Достасаните и неплатени долгови на јавните здравствени установи во земјава во јуни 2016 година изнесуваат вкупно 3,13 милијарди денари односно 50,9 милиони евра. Податоците на Фондот за здравствено осигурување што ги обработи Центарот за граѓански комуникации покажуваат дека долгот на државните здравствени установи во јуни годинава е зголемен за 118,2%, односно повеќе од двојно споредено со декември 2011 година. Во споредба со крајот на минатата година, пак, вкупните долгови благо се намалиле за 1,18%.
Вкупно 1,28 милијарди денари (20,9 милиони евра) или 41% од целата сума на долгови, јавните здравствени установи си ја должеле меѓу себе врз основа на извршени сервисни услуги, додека пак, најголем дел од останатите долгови се кон приватни фирми добавувачи на лекови и медицински материјал.
Базата на податоци што ја изработи Центарот за граѓански комуникации овозможува детален преглед на сите неплатени обврски на одделните јавни здравствени установи, од декември 2011 година до јуни 2016 година.
Најголем должник меѓу државните болници и клиники е Институтот за трансфузиона медицина со достасан долг од 275,8 милиони денари (4,5 милиони евра) што е 8,8% од вкупните долгови во јуни.
Јавни здравствени установи со најголеми долгови
Со долг од 246,6 милиони денари (4 милиони евра), или 7,9% од вкупните долгови, втора на листата е ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар – Скопје.
Следуваат Градска болница 8-ми Септември – Скопје со неплатен долг од 191,3 милиони денари (3,1 милион евра) што е 6,1% од вкупната сума, Клиника по хируршки болести – Св. Наум Охридски – Скопје со долг од 174,7 милиони денари (2,84 милиони евра) или 5,6% од вкупните долгови, Општа болница – Куманово со долг од 165,1 милион денари (2,7 милиони евра) или 5,3% од целиот долг.
Меѓу првите 10 најмногу должни здравствени установи во јавниот сектор се и ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести со достасан и неплатен долг од 123 милиони денари (2 милиони евра), Општа болница – Прилеп со долг од 122,8 милиони денари (2 милиони евра), Институт за јавно здравје на Република Македонија со долг од 113,5 милиони денари (1,8 милиони евра), Општа болница – Гостивар со долг од 91,1 милион денари (1,5 милиони евра) и ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија којашто до јуни не подмирила обврски во вредност од 84,9 милиони денари (1,4 милиони евра).
Интересно е што првите 10 најдолжни јавни здравствени установи, всушност зафаќаат половина од вкупниот долг, односно 50,7%.
Јавни здравствени установи со најголем раст на долговите
Најголем раст на долговите на јавните здравствени установи е забележан кај Градската болница 8-ми Септември-Скопје која во декември 2011 немала долгови, а во јуни годинава должела 191,3 милиони денари (3,1 милион евра). Следува Универзитетска клиника за детски болести која во декември 2011 година исто така немала долгови, а во јуни 2016 имала достасан и неплатен долг од 123 милиони денари (2 милиони евра). Без неплатени обврски на крајот од 2011 година била и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св.Еразмо-Охрид, а во јуни 2016 година нивниот износ е околу 84 милиони денари (1,4 милиони евра).
Во групата на десетте здравствени установи што имаат најголем скок во вредноста на достасани и неплатени обврски се институции кои главно немале долгови во декември 2011 година.
Од вкупно 114 јавни здравствени установи, само кај 29 од нив е евидентирано намалување на долгот, а 8 здравствени установи до јуни годинава успеале да го сведат на нула. Уште 8 здравствени установи исто така немаат долгови, но немале ниту во 2011 година.
Инаку, неплаќањето на достасаните обврски повлекува блокирање на сметките на јавните здравствени установи, но тоа не го блокира исплаќањето на платите на вработените кои со воведувањето на трезорското работење на Фондот за здравствено осигурување добиваат плати од посебна сметка; туку го доведува во прашање квалитетот на јавното здравство, односно навремената набавка на лекови и медицински материјали.
Државните здравствени установи причината за зголемувањето на долговите ја гледаат во малите буџети што ги добиваат од Фондот за здравствено осигурување.