Анализи

Заев не го отпишува Ахмети и откако СЈО го попиша

Коалицијата ќе добие нови партнери, но старите остануваат | Фото: Роберт Атанасовски

Откако СЈО повторно го спои Ахмети со Никола Груевски, овој пат во истражна постапка, се зголемија критиките од јавноста кон СДСМ дека се премногу толерантни кон коалицискиот партнер. Овој пат тие се засилија и со пораки дека власта, наместо целосно да се справи со сомнителните дејства на претходната владејачка структура, му овозможува на дел од неа да се рехабилитира преку учеството во институциите, па дури и преку демонстрирано самоволие. Повеќе инциденти досега беа толкувани како обиди на Ахмети да покаже дека тие се главни во Владата, а дека СДСМ мораат да ги слушаат за да не им се распадне коалицијата.

Но, ниту постапката на СЈО нема да ја прелeе чашата. Ниту од партиите има навестувања дека оваа истрага ќе влијае на нивните меѓусебни односи, ниту политичките аналитичари не очекуваат дека позицијата на ДУИ во Владата ќе се разниша, до следните избори.

Со други зборови, како што владината коалиција не се разниша по инцидентот со Бекир Асани и припадничката на МВР, одбивањето на Бујар Османи да оди на конференција во Бања Лука, караниците за патните трошоци и други несогласувања, така се очекува таа да остане стабилна и откако Специјалното јавно обвинителство отвори истрага против лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со пописот од 2011 година.

Според објаснувањата на аналитичарите што ги контактиравме, влада без ДУИ е крајно неизводлива, и раскинувањето на врската меѓу СДСМ и ДУИ може да резултира само со нова политичка криза и предвремени избори, нешто што засега сите се обидуваат да го избегнат. Може само малку да се „омекне“ влијанието на ДУИ со внесувањето нови партнери во власта, што е веќе најавено, иако сѐ уште траат преговорите и нема ништо извесно.

Немешање на судската и на извршната власт

Владините партнери даваат слично објаснување зошто истрагата против Али Ахмети нема да се одрази врз односите во коалицијата – немешањето на судската и на извршната власт. Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека за такво нешто воопшто не се разговарало.

„Правосудството нема врска со извршната власт. Тоа треба да тера, тераат и против Заев, тераат и против Ахмети веројатно. Извршната власт е најподатлива да прави кривични дела. Во иднина очекувам конкретни предмети против секој што има индиции дека можеби се огрешил или слично. Тоа е она што треба да го работи правосудството. А немаше прилика изминатите 11 години да се отворат предмети против некои високи претставници на власта или слично. Апсолутно органите на прогонот треба максимално да бидат посочени во спречувањето на секој можен криминал, но најмногу на криминалот создаден од страна на извршната власт“, рече Заев.

Пратеникот Артан Груби од ДУИ отфрла каква била можност партнерството во власта да се наруши поради тоа.

Како што владината коалиција не се разниша по инцидентот со Бекир Асани и други несогласувања, така се очекува таа да остане стабилна и откако СЈО отвори истрага против Ахмети во врска со пописот од 2011 година

„За тој случај се има изјаснето Собранието уште во 2011 година, кога со закон беше прекинат пописот, и тука нема ништо спорно“, рече Груби.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека иако допрва ќе се види како ќе се развива случајот на СЈО, тој нема да послужи како повод за распад на коалицијата.

„Во сите негови јавни настапи, Али Ахмети ја поддржувал работата на СЈО и мислам дека тоа ќе остане. Предметот против него е во истражна постапка и ќе видиме што ќе направи обвинителството.  Но, мошне сум сигурен дека тоа нема да влијае врз коалициските односи. И Заев оди на суд, па партнерите не ја оспоруваат неговата позиција“, смета Муслиу.

Марко Трошановски, претседателот на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, пак, вели дека истрагата има потенцијал да ја наруши коалицијата, но само ако во иднина се развие како судски случај.

„И тогаш коалицијата не би се прекинала поради тоа, бидејќи би било спротивно со заложбите на Владата за немешање на судската и на извршната власт. Би се нашол друг повод, но причината би била таа“, додава Трошановски.

Или партнерство или предвремени избори

Судската власт не е поврзана со извршната и затоа коалицијата останува, велат партнерите | Фото: Роберт Атанасовски

Без оглед на недоразбирањата меѓу партнерите и на критиките од јавноста, можностите да се смени нешто во владејачката коалиција се ограничени и од парламентарната математика. Откако СДСМ ја доби поддршката од пратениците Чедомир Саздовски и Амди Бајрам, стана теоретски можно да се создаде мнозинство без ДУИ со вклучување на сите помали партии на Албанците, двете крила на БЕСА, Алијансата на Зијадин Села и ДПА. Но, тоа останува само теорија, бидејќи односите меѓу тие партии се такви што е тешко  да се очекува дека сите би се согласиле да учествуваат во власта само за да ги отстранат ДУИ.

