Истражувањa

Анкети за јавно мислење тешки половина милион евра

Само со Министерството за труд и социјална политика, Институтот за политички истражувања има склучено договори од речиси половина милион евра

Една од анкетите на ИПИС објавени на телевизија Сител

Повеќе од  600.000 евра од три државни институции има земено Институтот за политички истражувања (ИПИС) во периодот од 2011 до 2017 година за истражување на јавното мислење, покажуваат документите што ги поседува БИРН. Овој институт во јавноста често беше застапуван преку Владимир Божиновски, кој во јавните настапи редовно ги бранеше ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, а анкетите на ИПИС за рејтингот на политичарите секогаш одеа во корист на поранешната владејачка структура.

Неретко, одреден политички проект на институциите што предизвикувал жестоки реакции во јавноста, во анкетите на ИПИС  бил претставуван како поддржан од мнозинството граѓани. Таков е примерот со проектот „плата по учинок“ во здравството кој предизвика незадоволство и штрајк на лекарите контра Министерството за здравство. Резултатите на анкетата на ИПИС беа користени како аргумент за исправноста на политиката на Министерството кое истовремено ги нарачувало и плаќало услугите на овој Институт.  

Исто така во екот на политичката криза пред настаните на 27 април и упадот во Собранието  ИПИС излегува со нова анкета во која се заклучува дека паѓа рејтингот на СДСМ што во провладините медиуми се пренесува со заклучокот дека „граѓаните на Република Македонија не ја поддржуваат Тиранската платформа“.

Гораст Стојменовски, основач и претседател на ИПИС тврди дека е точно дека се склучувале голем број договори со државните институции и дека најголем дел од нив се реализирани и исплатени, но додава дека тоа нема никаква допирна точка со анкетите за јавното мислење.

„Ако во анкетите ние прикажеме неточни информации, како би можеле повторно да соработуваме со истата институција? Лажирање на резултати од јавно мислење не би носело ништо друго освен краткорочен бенефит, а ние постоиме од 2010 година и редовно се наоѓаме меѓу првите кои секогаш даваат најточни резултати во однос на политичката сцена“, вели Стојменовски. 

Од Министерството за труд кон ИПИС исплатени речиси половина милион евра

Најмногу договори од 2012 до 2017 година ИПИС има склучено со Министерството за труд и социјална политика. Четирите договори, од кои три сè уште се во тек, тежат речиси 480 илјади евра.

Првиот договор со Министерството за труд и социјална политика е склучен во 2012 година, а завршува кон крајот на 2015 година. За 83.350 евра, ИПИС за Министерството требало да направи истражување на јавното мислење. Најголемиот договор вреден 144.940 евра е склучен во 2013 година, со траење до декември 2017 година, кога ИПИС требало да спроведе истражување зошто Програмата за условен паричен надоместок (УПН) за субвенционирано вработување не ги достигнало планираните резултати. Во 2014 година, следуваат уште 2 договори, секој вреден над 120.000 евра, за „оперативна и изведбена ревизија на УПН програмите“.

Дополнително на ова, во рамките на ИПА проектот „Унапредување на алтернативните услуги за згрижување деца“, на ИПИС му се исплатени уште 52.650 евра за две теренски истражувања за периодот октомври 2016 – февруари 2017 година.

„Овие договори се склучени или преку Светската банка или преку Европската унија и во најголем дел се реализирани и исплатени, но не гледам како тоа воопшто би можело да влијае на нашите анкети за јавното мислење“, вели претседателот на ИПИС.

Тодоров и Иванов редовни корисници на анкетите на ИПИС

За време на министерувањето на Никола Тодоров во Министерството за здравство, речиси секоја година биле користени услугите на ИПИС. Во 2013, 2015 и 2016 година биле склучени три договори со вкупна вредност од над 47 илјади евра, за „мерење на задоволството на пациентите и евалуација на квалитетот на здравствените услуги“.

Тука е вклучена и анализа на проектот „Мој термин“ на Министерството за здравство, теренски истражувања за задоволството на пациентите, евалуација на квалитет на услуги со методи „таен пациент“ со минимум 1600 посети итн. Методот „таен пациент“, според договорите, предвидува истражувачи кои преку свое лично искуство односно во улога на пациент ќе го испитуваат квалитетот на добиената нега во конкретни здравствени установи.

Никола Тодоров и како министер за образование во 2010 и 2011 година користел услуги од ИПИС. Нарачани биле 3 анкети за потребите на Министерството за образование и наука за сума од 352.820 денари односно 5,7 илјади евра. 

И претседателот Ѓорге Иванов бил корисник на услугите на ИПИС. Во 2011 и 2012 година склучени се три договори во вкупна вредност од 11.648 евра. Над 4800 евра е платено за „анкети за потребите на претседателот“, околу 2000 евра за медиумска анализа за застапеноста на претседателот во печатените и електронските медиуми и 4853 евра за истражување на јавното мислење за работењето на претседателот.

Една од овие анкети покажа дека околу 73 отсто од испитаниците сметаат дека претседателот Иванов чесно ја извршува својата функција. Анкетата покажала и дека над половина (58,4%) од испитаниците имале позитивно мислење за претседателот. 

Инаку, последната анкета на ИПИС објавена во март годинава, покажуваше дека забрзано расте рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во декември минатата година. Анкетата покажа дека за три месеци рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ скокнал од 25.5 проценти на 27.1 проценти.