Анализи

Агенција за „пари и спорт“

БИРН го анализираше профилот на Агенцијата за млади и спорт

Да не беше веста дека над 800 илјади евра наплатил тетовски извршител од сметката на Агенцијата за млади и спорт, јавноста веројатно немаше да дознае оти станува збор за загубен судски спор со фирмата „Алконпроект“ за изградба на затворената спортска сала при УКИМ за која камен-темелник е поставен уште пред седум години.

Се испостави дека речиси една половина од вредноста на салата што ја нарачала Агенцијата оди кај извршителот. Врховниот суд, предметот го врати од почеток, па се очекува ново судење.

Ова е eдна од последните информации што го привлече вниманието во јавноста, а е поврзана со единствената државна установа за спроведување младински и спортски политики.

Има и други „антологиски“ проекти на Агенцијата што се влечат со години. На пример, во 2015 година, за 4,8 милиони евра, АМС почнала да гради затворен пливачки базен во Охрид. Иако требаше да биде завршен до 2018, неизвесно е дали пливачкиот базен ќе биде готов и до крајот на оваа година.

Оваа агенција, која со години трпеше критики дека недоволно соработува со младинските организации и со Националниот младински совет, и денес е мала државна „фабрика“, каде што се ангажирани 40-тина луѓе, често регрутирани од амбициозни партиски младинци.

Институцијата, која гради спортски сали, тениски терени и игралишта, доделува ваучери за спортски федерации, издава стихозбирки поезија, поддржува музички проекти и спортски стипендии, неодамна доби нов директор, а стариот седна во собраниските клупи.

На тој начин продолжи традицијата таа да служи како своевиден „инкубатор“ за нови функционери. Се стекнува впечаток дека тие тука се учат на посебен третман и привилегии, советници и сето она што ќе ги следи во рамките на кариерата на професионалните политичари.

Дваесет години по основањето, БИРН го анализираше профилот на Агенцијата за млади и спорт.

Ухлебување на партискиот подмладок

Aгенцијата за млади и спорт има пет сектори и четиринаесет одделенија | Фото: БИРН

Порано со 50-тина, а во моментов со 40-тина вработени, кога не би била Агенција, би била фирма од среден обем. Ако на тоа се додаде и податокот дека институцијата годинава одбележува 20 години од основањето, тогаш заклучокот би бил дека станува збор за компанија со дведецениска традиција.

Во оваа мала државна „фабрика“ има пет сектори и дури 14 одделенија, чии работни позиции прецизно се опишани на 27 страници со Правилник за внатрешна организација.

Покрај директорот, во Агенцијата работи и негов заменик, како и советници, а има и посебен сектор за „човечки ресурси и стручна поддршка на работата на директорот“. Моментално сите позиции не се пополнети.

Органограмот на Агенцијата за млади и спорт | Веб-страница на АМС

„Треба да се пополнат местата со луѓе што недостасуваат, а ги има во систематизацијата, вели за БИРН новиот директор Наумче Мојсовски и додава дека моменталното намалување на бројот на ангажирани од лани се должи на тоа што неколкумина соработници на ексдиректорот Каевски одлучиле да заминат од институцијата заедно со неговото заминување од функцијата.

Ако се следат назначувањата на раководителите на оваа институција, станува јасно дека таа претставува отскочна штица за амбициозните партиски активисти, често лидери на подмладоците. Со други зборови, таа служи како своевиден премин од „работа на терен“ во водите на „сериозната“ политика, сфатена како влез во дипломатијата, Собранието или министерски кабинет.

Па така, поранешниот директор на АМС, Диме Спасов, само две години по дипломирањето, односно на 24 години седна во директорската фотелја на Агенцијата што му беше второ работно место во кариерата.

Претходно ја водеше Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Спасов, од директор на Агенцијата, најнапред стана државен секретар во Министерството за правда, па министер за труд и социјална политика и дел од најтесниот раководен тим предводен од тогашниот премиер Груевски.

Ситуацијата не беше поразлична и потоа. Во 2017 година, Дарко Каевски беше назначен за директор на Агенцијата од позицијата потпретседател на подмладокот на СДСМ на негови 28 години. Како млад економист, Каевски ја започнува кариерата во 2012 година, со работа во геодетско друштво, а веќе во 2013 стана советник во Општина Кисела Вода од редовите на СДСМ.

Додека директоруваше со институцијата, стана и претседател на СДММ, а од годинава е и пратеник од СДСМ во Собранието.

Новиот директор, пред сѐ, е познат спортист и ракометар во светски рамки, но именуван е за директор на АМС од позицијата претседател на Комисијата за спорт на СДСМ, каде што беше назначен во ноември 2019, откако беше активен на претседателските избори.

Говор на Наумче Мојсовски за претседателската кампања на Стево Пендаровски | Фото: СДСМ

Неговиот заменик Авни Рустеми, пак, лани бил избран за претседател на младината на ДУИ.

