Истражувањa

27 април – ден на срам, крв и неподелени сендвичи

Како изгледа мозаикот за настаните на 27 април што ја доведоа Македонија до работ

Мала група луѓе кои го знаеле мастер-планот за 27 април, поголема група која била координирана за нивни поединечни улоги по насилното влегување во парламентот и „останати учесници“ кои не знаеле дека нешто се подготвува ниту учествувале во насилството, но биле понесени од толпата и од повикот „да ја спасуваат државата“.

Вака изгледа мозаикот за настаните кои пред една година можеа да ја доведат Македонија до работ на пропаста, доколку во последен миг не беше спречено таквото сценарио со задоцнета интервенција на полицијата, но и по бројни меѓународни апели да надвладее разумот. 

Една година подоцна, сѐ уште недостигаат одговори на многу прашања. Доколку Обвинителството истиот ден преземело активности, со цел веднаш да се обезбедат клучни докази за нарачателите, организаторите и извршителите на насилничкиот чин, Македонија многу порано ќе ја имаше дешифрирано и затворено оваа темна страница од нејзината современа историја.

Подготвени сендвичи, одржани состаноци

На насилството му претходеле и евидентирани повици од општински и месни комитети на ВМРО-ДПМНЕ за „задолжително присуство“ на протестите | Фото: Роберт Атанасовски

Откако се изгуби многу време околу истраги за „учество во толпа“, а голем дел од телефоните во меѓувреме се „загубија“ или комуникациите се избришаа, темелната истрага, всушнот, започна лани во јуни кога Обвинителството за гонење на организиран криминал ја презеде истрагата од Основното јавно обвинителство Скопје.

Со вонредни напори, Обвинителството почнува да го склопува мозаикот за тоа како се одвивал „крвавиот четврток“. Покрај обезбедени докази дека полицијата на никаков начин не била дополнително ангажирана да го обезбеди парламентот од насобраните демонстранти, а не била повикана дури ни по нивното насилно влегување во Собранието, било утврдено дека истиот ден на неколку други локации пред тоа, и паралелно со насилството, се одвивале „интересни“ активности.

Дека била планирана долга ноќ на „активности“, сведочат и докази оти тој ден во Клубот на пратениците, кој е под надлежност на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), стигнал налог да се подготви големо количество сендвичи

Најпрвин, во близина на ресторанот „Дион“ во ГТЦ пристигнало возило со кое биле донесени маски/фантомки, кои биле поделени на точно определени лица, а кои подоцна ги дистрибуирале и до сите други за кои било планирано да упаднат во парламентот. Со оглед дека јавните безбедносни камери од непознати причини не функционирале во тој период (?!) снимката е обезбедена од камера на една банка. На неа се гледаат неколку лица од т.н. патриотски организации, кои подоцна ќе се покажат како клучни играчи во собраниското насилство, а против кои Обвинителството подигна обвинение .

Дека била планирана долга ноќ на „активности“, сведочат и докази оти тој ден во Клубот на пратениците, кој е под надлежност на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), стигнал налог да се подготви големо количество сендвичи. Поради развојот на настаните таа вечер, и неможноста да се пристапи со парламентот, количината никогаш не бил дистрибуирана и останала замрзната во фрижидерите. Секако, и документирана.

Во тој период, кога носителите на фантомки заедно со други немаскирани лица влегуваат насилно во парламентот, директорот на Бирото за јавна безбедност и шеф на Оперативниот штаб на МВР, Митко Чавков, е недостапен за министерот за внатрешни работи. Но, и двата телефона кои ги користел во критичниот период според записите во базните станици зрачеле на подрачјето на општина Центар, во реонот на Белата палата. Според истрагата, покрај Чавков, токму таа вечер во Белата палата од непознати причини подолго време бил присутен и Борис Јосифовски, некогашен советник на Иванов, а од 1.4. 2010 година и Генерален секретар во Кабинетот на претседателот.

