Владата четирипати досега позајмува автомобили од висока класа, ги враќа за три години, а за таа услуга плаќа речиси иста цена колку што чини да се купи нов автомобил од истиот модел.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦКГ) покажа дека во периодот од март 2020 наваму, владината Служба за општи и заеднички работи, која ги снабдува со стоки и услуги министрите, другите функционери и институциите, била најголем трошаџија за возила од сите државни органи, со набавката на 45 автомобили од моделот „шкода суперб“ за 1.756.571 евра дадени за оперативен лизинг. Во просек, тоа би значело, за едно возило владата плаќа нешто над 39 илјади евра.
Договорот за оваа набавка бил склучен во јули 2021 година со фирмата Порше лизинг.
Ова не е првпат СОЗР да биде рекордер според сумата потрошена за возила во истражувањата на ЦКГ за набавките на возила во институциите. Така беше и во извештајот за периодот од 2018 до 2020, кога беа дадени 1,8 милиони евра за 46 возила „фолксваген пасат“, како и меѓу 2013 и 2015, кога се потрошиле 1,7 милиони за 42 автомобили од истиот тип.
Од 23 на 45 автомобили
Првиот пат кога оваа институција набави автомобили од висока класа преку оперативен лизинг беше во 2012 година, но тогаш нивниот број беше 23, а потоа се зголемуваше, иако бројот на министри во Владата остана приближно ист. Во сите четири случаи, во јавноста се отвораше сомнеж за исплатливоста на оваа набавка, која подразбира враќање на возилото откако ќе истече договорениот период, а потрошената сума секогаш беше приближно еднаква на цената да се купи ново возило.
Владата досега ја правдаше оваа пракса со тврдења дека на овој начин се штеди.
„Оперативниот лизинг, според проценките, е најповолното решение, затоа што, освен за гориво, нема никакво буџетско трошење во период на користење на овие возила. Ваквиот начин покрива каско осигурување, сервис и резервни делови, што со поинаков модел би паднал на товар на државниот буџет“, изјави пред една година портпаролот Душко Арсовски од говорницата во владиниот прес-центар.
За десет години, на овој начин владата зела 156 автомобили. Од нив, 111 се вратени, а другите се користат во моментов. Тоа државата ја чини околу шест милиони евра.
БИРН од СОЗР побара податоци на кој начин е пресметано дека оперативниот лизинг е поисплатлив од купувањето возила и кој точно ги користи 45-те набавени автомобили со последниот договор, и одговорите ќе ги објавиме штом ќе ни бидат доставени.
За набавките на возила преку оперативен лизинг се заинтересира и Антикорупциска корупција.
„Го работиме предметот и наскоро ќе ги соопштиме наодите“, рече претседателката Билјана Ивановска.
Поголем процент скапи автомобили
Податоците на ЦГК покажаа дека во време на корона-кризата, значително се намалиле трошоците за набавка на нови автомобили за институциите. За споредба, меѓу 2018 и 2020 биле потрошени 8 милиони евра за 392 возила, а од 2020 наваму 3,6 милиони евра за 142 автомобили.
Но, за разлика од претходниот период, кога само околу 25 отсто од автомобилите биле поскапи од 30 илјади евра, сега над 40 отсто го надминале тој праг. Тоа најмногу се должи на фактот дека претходниот договор за лизинг за возила за владините функционери истече и требаше да се набават нови.
Владините автомобили не се најскапи. Државната видеолотарија купила уште поскапа „шкода суперб“, од 47.500 евра. Тоа беше случај и во 2018 година, кога оваа институција набави возило од истиот модел како владините, но поскапа верзија (нивниот „пасат“ тогаш чинеше околу 52.000 евра, а владините 39.500).
Но, за разлика од тогаш кога и двете установи ги зедоа возилата на оперативен лизинг, овојпат Државната видеолотарија си го купи автомобилот, а Владата повторно ги зеде на заем.
Видеолотаријата купи уште еден автомобил – „мерцедес“ за 44.000 евра. Поскапо возило од владините се вози и во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), чие ново „хјундаи сонада“ чини над 43 илјади евра.
„Шкода суперб“ на оперативен лизинг е набавена и за претседателот Стево Пендаровски, за 300 евра повеќе од владините.
Меѓу државните органи што купиле автомобили поскапи од 30 илјади евра се и Министерството за одбрана, Железници на РСМ-Транспорт, Финансиската полиција, Га-Ма и Развојната банка.
Сепак, најскапите возила во овие две години се многу поевтини од рекордерите во периодот 2018-2020, кога Општина Струга купи „ауди“ од 67 илјади евра, Општина Дебар „фолксваген“ од 50 илјади евра итн.
Најголемиот број институции што купувале возила во изминативе две години набавиле по еден до два автомобили. Исклучок е Државниот пазарен инспекторат, кој купил 11 автомобили „ситроен“ и 10 „фиат“, кои чинат околу 10-11 илјади евра по парче. Инспекторатот имаше купено 23 возила и во периодот од 2018 до 2020 година, што значи дека сега има 44 нови автомобили за неговите 169 инспектори.
Иако поранешниот премиер Зоран Заев минатата година најави „позеленување“ на државниот возен парк преку набавки на електрични или на хибридни автомобили, сепак Владата останува на дизел, а хибридни автомобили купиле само некои институции како АЕК и ИЗИИС.