Но, не се само директорите и замениците. Исто е и со пониските ешалони. На пример Јован Гиовски, кој порано бил советник, а според најновата систематизација е помлад соработник, бил во централниот одбор на градската организација на СДММ од Скопје. На иста линија е и Петар Миноски, кој во АМС бил советник ангажиран на проект, сега е раководител, а бил претседател на локалниот клуб на СДММ за Гостивар.

БИРН ги побара биографиите на лицата што работат, односно што работеле во Агенцијата како советници. Од АМС ни одговорија дека биографии имаат само на директорот и на неговиот заменик, а не и на советниците. Од таму не одговорија што бил работниот ангажман на советниците, кои, според списокот на вработени, биле ангажирани на проект.

Во медиумите може да се најдат кратки информации со имиња на некои од советниците што биле во придружба на директорот при посета на одредена локација. Најмногу такви информации има во врска со посетата на директорот Каевски на Хрватска и на Словенија во време на Европското првенство во ракомет во 2018 година, кога во негова придружба беа и советниците Степановски и Гиовски.

Тогаш комисијата за спорт на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека директорот и советниците ја претвориле АМС во „туристичка агенција за своите другари и сопартијци“.

Каевски за БИРН тоа го демантираше и посочи дека тоа се лица што се вработени во Агенцијата. Рече дека на никој начин не е оштетен буџетот на АМС и сето тоа може да се провери.

Отчетноста „на рати“

Институцијата е слабо отчетна | Фото: БИРН

Агенцијата долго време важеше за затворена и недоволно транспарентна. Иако на веб-страницата има десетици формулари, правилници и други документи, отчетноста е сè уште само „во обид“.

Во 2018 година, како дел од заложбите на владата за транспаретност, се објавени 21 документ од јавен карактер, но од тогаш тие не се ажурирани. Органограмот на вработените е од 2018 година. Биографиите на избраните и именувани лица не се отвораат, а ако сакате да го проверите буџетот за 2019 и за 2020 година, ќе треба да отидете на веб-страниците на други институции.

Но, затоа има информации за сите проекти што ги спровеле директорите што биле на предлог на ВМРО-ДПМНЕ уште од 2012 година. На пример, таков е музичкиот проект „Македонија навива“, каде што ги има песните на Соња Тарчуловска, Тоше Проески, Каролина Гочева и други изведувачи.

Покрај овие постари проекти, Агенцијата преку банери информира дека може да се аплицира за европска младинска картичка, како и да се види кои се спортските клубови што добиле ваучери.

Креаторите на младинските политики на веб-страницата откриле само колку трошеле директорот и неговиот заменик, само во периодот јуни-ноември 2015 и истиот период во 2017 година. Други податоци во оваа ставка – нема.

Сумите не се големи, но податоците за трошоците откриваат дека првите луѓе на оваа институција плаќале репрезентации за угостителски услуги дома и надвор, како и дневници.

Градежна компанија со агенда

Ревизорите двапати досега наоѓале забелешки на извештаите на Агенцијата | Фото: БИРН

„Марјан, до каде сме со спортските сали?“ Ова прашање му го постави експремиерот Никола Груевски на поранешниот директор на Агенцијата за млади и спорт во 2016 година, Марјан Спасески, претставувајќи го сработеното на владата што ја предводела ВМРО-ДПМНЕ.

На четиричасовниот настан, министри, заменици и директори на институции, на Груевски пред преполна сала му реферираа што сработиле во изминатите години. Тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт, на Груевски кој го прозва, задоволен и насмеан му одговори дека „Агенцијата е во континуирана градежна офанзива“: „Само минатата 2015 година, која беше една од најуспешните – изградивме 56 објекти низ целата држава“.

Груевски „изненаден“ од бројката што ја чул, уште една потпраша дали добро слушнал дека станува збор за 56 објекти, а директорот на АМС дополни дека Агенцијата во просек „гради по еден спортски објект неделно“.

Оваа епизода за вртоглавиот „инвестициски бум“ што го направила Агенцијата во ерата на Груевски е всушност парадигма за перцепцијата за оваа установа, дека тоа е институција, која, небаре градежна компанија, со набиена агенда гради сали и спортски објекти.

Ексдиректорот на АМС вели дека ако се направи обиколка, ќе се види дека претходните раководства додека на власт било ВМРО-ДПМНЕ имале многу промашени проекти: „90 од тие 100 терени се претворени во паркинзи и не функционираат“, смета Каевски.

Агенцијата несомнено му беше една од омилените институции на Груевски, за чии проекти често говореше, а придружба вообичаено му беа првите луѓе на оваа институција. Со години фрлаа лопати, сефтосуваа спортски сали, тениски и повеќенаменски игралишта, сечеа ленти на камен-темелници.

Така во 2014 година, при пуштање во употреба на спортско игралиште во Драчево, Груевски изјави: „Овој проект е дел од низа капитални проекти во спортот какви што нашата држава не памети. Слични проекти се изградбата на 35 големи спортски сали, на 50 фудбалски игралишта, како и изградбата на 100 тениски терени низ целата држава“. Денес голем дел од нив се запуштени и не се во функција.

Осум години пред овој настан, на собраниска седница во 2008 година, опозицијата спорела со набиената динамика на изградба на спортски објекти преку Агенцијата за млади и спорт.