Паралелно со овие средби, за кои не се знае кој ги координирал и раководел во партискиот штаб за време на престојот на Груевски во Виена, истата вечер и околу 15-тина воени лица со разни чинови се присутни во Министерството за одбрана – генерали, полковници, потполковници и лица со пониски чинови.

Нема информации со која цел се собрале, ниту индиции дека подоцна контактирале со дел од лицата инкриминирани во насилствата, меѓутоа некои од нив биле евидентирани во генералштабот до еден по полноќ.

Единствено бригадниот генерал Мирче Ѓорговски, кој беше и аѓутант на Иванов како командант на вооружените сили (и на таа функција остана до 4.12.2017 година), бил единствениот кој таа вечер телефонски контактирал со шефот на државата и ја посетил претседателската вила.

Дали и со кого друг разговарал Иванов таа вечер не се знае, со оглед дека голем број фиксни и мобилни телефони се водени на име „претседател на државата“, па дури и на телефони што ги користеле лица кои никогаш не работеле во кабинетот на Иванов. Таков е примерот со владината секретарка на Никола Груевски, Ленче Самарџиска, која користела „претседателски број“ и додека била секретарка на премиерот, но и кога нејзинот шеф останал само лидер на партија.

Враќај се, ќе се влегува во Собранието!“

Во деновите пред критичните настани и Груевски разменувал смс-пораки со пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски | Фото: Роберт Атанасовски

Во тој период, кога на три коти – МО, Вила Водно и штаб на ВМРО-ДПМНЕ се одржувале средби со непозната содржина, во парламентот насилството веќе кулминира. Луѓе службено присутни во парламентот (некои од нив бивши воени лица) евидентирале и сведочеле за присуство на повеќе актуелни воени лица, но и на дел кои претходно биле прекомандувани од МО во МВР.

Меѓу нив бил и војник кој веднаш по настаните од 27 април бил испратен во мисија во Авганистан, но е вратен и бил повикан да даде исказ во Обвинителството. Неофицијално дознаваме, дека покрај неговото необјаснето присуство во парламентот, не учествувал во насилни акти. Тој и неговите колеги не биле директно вклучени во насилствата, но било евидентно дека се познаваат со голем број од лицата кои не се штеделе во насилството.

Сличен е и примерот со поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска, која во пленарната сала срдечно се поздравува со маскирано лице, а според истрагата зад фантомката се крие Марјан Стојоски, пријавен за насилство во овој случај.   

На насилството му претходеле и евидентирани повици од општински и месни комитети на ВМРО-ДПМНЕ за „задолжително присуство“ на протестите, но и повеќе сведочења и признанија дека „За заедничка Македонија“ е формирана по иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, и финансирана во кеш

На разговор во Обвинителството изминатите денови бил повикан и Благоја Василевски, брат на обвинетиот Александар Василевски – Нинџа, кој е во бегство. Од телефонот на Благоја (кој како обезбедување на Груевски на 27.4.2017  бил во Виена), тој ден во 14:30 часот бил остварен првиот контакт со Нинџа, по што почнала засилена комуникација и координација меѓу мрежата од лица инволвирани во подоцнежното насилство.

Телефонскиот апарат што го користел Благоја му припаѓал на СОЗР, а во службата бил вратен механички целосно уништен. Како што дознаваме, Благоја тврдел дека со братот водел приватни, семејни разговори. Александар Василевски – Нинџа и Никола Митревски – Кољо, кој неодамна го прекина бегството и самиот се пријави во полиција, во деновите пред критичниот настан користеле блиндирано возило со флешери (какви што може да употребува МВР) и службени значки на УБК, со кои се „легитимирале“ при бројни активности.

Голем дел од нивните и комуникациите на другите обвинети покажале видлив степен на координација, особено на 27 април. Од такви активности не се воздржувале ни дел од обвинетите пратеници. На пример, во разговор со лице кое протестира пред Собранието и најавува дека „тргнува да си оди дома“, пораката на еден од обвинетите пратеници гласи: „Враќај се назад, ќе се влегува во Собранието“.

