Извештај

Заев: Изборниот пораз на СДСМ се должи и на неисполнетите ветувања на ЕУ

Поранешниот премиер од Атина ги анализираше состојбите

„Изборниот пораз на СДСМ на парламентарните и претседателските избори во значителен дел се должи на демотивираните прогресивни гласачи, уморни од неисполнетите ветувања на ЕУ за побрзо пристапување“ вели за БИРН поранешниот премиер и претседател на СДСМ Зоран Заев.

„ЕУ не нe` предаде“, вели тој, но нагласува дека „тие не ги исполнија сите обврски“.

Конференциската сала на Конзерваториумот во Атина вечерта на 17 јуни беше преполна додека Заев и неговиот поранешен грчки колега Алексис Ципрас говореа за значењето на договорот за името од Преспа од 2018, за потребата да опстане и за неговата политичка цена.

Со дводневната меѓународна конференција за мир и одржлив развој, која ја орагнизираа двајцата поранешни премиери, беше одбележана шестата годишнина од историскиот договор.

По двата договора, прво добрососедскиот со Бугарија во 2017 година, а потоа и Договорот од Преспа со Грција во 2018 година, Македонија ја дочекаа нови блокади во ЕУ. Земјата влезе во НАТО во 2020 година, но почетокот на пристапните преговори со ЕУ не се случи, што Заев оцени дека било разочарување.

„Имаше демотивација на прогресивните гласачи поради ЕУ. Се случи методологијата на Макрон, и се случи Бугарија… Има мешавина од причини“, рече тој за изборниот пораз во мај.

Во официјалниот говор, пак, поконкретно ги спомена и другите причини за поразот. Правејќи ретроспектива на владеењето рече дека слабата борба против корупцијата на неговата партија, исто така, придонела за изборниот пад. Сепак, тој додаде дека откако си заминал од кормилото нема видлив успех и во борбата против криминалот и корупцијата.

На настанот во Атина, Ципрас пак рече дека доколку не се почитува договорот од Преспа, не само што е загрозена ЕУ перспективата на Северна Македонија, туку и нејзиното „постоење“, бидејќи ѝ се заканува „меѓународна изолација“.

Тој истакна дека „трети земји“, како Турција и Русија, се обидуваат да интервенираат на Балканот. Затоа, рече тој, договорот е од „стратешко“ значење и за ЕУ.

Надоврзувајќи се на ставовите на Ципрас, Заев подвлече дека се работи за дебата што е во тек меѓу прогресивните сили, кои се борат „да продолжат да ги мотивираат луѓето за ЕУ, НАТО и за западните и вредностите на ЕУ“.

„Источниот дел од светот сака да има влијание врз Северна Македонија; сепак, тие не нудат слобода, демократија, западни вредности и вредности на ЕУ“, рече тој.

Поранешниот премиер ја спомена одбранбената соработка меѓу Грција и Северна Македонија која беше воспоставена со Договорот од Преспа, со кој, грчкото воздухопловство во ноември 2021 година ја презеде одговорноста за заштита на воздушниот простор над земјата, која продолжи до јули 2023 година.

„Ја избравме Грција, давајќи доверба, бидејќи тоа е и наш интерес“, објасни Заев, додавајќи дека ако патот на Северна Македонија кон ЕУ е блокиран, тоа го отвора патот за „источно“ (руско или кинеско) влијание врз земјата и нејзиното население.

„Ние обично сакаме да соработуваме со сите, но ние сме посветени на НАТО и ЕУ“, рече Заев.

Според него членството, исто така, ќе ги спречи младите да „ја напуштат земјата, што, како што вели е уште поголема закана за него од заканата од источното влијание во Северна Македонија.