За таа цел, државата требало да се задолжи кај Европската банка за обнова и развој. Едно од образложенијата тогаш било дека Агенцијата за млади и спорт е „најголемата пералница на пари на владата“.

Ревизорите уште тогаш констатирале дека проектот „35 спортски сали“, кој првично бил проценет на осум милиони евра, „нема утврдена вредност и сопственост“, а објектите се дадени под кирија без договори. Наведено е и дека финансиските извештаи за работењето на Агенцијата за млади и спорт за овој проект „не ја прикажуваат состојбата вистинито и објективно“.

Во двете ревизии за институцијата и од 2007 и онаа од 2012 година, ревизорите негативно го оцениле финансиското работење на АМС, па, меѓу другото, во извештаите напишале дека Агенцијата не го контролирала наменското користење пари, кои им биле префрлани на националните спортски федерации.

Младите речиси само формално меѓу приоритетите

Едвај 5 до 6% од буџетот на АМС одат за млади | Фото: БИРН

Примарна цел на Aгенцијата е да се грижи за статусот на младите, да го поттикнува нивното организирање, да презема активности со кои би се создале услови да се задржат младите во Македонија и да го стимулира нивното враќање назад, да ги следи спортските и спортско-рекреативните активности…

Во надлежностите на ова тело е и да делегира двајца претставници во Канцеларијата за Регионална младинска соработка (РИКО).

Но, ако се следат проектираните ставки во буџетот, акцентот за финансирање долги години бил ставан на спорт и спортски активности, а незначителен процент на политики за млади.

„Таа Агенција била само за спорт, не била за млади. Успеавме со 0 буџет, освен неколку ситни работи што биле декларативни дека се за млади и ништо не се правело за нив, тоа да го смениме“, потврди ексдиректорот Каевски.

Со ова се сложува поранешниот претседател на Националниот младински совет и истражувач во „Реактор“, Блажен Малески.

„Долги години, самата агенција имаше 0 или минимален буџет за млади. Чисто за илустрација, во периодот од 2010 до 2013 година, терминот млади не постои во буџетот на агенцијата, која директно треба да се грижи за младите“, вели Малески.

„Вториот ден кога влегов во Агенцијата бев на бранење на Буџетот во финансии. Прво што се заложив беше да го појачаме буџетот за младите и успеавме во тоа“, вели за БИРН новоименуваниот директор Наумче Мојсовски, алудирајќи на тоа дека младите нема да бидат „буџетски занемарени“ во неговиот мандат.

„Имаше реакции на почетокот, во смисла еве сега дојде спортист и уште толку ќе ги занемари младинските политки. Јас нема да ги делам ниту спортот, ниту младите“, вели актуелниот директор Мојсовски.

Вели дека првата работа што ја направил била токму тоа – да има повеќе пари за младите во проектираниот буџет и, како што рече, успеал во тоа.

За шест години, од 2015 до 2020 година, Агенцијата имала на располагање приближно 50 милиони евра буџетски пари, во кои не влегуваат оние собрани по други основи. Сумите варирале од година во година, но за постојната 2020, власта проектирала највисок буџет досега, од приближно 10 милиони евра. Сепак, со кратењето пари поради короната, не беше одмината ниту Агенцијата.

Од првично проектираните, најмногу пари се за спортски проекти, односно 80 отсто, потоа 15 отсто за меѓународна програма и само 5 отсто за млади. Идентично било и во изминатите години.

Aнализа на WFD и Радио МОФ, 2019 година

И приходите што ги добива Агенцијата се насочени кон спортот. Имено, приредувачите на игри на среќа во обложувалниците и во клубовите со автомати месечно ѝ исплаќаат посебна давачка за финансирање на спортот. Сумите варираат, но во 2019 година, таа ставка надминала 59 милиони денари.

Податоците од Годишниот финансиски извештај за 2019 година покажуваат дека една третина од буџетот на Агенцијата отишол за изградба на спортски објекти.

Младинскиот образовен форум во 2018 година објави Мониторинг на работата на АМС, при што анкетираше млади и претставници на младински организации за работата на оваа институција.

Резултатите беа разочарувачки. Од 1 до 5, младите ѝ дале средна оценка од 2,04 за општата состојба на младите во Македонија, притоа, на прашањето колку АМС придонесува за подобрување на стандардот на младите и нивната мобилност, средната оценка е 2,18 отсто.

Од МОФ ѝ препорачале на АМС да го унапреди младинскиот стандард, да ги изедначи парите во двата сектори за млади и за спорт, да формира одделение за младински политики и да соработува со младинските организации.

На прашањето дали младите ја чувствуваат Агенцијата како застапник на нивните интереси, Малески вели: „Не сметам дека можеме да очекуваме по толкаво „мирување“ на тема „млади“ од страна на Агенцијата да очекуваме дека младите ќе ја препознаат за брз период“.

Бојан Петровски, пак, претседателот на Националниот младински совет, за БИРН лоцира уште едно прашање, а тоа е дека „честото менување кадри во секторот млади го доведува до проблем континуитетот на работењето, односно целата институционална меморија“.