Постојат сведочења кои отвораат сомнежи за (не)формална листа на лицата во парламентот кои требало да бидат таргет. Дел од сведоците кои се соочиле со повикот „среди го овој“, се спасиле од физички напади по сугестии на некои од напаѓачите: „Остави го, тој не е на списокот“. Предничеле повиците „Каде е Села“, „Оставете ми ја Шеќеринска мене“ или „Јас ќе го средам Заев“…

На насилството му претходеле и евидентирани повици од општински и месни комитети на ВМРО-ДПМНЕ за „задолжително присуство“ на протестите, но и повеќе сведочења и признанија дека „За заедничка Македонија“ е формирана по иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, и финансирана во кеш.

Докази и искази од сведоци откриле и дека некои „херои“ не се однесувале професионално, иако биле платени да ја одржуваат безбедноста во парламентот. Според нив, клучевите од средната врата на парламентот на Горан Ѓошевски, шеф на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, наводно му ги дал собранискиот обезбедувач Абдулфета Алими, познат како човекот што подоцна го спаси Зијадин Села.

Но, од непознати причини, таа врата не била отклучена и употребена, се преминало на другите две, кои не се отвораат со клуч, туку со симнување на заштитните греди. Наводно, клучевите биле употребени подоцна, за отворање на други врати, без кои толпата не би можела да влезе во други делови од зградата. И покрај тоа што и тие врати биле отворени, еден од обвинетите решил да ја скрши веќе отворената врата, за да ја вжешти атмосферата пред присутните и да ги охрабри „да газат сѐ пред себе“.

Анализирани над 6.000 телефонски разговори

Постојат сведочења кои отвораат сомнежи за (не)формална листа на лицата во парламентот кои требало да бидат таргет | Фото: Роберт Атанасовски

Целата таа срамна епизода во храмот на демократијата и натаму е дел од предистражна постапка со цел да се обезбедат дополнителни докази за истражната постапка во која над 30 лица се обвинети за терористичко здружување против уставниот поредок.

Анализата на речиси над 6.000 телефонски разговори и вештачењето на телефонски апарати досега открила богата комуникација на партиски функционери со пратениците кои се осомничени дека ги отвориле вратите во паралменот. Таква комуникација била регистрирана и меѓу Миле Јанакиески и пратеникот Крсто Мукоски. Во деновите пред критичните настани и Груевски разменувал смс-пораки со пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски.

Како што претходно објавивме, од два телефонски броја што фигурирале како негови, најфреквентни комуникации Груевски имал на 26 април, ден пред „крвавиот четврток“ и ден кога медиумите веќе информираа за неговите први средби во Виена. Тој ден Груевски разговарал со претседателот Ѓорге Иванов, со техничкиот премиер Емил Димитриев, со Богдан Илиевски- Бетмен од иницијативата „За заедничка Македонија“ и со повеќе партиски соработници.

Доколку Обвинителството истиот ден преземело активности, со цел веднаш да се обезбедат клучни докази за нарачателите, организаторите и извршителите на насилничкиот чин, Македонија многу порано ќе ја имаше дешифрирано и затворено оваа темна страница од нејзината современа историја

На 27 април, пак, биле регистрирани само две комуникации: вечерта околу 21 и 40 минути разговарал со Иванов, а околу 21 и 50 со Митко Чавков. Разговорот со Чавков траел нешто повеќе од една минута, и тоа откако ситуацијата во парламентот веќе била ставена под контрола на полицијата и привршувала постапката за евакуација на пратениците.

Иако на 28 април Груевски во ТВ-интервју тврдеше дека претходниот ден телефонски разговарал со десетина претставници на меѓународната заедница  и со четири-пет пратеници, такви разговори не се регистрирани. На 28 април на тие два броја не била регистрирана ниту една телефонска комуникација на Груевски. Првиот и единствен разговор го реализирал дури на 29 април, со братучедот и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков.

Од друга страна, од Чавков бил одземен еден телефонски апарат, а другиот, за кој било утврдено дека активно го користел, тој изјавил дека го изгубил на пат од една до друга болница лани во јули, кога претрпел срцев удар.

Македонија ударот го доживеа три месеци пред неговиот.