Цел грб со декубитни рани, неухранетост, афти во устата, комплетна дехидратација. Вака изгледала мајката на велешанката Снежана Арсова по десетина дена престој во приватен дом за стари лица. Пред да ја остави, Снежана раскажува дека жената имала само една мала декубитна рана, која зараснувала. Била неподвижна, но свесна, по преживеан мозочен удар. Бидејќи не можела за зборува, двете комуницирале преку стисок на раце.
Сѐ до заминувањето во домот.
„На мајка ми ѝ фалеше дел од увото, како некој да ја има гризнато. Не била поместувана воопшто. Велеа физиотерапевт секој ден ќе има. Нема врска. Буквално се оставени на милост и немилост неподвижните луѓе“, со гнев во гласот зборува ќерката.
Одлуката да ja остави во приватен дом ја донела за да има подобра медицинска нега од онаа што би ѝ ја пружиле дома по отпуштањето од болница. Снежана живее во странство, па немала многу време за мислење. Ниту, пак, опции. Од домот ѝ ветувале најдобра нега, а таа му верувала на системот, па затоа и немала сомнежи. Дури ни по првиот аларм – дека во посета може да се оди само со најава и никогаш внатре во собата.
Со слични правила се соочило и семејство од Скопје, кое донело одлука да остави во дом за стари лица, возрасна жена во поодмината фаза на Алцхајмер. Избрале еден од поскапите и отишле да потпишат договор. Пред да го сторат тоа, побарале да ја видат собата во која ќе биде сместена жената.
„Само преку камера“, им кажале од домот, „забрането е влегување внатре“. Во исто време, од нив побарале да се најавуваат пред доаѓање, нешто што ова семејство не сакало да го прифати. Затоа, наместо старски дом, ангажирале жена, која болната старица ќе ја чува во домашни услови, додека состојбата го дозволува тоа.
Во меѓувреме и тие, а и секој што се соочува со потреба да ги згрижи немоќните родители, се соочуваат со страшни сведоштва за искуствата низ старските домови. Тие говорат за седирање на луѓето за да бидат мирни, за тепање на недвижните болни, за врисоци што се слушале по телефон, за стари луѓе што умираат кратко по оставањето.
Долги листи на чекање
Како е можно луѓето да се соочуваат со вакви искуства? Дали никој не контролира што се прави по старските домови?
На хартија, контрола има, преку еден закон и два главни правилника. Најважната улога тука ја имаат инспекторите од Министерството за труд и социјална политика. Но, тие ги кријат наодите за тоа што навистина гледаат во домовите, кога одат во нивна контрола.
Барем таков впечаток се стекнува по неколку барања, пет месеци преписки, две прифатени жалби од Агенцијата за пристап до информации од јавен карактер и еден брифинг, записниците за надзорите на домовите не ни беа доставени.
Од МТСП немаа одговор на прашањето зошто не можеме да ги добиеме записниците. Само велат дека „работата на домовите редовно се контролира и сѐ се става на сајт“.
Меѓутоа на сајтот се објавуваат само решенија од надзори за тековната година. Тие се скудни и напишани со административен јазик.
Од нив може да се види дека во 2023 година имало осум контроли, во исто толку приватни домови за стари лица, од 39 колку што работат во моментов. Во сите е констатирано дека недостига стручен персонал, како медицински сестри или негувателки. Во еден од овие домови, инспекторите забележале и дека не се водела евиденција за одржување на личната хигиена на корисниците, во друг немало алармен систем, во трет, иако добил лиценца, собите не биле уредени според правилникот.
Проблем со медицинската грижа, инспекторите не забележале. Впрочем, домовите и немаат обврска да вработат лекари, меѓу инспекторите, исто така, нема лекари што би знаеле да направат контрола за здравствената состојба на корисниците, а и самите домови се водат како социјални, а не здравствени установи, па затоа за нив е надлежно Министерството за труд и социјална политика, а не за здравство.
Исклучок од ова е само скопска геријатрија која е единствената установа што има голем тим од доктори и специјалисти за палијативна нега, но со капацитет од само неколку стотини легла. Листата на чекање за таму е огромна. Како и во другите јавни домови, кои се поевтини, но тешко се доаѓа до место. Ги има само пет, а општините не покажуваат ентузијазам за отворање нови домови.
Ретко кој се жали
Зошто не се жалевте?, ги прашавме луѓето што со нас ги споделија своите искуства. Најчесто одговорот е неверување во системот и немањето енергија да се проживува траумата повторно.
И навистина, од МТСП велат дека луѓето ретко пријавуваат проблеми во старските домови. И кога го прават тоа, се работи главно за пари, а не за негрижа или за лоши услови или ужасните искуства за кои сведочеа соговорниците на БИРН. Не, велат од Министерството, луѓето доаѓаат најчесто да приговараат за невратени пари од однапред платено сместување кога старото лице ќе почине на почетокот на месецот.
Со тоа се согласува и Љупчо Захариев, сопственик на приватен дом и претседател на Здружението „Се грижам“, кое обединува повеќе домови за стари лица. Тој вели дека не чул за лошите искуства што се споделуваат и уверува дека сите домови се трудат да работат најдобро што можат.
И повеќе од тоа. „Понекогаш и луѓето очекуваат премногу, бидејќи домовите за стари лица не се болници“.
Кај нас, за разлика од европските, па и балканските држави, во ист објект истовремено се сместуваат стари луѓе што се релативно здрави и подвижни, и лица во поодмината фаза на деменција, па дури и оние кај кои болеста е толку напредната и се знае дека смртта е блиску. А секоја од овие состојби си бара и посебна нега и услови, кои многу од домовите се неподготвени да ги пружат.
„Луѓето (често) се носат во многу тешка здравствена состојба, а мора да ги примиш. Нема кој да ги прими, нема кој да се грижи за нив, без разлика што го знаеш исходот“, искрен е Захариев.
За да избегнат лоши искуства, дел од домовите веќе почнаа да одбиваат лица со деменција и да прават посебни ценовници за медицинските услуги што ги нудат. А со тоа да стануваат поскапи и достапни за уште помал број корисници.
Во земјава работат 39 приватни домови, лоцирани главно во Скопје, а сите заедно имаат капацитет од околу 1.600 легла. Нив можат да си ги дозволат оние со високи пензии. Месечниот престој е над 500 евра.