Регион

Ветерани на ОВК му се заканувале на „косовски“ драматург

Драматургот, Јетон Незирај, изјави дека ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВК), му се заканиле дека ќе го убијат, ако ја постави својата нова претстава, бидејќи сметаат дека таа ги деградира силите на ОВК.

‘Бордел Балкан’. Фотографија на Јетон Незирај

Пишуваат: Дие Морина и Лиридона Адемај, Приштина

Незирај изјави дека заканата, ветераните му ја испратиле еден ден пред премиерата на драмата „Борделот Балкан“ во Косовскиот народен театар во Приштина, закажана за в петок.

„Група од околу осум или девет ветерани дојдоа во Народниот театар и со закани и навреди јасно ставија до знаење дека ќе ја спречат премиерата. Меѓу другото, тие упатија и смртни закани“, рече Незирај.

Поранешните борци веруваат дека претставата ја навредува борбата на ОВК против српскиот режим.

„Оваа реакција (против Незирај) доаѓа како резултат на информациите што ги имаме, дека претставата ја деградира борбата на ОВК и нашите национални вредности. Се сретнавме со авторот на таканаречената претстава и тој одби да ни го покаже сценариото“, соопштија од Организацијата на ветерани на ОВК.

Незирај ги повика граѓаните да дојдат на претставата и да ја заштитат слободата на говорот.

„Би сакал да ја поканам јавноста да дојде на премиерата и да ја поддржи претставата. Ова треба да биде битка која се однесува на сите нас, борба на луѓе кои сакаат слободата на креативноста и слободата на говорот да бидат над заканите, уцените и повиците за убиство“, рече Незирај.

Тој изрази сомневање дека ова е само реакција на ветераните, бидејќи, како што рече, тие сѐ уште не ја виделе претставата.

„Оваа предвремена реакција укажува дека тие се изманипулирани од страна на некој кој сака да создаде непоправлив скандал околу претставата и да ја врати оваа земја во темнината во која, меѓу другото, естетската вредност и театарските стандарди ги пропишуваат аматери“, рече тој.

Според косовското списание за култура, КултПлус, „Бордел Балкан“, е базирана врз Ехиловата трилогија „Орестија“, која е ставена во современ балкански контекст и се занимава со моралните дела и заблуди.

Андраш Урбан е режисер на претставата, напишана од Незирај, поранешен уметнички директор на Косовскиот народен театар, а сега директор на „Мултимедиа центар“, театарска продукциска компанија со седиште во Приштина.

Незирај напишал повеќе од 20 претстави, кои се играле во САД, како и во земјите во Европа.

Објавено и на Балканска транзициска правда