Регион

ЗНС бара истрага за новинарите убиени во Косово

Здружението на новинари на Србија (ЗНС), за време на одбележувањето на 19-годишнината од исчезнувањето на двајца српски радио новинари во Косово, побара покренување на нова истрага за нивната смрт, но и за судбината на другите киднапирани и убиени новинари во Косово.

Пишува: Маја Живановиќ, Белград

Ораховац. Фото: Викимеди/Бујар и Гаши

Одбележувајќи ја 19-годишнината од киднапирањето на двајца новинари на Радио Приштина, за време на војната во Косово, ЗНС од Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, од УНМИК, Обвинителството за воени злосторства на Република Србија и од Судот за воени злосторства во Косово, побара истрага за овие, но и за другите убиства и киднапирања на новинари и медиумски работници во Косово.

„ЗНС и ДНКиМ (подружницата на ЗНС во Косово) од овие институции и организации бараат, со јавна кампања и преку програма за заштита на сведоци, да поттикнат поединци да проговорат за злосторствата над новинарите”, се вели во соопштението на ЗНС.

Новинарите на Радио Приштина, Ѓуро Славуј и Ранко Перениќ, беа киднапирани за време на конфликтот во 1998 година, на патот Ораховац – Зочиште, западно Косово. Тогаш биле видени за последен пат.

Славуј и Перениќ исчезнале кога отишле да направат репортажа за враќањето на киднапираните монаси во манастирот Зочиште. Според ЗНС, тие двајца се наоѓале на територија под контрола на ОВК. Нивните останки и автомобилот што го користеле, досега не се пронајдени.

Во август 2014 година, на 16-годишнината од нивното киднапирање, на местото на случувањето беше поставено обележје, на кое на српски и на албански јазик се вели: „Овде, на 21 август 1998 година, исчезнаа новинари. Ги бараме. ЗНС“.

Од неговото поставување, до денес, според ЗНС, обележјето било уривано пет пати, а одговорните никогаш не се пронајдени.

ЗНС во соопштението наведува и други случаи на киднапирања и убиства на српски новинари во Косово, кои останале нерешени.

„Љубомир Кнежевиќ, новинар на приштинскиот весник „Единство“ и дописник на „Политика“, беше киднапиран на 6 мај 1999 во Вучитрн. Александар Симовиќ, новинар и преведувач, исчезна на 21 август 1999 година во Приштина. Дел од останките на Симовиќ беа пронајдени во селото Обриње кај Глоговац. Момир Стокуќа, фоторепортер, беше убиен на 21 септември 1999 година, во семејната куќа во центарот на Приштина, а медиумскиот работник Миле Буљевиќ, на 25 јуни 1999 година, недалеку од центарот за бегалци во Приштина, беше киднапиран од ОВК. Марјан Мелонаши, новинар на српската редакција на Радио Косово, исчезна на 9 септември 2000 година во Приштина“, соопшти ЗНС.

Во Косово во овој период, истакнува ЗНС, биле убиени и новинари, косовски Албанци. Наведува дека во периодот 1999-2005, биле убиени новинарите Африм Малиќи, Енвер Малоку, Шефки Попова, Џемаил Мустафа, Беким Кастрати и Бардиљ Ајети.

ЗНС на почетокот на овој месец објави дека Крист Гегај, уредник во РТВ Приштина, бил убиен во Исток, во септември 1999 година.

„Никој не одговараше за ниту едно убиство, односно исчезнување на овие новинари и медиумски работници”, додава ЗНС.

Директорот на владината канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, во понеделникот во своето соопштение за медиумите посочи дека случајот Славуј и Перениќ е „голема дамка на образот на оние кои во Косово и Метохија се грижат за воспоставување на владеењето на правото”.

„Општество на меѓуетничка толеранција во Косово и Метохија, нема да биде можно, сѐ додека семејствата на исчезнатите лица, без оглед на нивната националнос, не добијат задоволување со вистината”, заклучи Ѓуриќ.