Старата сребрена монета „талир“, која во Македонија повеќе е позната како правосуден маркер за обвинението на некогашното специјално јавно обвинителство за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, уште долго ќе остане „закопана“ низ правосудните ходници.
На 18 февруари предметот ќе одбележи нов неславен јубилеј – ќе влезе во шестата година како се суди во прв степен без пресуда.
Денешното рочиште за овој случај беше одложено. Следното е закажано за 26 месецов.
На оваа правосудна „епопеја“ ѝ се закануваат нови медиумски наслови, а причината за тоа е што судијата Осман Шабани кој го суди предметот, за некој ден треба да се „пресели“ во друг, повисок суд, поточно во Скопска апелација, каде што беше избран лани.
Тоа ќе значи дека предметот, во кој има обемен доказен материјал повторно би почнал да се суди од почеток. Одново ќе се читаат доказ по доказ, уплатница по уплатница.
Истото се однесува и за предметот „Титаник“, што го суди Шабани. А таму доказите се мошне обемни во стотици страници.
Единствената можност тоа да не се случи е Судскиот совет да му ги делегира предметите на судијата додека не ги заврши.
Очигледно на овој процес му е „судено“ да се влече долго. Првин „се мачеше“ да почне со месеци. Се смени судија, се менуваа поротници и неколкупати почнуваше одново.
Еден од последните „нови почетоци“ на „Талир“ му беше лани во декември, кога поради повлекување на поротник, судењето почна од почеток.
Таа пракса на „тргни-застани“ се провлекува од февруари 2019 година кога почна судењето за овој случај.
По „минус“ едно дело со измените во КЗ
Влијание за развлекување на случајот дополнително имаа и измените на Кривичниот законик, со кои драстично се намалија законските казни, а со тоа и роковите на застареност.
Во случајот, веќе му застаре едно од делата за Миле Јанакиески, а за обвинетите Никола Груевски и за Кирил Божиновски кривичното дело злоупотреба на службената положба им застарува во јануари 2026 година.
Тие, во таков случај, како и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ би се гонеле само за перење пари.
Обвинетата Елизабета Чингаровска, пак, призна вина и доби условна казна затвор.
Груевски во „Талир“ е обвинет дека во периодот од 2009 до 2015 година обезбедил пари за партијата од анонимни и незаконски извори. Според обвинението на Ленче Ристоска и Љубомир Лапе, во собирањето пари му помогнале Божиновски и Јанакиески, кои вршеле притисок врз фирмите што тогаш добивале тендери да обезбедат готовина за потребите на ВМРО-ДПМНЕ. На ваков начин партијата добила над 4 милиони евра.
Обвинителството тврди дека Илија Димовски, Леко Ристоски, заедно со Јанакиески и Чингаровска како потписници на партиските сметки ги пуштиле овие пари во оптек иако знаеле дека се стекнати нелегално.
Во Скопска Апелација, пак, уште не е пресуден предметот „Талир 2“, за конфискацијата на белата палата. Таму Груевски е неправосилно осуден на затвор од 6 години, а Кирил Божиновски на условна казна.
Вишиот јавен обвинител Јове Цветановски предложи оваа пресуда да се укине, и предметот да се суди одново. Според информации на БИРН се очекува месецов Апелација да пресече.