Темата за странските инвестиции во Македонија одамна е прашање на политички став, наместо да биде прашање на проверка на факти што во основата е темел на новинарската работа. За странските инвестиции се зборува од партиски митинзи, во интервјуа на владини преставници и тоа во заглушувачки размери.
Речиси маничната присутност на темата странски инвестиции во владејачката пропаганда е пропорционално спротивна на молкот кога официјално ќе се побараат податоци од надлежните институции, како да станува збор за контроверзна тема, а не за секојдневно повторувана мантра.
Странските инвестиции, милионите евра странски капитал, илјадниците отворени работни места веќе функционираат во јавната сфера како вистински „фактоиди“ – невистинити или непроверливи информации кои толку често се повторуваат што добиваат сила на факти, иако тоа не се.
Искуството на новинарите на БИРН во изработката на базата на податоци Странски инвестиции под лупа покажа дека речиси ниту едно логично прашање кое секој човек би го поставил во врска со странските инвестиции не добива одговор.
Странските инвестиции, милионите евра странски капитал, илјадниците отворени работни места веќе функционираат во јавната сфера како вистински „фактоиди“ – невистинити или непроверливи информации кои толку често се повторуваат што добиваат сила на факти, иако тоа не се
Врз основа на што е проценета вредноста на инвестицијата? Како се проектираат работните места? Какви услови се ветени и добиени од страна на Владата? За колкави суми државна помош станува збор? Овие елементарни прашања се обвиткани со најголема тајност, а обидите за анализа за ефектите пак, навлегуваат во сферата на трансцедентното.
Тоа најдобро го знаат ретките новинари кои се обиделе да го пробијат ѕидот на молкот или да не потклекнат под вистинската лавина од проценти, бројки, непроверливи статистики (најчесто изговорени во еден здив, една до друга, со набројување и набројување) која се тркала од јавната сцена, на митинзи или интервјуа.
Да, навистина е речиси невозможно да се реши равенка со шест непознати. Затоа и новинарите на БИРН на стартот на изработката на оваа база на податоци знаеја дека ќе мора да се вооружат со трпение и реално проектирани цели.
Не, нема да истражиме и да докажеме колку милиони државна помош се слеале во џебовите на странските компании кои пословично се селат од држава во држава каде што има поевтина работна сила и подобри субвенции. Ниту пак, ќе можеме да одговориме на сите логични прашања во врска со инвестициите. На наша страна не е ниту Законот за пристап до информации од јавен карактер, тоа се приватни фирми и немаат обврска да одговораат. И сѐ во врска со нив се случува зад затворени врати, како, впрочем, и седниците на Владата каде што се носат одлуки за висината на државната помош која се третира како деловна тајна.
Дополнително, обидот да се контактираат институциите задолжени за странските инвестиции, а ги има најмалку три – Владата, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, се покажа како залудна мисија. Повеќе нѐ испрашуваа „зошто ни требаат такви податоци“, „зошто баш тие и зошто баш сега“, отколку што потрошија енергија да скријат дека немаат ама баш никаква намера да бидат кооперативни, ако веќе не и транспарентни.
Но, некои работи и некои суштински одговори, сепак, можат да се откријат и тоа го покажува оваа база. Елементарните одговори дали воопшто најавената инвестиција е дојдена, дали вработила онолку луѓе колку што е ветено, дали вложила барем приближно од она што е најавено се податоци кои не можат да се скријат. Истражувањето базирано врз најавите и проектираните очекувања за вредноста на инвестициите, нивната реализација и бројот на отворени работни места го поткрева ќилимот на пропагандата со кој се покриваат сите логични и оправдани прашања на јавноста.
Се покажа дека соодносот на најавени и реализирани инвестиции воопшто не соодветствува на помпезноста со која темата се наметнува во јавноста, иако особено за време на изборни кампањи или политички кризи, устите им се полни со најави и бројки, илјадници работни места, милиони евра, светски познати компании, водечки брендови и слично.
И покрај фактот што критериум за „реализирана“ инвестиција беше само податокот дека фирмата е регистрирана и почнала нешто да работи, дури и ако заминала откако го собрала профитот, ефектот на странските инфестиции покажува драматичен резултат. Од најавените 138 инвестиции кои се дел од ова истражување реализирани се 51, во тек со непознат исход се 44, а речиси една третина или пропаднале или никогаш не дошле.
Истражувањето на БИРН ја демистифицира и основната поента на целиот проект за привлекување на странските инвестиции, а тоа се вработувањата. И покрај тоа што воопшто не навлегувавме во висината на платите на вработените, на нивниот третман и слично, она што го откривме повторно изненадува. Од најавените вработувања, всушност, реализирана е само една третина.
Но, некој ќе рече, станува збор за бизнис сектор, флуктуација на вработувањата е нормална. Точно, но освен малкуте исклучоци, вработувањата се под најавената бројка, а има и случаи на свежи отпуштања.
Базата на податоци Странски инвестиции под лупа е и треба да се разбере исклучиво како новинарски производ, макотрпно истражување за да се открие барем дел од „ледениот брег“ што веќе десет години непречено се движи и го урива секој обид за транспарентност, отчетност и дебата што ќе му се најде на пат
Оттаму, базата на податоци Странски инвестиции под лупа е и треба да се разбере исклучиво како новинарски производ, макотрпно истражување за да се открие барем дел од „ледениот брег“ што веќе десет години непречено се движи и го урива секој обид за транспарентност, отчетност и дебата што ќе му се најде на пат.
Таа не е економска анализа, ниту претендира да полемизира со избраниот метод за подобрување на економијата и намалување на невработеноста. Впрочем, познато е дека истиот метод се применува и во други земји, вклучително и во земјите на Европската унија. Се разбира, за таа цел не се трошат средства од буџетот туку помошта доаѓа од програмите на ЕУ за регионален развој. Но, разликата на македонскиот модел за привлекување на странските инвестиции не е што земјава за таа цел користи средства од сопствениот буџет, тоа го прави и Србија,на пример, туку што целиот процес се одвива комплетно нетранспаренто без увид на јавноста.
Оттука произлегува и амбицијата на тимот на БИРН да го започне процесот на откривање на одговорите на клучните прашања за странските инвестиции. Процес што нема да запре со објавувањето на базата.
Во тој процес фокусиран на одговорите до кои може да се дојде во моментов, се откриени и некои други интересни податоци: скриени сопственици лоцирани во офшор дестинации, повеќе пати најавувани едни исти инвестиции, податоци за државна помош кои по грешка не се скриени во документите, датуми на одобрената помош усогласена на затворени владини седници кои неретко им претходат на доаѓањата на инвеститорите, како и странски инвестиции во кои еден од сопствениците е син на министерот задолжен за привлекување странски инвестиции, на пример.
Со тоа БИРН ја мапира и ја трасира патеката и за идни длабински истражувања на тема странски инвестиции како еден од стожерите на економската политика последните најмалку десет години.
Ги ставивме инвестициите „под лупа“ , ни останува на сите заедно повеќе да не ја тргаме, во интерес на правото на јавноста да знае.