Анализи

Вон контрола: Многу клубови, малку лиценци

Државен документ открива „дупки“ во лиценцирањето ноќни клубови

На крајот на јуни минатата година, во Скопје останале само три угостителски објекти што легално можеле да работат по полноќ, односно по работното време предвидено за кафулиња и за ресторани. Тоа го покажуваат последните податоци за издадени лиценци за угостителски дејности објавени на веб-страницата на Министерството за економија и труд.

Две од овие места биле регистрирани како кабареа, а едно како диско-клуб на отворено. Две се наоѓаат кај Градски парк, а едно во близина на театарот „Комедија“. Ниту еден друг објект во главниот град што во тој период примал гости по полноќ или по 1 часот во викендите, не работел легално.

А дека имало и други локации, освен овие, на кои се одржувале ноќни забави, има многу сведоштва на социјалните мрежи, меѓу другото и реклами од самите клубови што ги нема на списокот со лиценци.

Документот од Министерството содржи податоци од 2017 до средината на 2024 година. Од него може да се види дека секоја година во целата држава се издавале по триесетина вакви одобренија за угостителските објекти од типовите кабаре, ноќен клуб, диско-клуб и диско-клуб на отворено (единствените што може да работат ноќе), со исклучок на пандемиските години, 2020 и 2021, кога бројот паднал на само седум, односно дванаесет. Најмногу, 39 лиценци, се издале во 2017, во 2023 година имало 33, а во првата половина од 2024 година – 16.

Овие документи за работа се издаваат на годишно ниво, а компаниите што управуваат со вакви угостителски објекти имаат обврска да ги обноват откако ќе им истечат. Од списокот на Министерството може да се види дека многу клубови и кабареа не го прават тоа редовно, односно имаат „дупки“ меѓу една и друга лиценца. На пример, пет познати скопски објекти, кои добиле лиценци во првата половина од 2023, не ја обновиле во 2024 година. Но, нема информации дали тие навистина не работеле во периодите кога немале документи.

Дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која во пожар изгореа 59 лица, извадила лиценца во 2021 година, а потоа во 2023. Според повеќе сведоштва, таа работела постојано.

Од Министерството за економија, пак, за БИРН велат дека во моментов имаат издадено вкупно 24 активни лиценци, од кои 20 се за кабаре, две за диско-клуб и две за диско-клуб на отворен простор. Уште пет барања се во постапка.

Антикорупциска предупредуваше уште во 2023 година

Дека има проблем со лиценците алармираше Државната комисија за спречување на корупцијата уште во 2023 година. Антикорупциската утврдила незаконско работење на инспекторите на Државниот пазарен инспекторат при проверки во скопските ноќни клубови, во текот на 2022 година. Постапувале по две анонимни претставки, за работа на клубовите без лиценци и надвор од работното време.

Утврдиле дека, иако инспекторите редовно  вршеле контроли и изрекувале санкции што газдите ги плаќале, локалите не биле затворани, и покрај тоа што не поседувале лиценци за работа.

ДКСК утврдило дека дел од нив зеле лиценци за следната, 2023 година, додека други продолжиле да работат без нив, што „говори за концентрација на голема моќ и влијанија од страна на сопствениците на овие локали над државни тела и органи.“

За еден угостителски објект да добие лиценца за ноќен клуб, диско-клуб или за кабаре треба да исполни повеќе технички услови за тоа колку отворен простор да има по посетител, каков мебел и опрема може да се користи во него, каква сцена за настапи и многу друго. Меѓу условите се и правилата за противпожарна заштита, како минималните висини, опремата за гаснење пожар и резервните излези што секој таков објект мора да ги има.

Колку се контролираат ноќните клубови

Пулс во Кочани со години работел на диво | Фото: ФБ на клуб Пулс

Ден по несреќата во Кочани, надлежните не престанаа да набројуваат што сè немала и не исполнувала дискотеката „Пулс“. Најпластично, состојбата во опскурниот објект ја објасни обвинителот Љупчо Коцевски. Рече дека местото никогаш не бил регистрирано за угостителство, туку за лесна индустрија, а имало внатрешност од гипс картон без огноотпорни средства, немало спуштен таван со противпожарни материјали, ниту систем за известување за пожар.

Сево ова, пред да се случи несреќата, требало да го забележат пазарните инспектори, кои,  всушност, имаат огромни ингеренции во контролата на сите фирми. Тие се надлежни за многу прекршувања од тоа дали се издаваат фискални сметки и дали им се точи алкохол на малолетници, до тоа дали угостителскиот објект ги исполнува минимално техничките услови и дали има лиценца за работа.

Всушност, и во истрагата за пожарот во клубот „Пулс“ сега се приведени  тројца пазарни инспектори.

Во пазарната инспекција, според последните јавно објавени податоци од 2023 година, биле вработени вкупно 255 луѓе, но не се знае колку од нив се инспектори, а колку администрација.

Во 2024 година, пак, спровеле вкупно 5.586 контроли, но само 176 од нив биле според законот за угостителска дејност, под кој се водат, не само кабареата и ноќните клубови, туку и други објекти, како хотели, ресторани и кафулиња.

По несреќата, државниот врв најави темелни контроли за угостителските објекти што работат како ноќни клубови, за тоа дали ги исполнуваат, пред сè, условите за противпожарна заштита. Се очекува оваа акција да ја спроведе пазарната инспекција. Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека сите клубови што немаат лиценца ќе бидат затворени.