Камион на кој играа три „дрег-кралици“ на високи потпетици, техно-музика и гласни свирчиња, „Босанка сум, се вљубив во Македонка“ и транспаренти со слични пораки.
Знамиња, беџови и стикери во боите на виножитото, гости од странство и најмногу од бивша Југославија, по некоја јавна или славна личност, новинари – онлајн и офлајн-активисти, две министерки и неколку амбасадори, многу полиција и бројна публика што стримаше од прозорците на околните згради.
По некој збунет лик на тротоарите и малку, навистина само неколку злобни клише-коментари и пцости од случајните минувачи.
Вака денеска изгледаше првата Парада на гордоста во Скопје организирана од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија. Повеќе стотици попладнево парадираа од Жена-парк, преку центарот и покрај Владата, па сè до Градскиот парк, каде што „прајдот“ прерасна во забава на платото пред популарната Школка.
Парада во вистинско време
„Се случи ‘шифт’, промена во однос на поддршката. Сега во јавноста повеќе луѓе ја поддржуваат ЛГБТ-заедницата, од тие што нè мразат“, ни рече активистот Кочо Андоновски, кого го сретнавме во канцелариите на Хелсиншкиот комитет, неколку часа пред почетокот на парадата.
Затоа, вели тој, сега е вистинско време за „прајд“. Цели 15 години откако Андоновски за првпат јавно проговори за проблемите на сексуалните малцинства во емисијата „Чуму“ на А1 телевизија.
Утрово во канцелариите на Хелсиншкиот комитет привршуваа последните подготовки за парадата. Се допишуваа транспарентите, се проверуваа акредитациите и се делеа „токи-воки“ уреди за подобра комуникација меѓу организаторите. Таму беа и директорката на Хелсиншкиот, Уранија Пировска, активистката Ирена Цветковиќ и уште десетина млади и волонтери.
„Само до пред три години не можевме да замислиме толку волонтери, млади луѓе“, дециден беше Андоновски.
Неколку кафулиња и еден фризерски салон деновиве јавно го истакнале знамето на ЛГБТ-заедницата, а „Кока-кола“ го препознала моментот и направила посебна кампања. Произвела 250 шишиња во амбалажа што се прелива во боите на виножитото, а на шишињата наопаку ја напишала пораката „Љубовта е секогаш исправна“.
Наопаку е за да испадне исправно на „селфи“.
Друштво од помлади девојки, пак, ги сретнало организаторите во кафуле и им подарило плетено знаме во боите на виножитото.
Сепак, не одело сè мазно.
На неколку дена пред парадата им откажала компанијата за обезбедување, која требало да ги проверува учесниците на „прајдот“. За среќа, навреме успеале да најдат замена.
Некаде пред десет часот, волонтерите веќе беа подготвени. Се намачкаа со крем за сонце и тргнаа по насоките што им ги дадоа организаторите. Некои отидоа право во Жена-парк, други кај Школка, а третите имаа задача да ги донесат гостите од странство.
„Само одете со такси, ве молам!“, ги предупреди еден од повозрасните, стравувајќи да не се случи инцидент зашто веќе ги носеа препознатливите Skopje Pride-маички.
Ни објаснија дека најчесто нападите врз учесниците на парадите се случувале надвор од местото на прославата, насилниците ги начекувале на заминување или пред нивните домови.
Додека во канцеларијата се преместуваа кутии, се делеа последните задолженија и се чекаше таксито до Жена-парк, ги чувме дебатата за разликата меѓу термините „дрег-квин“ и „био-квин“, како и приказната за ќерката на пејачката Шер, која во Белград го сменила полот и станала маж.
„Има многу, многу полиција“, ова беше кусата полуекспертска проценка на таксистот со кој се возевме.
Иако, тешките оклопни возила паркирани зад Собранието говореа сами за себе.
Лезбејска двојка и „кралици“ во Жена-парк
Учесниците на парадата до пладне се собираа во оградениот дел од паркот пред ГТЦ. Од другата страна на барикадите на полицајците им правеа друштво љубопитните граѓани, кои, намерно или не, речиси сите носеа бејзбол-капчиња и црни очила за сонце.
Внатре во паркот шаренилото преовладуваше над зеленилото. Доминираа млади луѓе, но можеше да се видат и пензионери и по некоја бебешка количка.
Таму во прегратка ги сретнавме Нера и Ида, лезбејска двојка од Сараево. Нера е Босанка, а Ида е родена во Шведска. Во главниот град на Босна и Херцеговина се запознала со својата партнерка.
„Во Сараево на улица еден човек плукна врз нас, само затоа што се држевме за рака. Да немаше луѓе наоколу, можеби и ќе нè удреше“, се довери Нера.
Таа ги поканува учесниците на скопскиот прајд на Парадата на гордоста во Сараево на 8. септември годинава.
Сретнавме и активисти од Турција. Тие од 2013 година и не можат баш слободно да се собираат во Истанбул и во другите градови. Во земјата на Ердоган, проблем не се само радикалните сограѓани, туку и полицајците, го растураат секој нивни собир.
„Се надеваме дека нема да биде така и утре на Таксим“, велат тие.
Главната атракција денеска беа трите „дрег-квинс“. Буквално сите ги фотографираа, некои се обидоа и да се запознаат со атрактивните „кралици“, а новинарите не пропуштија шанса да ги интервјуираат.
За време на поворката можеше да се слушнат и непристојни дофрлања од тротоарите, па дури и по некоја пцовка, меѓутоа инцидент не се случи. Парадата заврши во Градскиот парк пред Школка, повторно во заграден дел, обезбедуван од полицијата. Таму дојдоа уште луѓе, некои од нив и со децата или со миленичињата. Тамам на стартот од забавата да ја слушнат Тамара Тодевска со нејзината евровизиска песна „Proud“.
Галерија [Фотографии на Роберт Атанасовски]