што е тука проблемот“, додавајќи дека нема сознанија дали „Јорктаун солушнс“ навистина ја контактирале организацијата. „Српските бизнисмени го плаќаат економското лобирање за Србија, а економското не е секогаш одвоено од политичкото“.
Тој премин навистина е видлив во високите редови на ПКС. Еден од седумтемина потпретседатели е Никола Петровиќ, близок соработник на Вучиќ.
Од ПКС за БИРН велат дека не гледаат ништо лошо во лобирањето кај Фридом хаус бидејќи една од задачите на „Јорктаун солушнс“ е и одржување состаноци со „влијателни тинк тенкови што значително придонесуваат во формирањето на јавното мислење и можат да влијаат врз деловните одлуки на американските компании“.
Меѓутоа, Крстиќ смета дека настојувањето да се стапи во контакт со Фридом хаус го отвора прашањето дали Владата на Србија ја охрабрила ПКС да лобира кај оваа организација за да се избегне употребата на државни пари за таа цел.
Ваквото сценарио, со оглед на блискоста на раководството на комората со властите, не може да се исклучи“, нагласува тој.
Чадез негираше дека владата ја поттикнала ПКС да лобира кај Фридом хаус. Од кабинетот на премиерката Брнабиќ не одговорија на нашето барање за коментар.
Лобирање на владата на Србија во САД
Како и многу други држави, и Србија лобира во САД за промовирање на своите интереси по низа прашања, особено во врска со својата бивша покраина Косово, која во 2008 година прогласила независност.
Во март 2019 година, владата на чело со напредњаците потпишала договор со американската фирма Клири Готлиб Стин и Хамилтон ЛЛП за да го застапува Белград во спорот со Косово околу воведените такси, во согласност со договорот поднесен врз основа на Законот за регистрација на странски агенти во Единицата за регистрација ФАРА, која е дел од американското Министерство за правда. Не е познато колку ѝ е платено на компанијата за тоа. Договорот е завршен во септември таа година.
И претходните влади, пред доаѓањето на напредњаците на власт, имале договори со бројни американски лобистички фирми за промовирање деловни интереси, инвестиции, трговски и меѓународни односи, меѓу кои е на пример договорот од 2009 година вреден 85.000 долари месечно со компанијата Адванст практикал солушнс со седиште во Чикаго, како и договорот со фирмата Роберт Вајт ЛЛЦ со седиште во Вашингтон, на која за шест месеци ѝ се уплатени 900 илјади долари.