Африм Гаши, лидерот на отцепеното крило на БЕСА, за БИРН изјави дека тие не би прифатиле да влезат во власта заедно со крилото на стариот лидер Билал Касами.

„Ако дојде таков предлог, органите на партијата ќе треба да одлучат, но според моето чувство, тоа не би се прифатило“, вели Гаши.

Пратеникот Артан Груби од ДУИ отфрла каква била можност партнерството во власта да се наруши поради истрагата на СЈО која е насочена кон Ахмети

Села во интервју за „Слободна Европа“ изјави дека иако во политиката никогаш не постои „не“, сепак тие не се расположени да се вратат во Владата поради, како што вели, достоинството што владејачката гарнитура се обиде да им го наруши.

Муслиу смета дека евентуалното такво мнозинство би било понестабилно и од сегашното. Актуелната коалиција е оптоварена со повремени несогласувања, иако е составена од две партии, а без ДУИ мнозинството би требало да има пет партии и повторно да биде на граница на кворумот од 61 пратеник.

„СДСМ како партија што се определила за реформи не би влегла во такви нејасни ситуации. Полесно би им било да отидат на нови избори, отколку да го прават тоа“, додава тој.

И според Трошановски секој прекин на врската меѓу СДСМ и ДУИ би донел нови избори, за што сега не било време.

„Очекувам да има предвремени избори заедно со претседателските во 2019 година, но не сега, кога се во полн ек разговорите за името“, вели Трошановски.

Мало „омекнување“ во полуширока коалиција

Според тоа, на СДСМ им останува да бараат други начини за да се справат со критиките дека се сервилни кон ДУИ. Но, Трошановски смета дека по донесувањето на Законот за употребата на јазиците не останале теми со етнички предзнак на кои ДУИ ќе може да собира политички капитал.

„Ако сепак го прави тоа, го урива целиот граѓански концепт што беше клучно ветување на Владата, како едно општество за сите. Покрај тоа, ДУИ ќе мора да одговори на прашањата за нејзината кадровска некомпетентност и за сомнежите за корупциски практики, што значи ќе има многу мал простор да маневририра“, додава тој.

Аналитичарите, како и дел од јавноста, сметаат дека позициите на ДУИ би ослабеле во евентуална широка коалиција, за којашто доста се зборуваше во првата половина од месецов. Оваа идеја беше отфрлена од политичките партии, пред сѐ од ВМРО-ДПМНЕ. Александар Николоски, еден од потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ, за БИРН потврди дека нивниот став за тоа прашање е непроменет.

„Ние сме опозиција и ќе бидеме до следните избори, на кои се надеваме да ја добиеме довербата од народот и да ја водиме следната Влада“, изјави Николоски.

Наместо тоа, силни се најавите за реконструкција на Владата и за мало проширување на коалицијата. Од двете крила на БЕСА ни изјавија дека по средбите на нивните лидери со Заев сѐ уште чекаат понуда за вклучување во Владата, а кога таа ќе стигне, ќе одлучуваат партиските органи. Во меѓувреме се испразни министерското место во Правда откако министерот Биљен Салији поднесе оставка поради случајот со малиот Алмир. Токму ова место беше предвидено да ѝ се даде на БЕСА во првиот предлог за составување на Владата што го подготви Заев кога го доби мандатот од претседателот Ѓорге Иванов.

Проширувањето на коалицијата е прифатено и од ДУИ.

„Пред нас се големи предизвици и има потреба од голема поддршка од политичките партии што се во парламентот, без разлика дали се дел од владејачкото мнозинство или не. Би било пожелно тие да ги поддржат реформите. Во та насока, и проширувањето на владејачката коалиција е добредојдено“, вели Артан Груби за БИРН.

И Трошановски и Муслиу оценуваат дека засега тоа е единствената реална промена што може да се очекува во владината коалиција. Би се создало ново партнерство кое повеќе би се фокусирало на прашањата од заеднички интерес, отколку на различните партиски интереси, а оние што нема да влезат во власта би учествувале во донесувањето одлуки преку лидерски средби и преку поддршка на реформските закони. Сето тоа делумно би ги балансирало односите меѓу СДСМ и ДУИ, пред сè бидејќи таа коалиција би имала попрецизна агенда. Оваа состојба, според Трошановски, би траела до следните избори.