Истражувањa

Адвокатот од Лихтенштајн може да ги стартува багерите

Правосилно е одобрението за градба на петкатницата во близина на хотелот „Ибис“, во центарот на Скопје

Веќе не постојат никакви пречки, фирмата на Енгелберт Јозеф Шрајбер, адвокат од Лихтенштајн, да ја гради петкатницата во строгиот центар на Скопје, на местото од едно од последните паркчиња во Мал ринг.

Скопската компанија на Шрајбер, „Сколимекс“, на втори овој месец добила правосилно одобрение за градба, дознава БИРН од увидот во постапката што овој инвеститор ја води во Општина Центар.

Тоа значи дека во секој момент може да ја огради парцелата и да почне да ги копа темелите на местото од паркчето со неколку маалски клупи и паркингот во непосредна близина на хотелот „Ибис“.

Познат домашен проектант

Покрај „окупацијата“ на скудниот јавен простор во Центар, контроверзност на овој случај му додава и сомнежот околу вистинската сопственост на инвеститорот. Тој произлегува  од фактот што пријавениот сопственик Шрајбер е регистрант од Лихтенштајн, адвокат што главно формира и води туѓи фирми на луѓе што сакаат да бидат скриени.

Неговата професија била причина за вмешаност во многу скандали, и глобално, и на Балканот. Шрајбер и татко му се спомнуваат во скандалот со набавки на ООН, па дури и нападот од 11 септември.

Истражувајќи ја фирмата што номинално ја поседува Шрајбер, БИРН дојде до податоци што упатуваат на домашни учесници во градбата на новиот објект.

Од увидот во документацијата во Општина Центар дознавме дека  идејно, петкатницата е дело на проектантската фирма „Гемма инженеринг“, која во име на „Сколимекс“ ја водела целата постапка за одобрение пред локалната самоуправа.

Барањето електронски го поднел Мето Стојчески, еден од двајцата сопственици на „Гемма инженеринг“, инаку зет за сестра на бизнисменот Орце Камчев.

Енгелберт Јозеф Шрајбер

Тоа не е невообичаено, честа пракса е проектантите во име на инвеститорот да се занимаваат со одобрението за градба. Дополнително, Стојчески и „Гемма“ не се случајни во градежништвото, фирмата како проектантско биро работи од 1996 година.

Но, оваа не е единствената фирма на Стојчески.

Другата „ССИ инвестмент“ го однесе на клупата за сведоци во случајот „Плацови на Водно“. Тој, поткрепувајќи го сведочењето на својот шура Орце Камчев, призна дека во име на фирмата ги „криел“ од јавноста трите стана на Никола Груевски во станбениот комплекс на Водно, познат како „Панорама“.

Стојчески, во судница, призна дека истото го направил и за зградата што се наоѓа спроти ЗОИЛ во центарот на Скопје, во која на времето беше седиштето на агенцијата за обезбедување СГС, која, пак, од друга страна се доведуваше во врска со Сашо Мијалков.

Според зборовите на Стојчески, тој и Мијалков се знаеле одамна и се дружеле од деца.

Мето Стојчески вели дека не знае кој е сопственик на „Сколимекс“, неговата фирма, како што тој објаснува, ја ангажирал македонскиот директор на оваа компанија.

„Ние сме проектантска куќа. Го правевме соседниот хотел ‘Ибис’, им се допаднал и затоа нè ангажираа. Немам поим кои се сопствениците на фирмата, само знам дека таму сè е чисто, купено е земјиште од приватници и истерана е целата процедура во општина“, рече Стојчески во кусиот телефонски разговор.

Директорот на компанијата-инвеститор, скопјанецот Тодор Димитровски, пак, не сака воопшто да зборува за „Сколимекс“, иако според нашите информации тој се појавувал во Општина Центар, во врска со барањето за градба.

Локали, деловен простор и станови

Амбицијата на „Сколимекс“ за купување на земјиштето датира од 2015 година, кога фирмата купува повеќе од половина од градежната маркичка од една приватна фирма, за во 2016 да ја дооформи со околното државно земјиште, покажуваат документите до кои дојде БИРН.

Според нив, на местото на паркчето е предвидено да се гради петкатница висока 24 метри, што значи дека ќе биде со иста височина со постарата зграда што веќе се наоѓа пред паркчето. Уништувањето на зеленилото и затворање на и онака стеснетиот поглед беа причина за протест на станарите, кои се обидоа со тужби да го оспорат одобрението за градба, меѓутоа не успеаја.

Зградата ќе биде станбен објект. На приземјето ќе има локали, на вториот кат деловен простор, додека на другите три ката ќе има станови. Предвидено е објектот да „оди“ длабоко во земја, да има четири нивоа на подземен паркинг

Зградата е од А2-категорија, што значи дека станува збор за станбен објект, меѓутоа оваа категоризација дозволува и деловен простор и локали. И токму така приземјето ќе биде исполнето со локали, вториот кат со деловен простор, додека на другите три ката ќе има станови.

Предвидено е објектот да „оди“ длабоко во земја, односно да има четири нивоа на подземен паркинг.

Наспроти општото мислење и пишувањата на медиумите дека објектот е зацртан во Деталниот урбанистички план во 2012, кога беа замислени многу од контроверзните објекти во Мал ринг, сепак, оваа зграда е впишана во ДУП-от на Општина Центар уште во 1997 година.

Првичното одобрение за градба, Општина Центар го дала на „Сколимекс“ на 2 ноември минатата година , во последните денови од градоначалничкиот мандат на Саша Богдановиќ и точно една година подоцна, тоа стана правосилно.

Багерите секој момент можат да се вклучат.