Репортажи

Аквадукт – богата историја на неостварени реконструкции

Тендерот е распишан, ќе биде ли овојпат поинаку?

Многу бројки се знаат за скопскиот аквадукт. На пример, дека е стар околу 1.500 години, дека има 54 сводови, дека е долг 388 метри и од почетната до крајната точка се спушта за еден метар итн.

Бројката што најтешко се утврдува е колку пати била најавена неговата „конечна“ реставрација и заживување во последнава деценија, која и натаму се чека.

Овој историски објект, кој може да се најде на речиси сите туристички промотивни материјали за градот Скопје и за Македонија, најтешко може да се најде физички. И за подобрување на пристапот до него имаше многу најави, особено по отворањето на булеварот Словенечка, но ниту тоа не се оствари.

Во меѓувреме, аквадуктот е во сѐ полоша состојба, дел од сводовите и столбовите се распаѓаат, околината се затрупува со ѓубре и се обраснува со треви, па секоја нова најава за санација, реконструкција, ревитализација или некој друг збор на „ција“, е проследена со образложение дека итно мора да се реагира, додека не е предоцна. „Итно“ не е конкретна временска одредница, но тешко дека под неа се подразбираат неколку години, колку што поминаа од некои „итни“ најави.

Многу сликања, малку работа

Тревата го покрива ѓубрето и градежниот шут | Фото: БИРН, Г. Трпковски

Ограничената меморија на македонскиот интернет-простор, каде што повеќето содржини се бришат откако ќе наполнат три-четири години, оневозможува да се направи прецизна хронологија на најавите за обнова на аквадуктот.

Во еден од подлабоките слоеви може да се најде напис од 2007 година, во поранешен „Утрински весник“, зачуван на блогот Волан. Во него се најавува дека бендот „Синтезис“ ќе одржи концерти на неколку значајни археолошки локалитети што се во незавидна состојба, а еден од нив е аквадуктот. Уште во тоа време, тој е опишан како жртва на заборавот и на негрижата на институциите за него. Во тој период, поранешниот архитект-конзерватор Васил Иљов подготвуваше иницијативи за да го обнови аквадуктот, но тие не се остварија.

Подоцна во 2007 година, во Скопје се отвори булеварот Словенечка. Првично тој бил замислен да поминува во близина на аквадуктот и со тоа да го направи овој споменик на културата попристапен за посетителите. Но, трасата беше менувана повеќепати поради имотно-правни проблеми, па аквадуктот остана на околу 500 метри од оваа сообраќајница и до него и натаму се пристапува по тесно патче покрај реката Серава.

Во 2011 година, Град Скопје, под водство на тогашниот градоначалник Коце Трајановски, објави стратегиски план за заштита и рехабилитација на аквадуктот во Скопје и неговата околина. Во објавата во градскиот весник од овој период се вели дека со тоа почнала и домашната и меѓународната афирмација на „еден од најстарите, најзначајните и најзачувани артефакти од ваков тип во овој дел од Европа“. Со планот се предвидувало доистражување и уредување на околината, но не се остварило ништо.

Повторно во 2014 година се алармираше за состојбата со аквадуктот, кога тој беше споменат во националниот извештај за климатски промени, како културно богатство што може да се урне бидејќи е во лоша состојба и не може да ги издржи климатските влијанија. Се најавија мерки за итно решавање на проблемот.

И покрај итноста, на властите им требаа четири години и промена на владејачката гарнитура и на државно и на локално ниво за повторно да се сетат дека постои овој објект, за кој не штедат зборови да го опишат како многу значаен и големо културно богатство на градот и на државата. Во 2018 година, аквадуктот го посетија премиерот Зоран Заев, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски. Пред оваа посета, околината беше исчистена од ѓубре и од градежен шут, а откако политичарите со нивните големи најави се оддалечија, отпадот и тревите се вратија околу објектот.

Владата во октомври 2019 година повторно најави итни мерки за санација, откако се откри дека некој ги оштетил камењата од десет столбови на споменикот на културата. Итноста овојпат траеше година и пол, до април 2021 година, кога на предлог на Министерството за култура и на Управата за заштита на културното наследство, објектот беше прогласен за споменик на културата од исклучително значење. Со тоа тој ја доби највисоката форма на заштита што ја предвидува законот.

Остана уште таа заштита да се реализира на теренот.

Ново оштетување при секоја посета

Дел сводови се пред паѓање | Фото: БИРН, Г. Трпковски

Теренот, пак, си ја врати формата по која беше познат во изминативе две децении.

До објектот и натаму се стигнува по тесното патче по кое нема никакви ознаки. Се вози покрај ѓубре, стара пластика, паркирани автомобили од едната страна, и покрај незаштитен речен брег од другата.

Врнежливите периоди во изминатите два месеца помогнале да пораснат треви високи до еден метар. Тие го покрија шутот и ѓубрето фрлени околу аквадуктот, па му дадоа малку поприроден, позелен амбиент на просторот. Но, потоа топлотните бранови почнаа да ја сушат тревата, па непријатната вистина скриена под зелениот тепих повторно почна да излегува на површината.

При секоја посета на објектот се забележува некоја нова дупка во столбовите, некоја нова чкртаница од посетители што мислат дека нивното име испишано со спреј е поважно од повеќевековната историја на објектот, некое ново купче градежен шут.

Поради запуштената и обрасната околина, аквадуктот и натаму е во опасност од пожари. Пред две години таму интервенираше противпожарната единица, кога гореше сувата трева веднаш до објектот.

Ќе биде ли овојпат поинаку?

Се очекува повеќегодишен проект за реставрација | Фото: БИРН, Г. Трпковски

Последната одлука на владата, со која аквадуктот го доби највисокиот степен на заштита, дошла преку ред. Министерката за култура, Ирена Стефоска, за БИРН вели дека на нејзино инсистирање тој бил ставен на дневен ред во Министерството поради алармантната состојба, иако имало елаборати за други објекти што чекале подолго време да бидат разгледани

Директорот на Националниот конзерваторски центар, Коле Чапкановски потврди дека сите подготовки се завршени и во тек е тендерот за избор на изведувач. Очекува следната недела да се одржи електронско наддавање. Ако се избере компанија што ги исполнува условите, ќе се почека да помине рокот за жалби и да завршат другите формалности. Ако биде успешна постапката, вели, со работа ќе може да се почне од крајот на јули или од почетокот на август.

Чапкановски додаде дека проектот ќе биде повеќегодишен бидејќи објект како аквадуктот, што е од исклучително значење од една страна, а во тешка состојба од друга, не може да се заврши за кратко време.

„Ќе се реализира во фази, прво ќе се работи на дренажата и на санација на столбовите, па на зајакнување на најоштетените делови и постепено ќе се завршат сите активности“, додава директорот.

Како што најави министерката Стефоска, се избира градежна фирма што ќе има искуство со реставрација на историски градби, бидејќи „не може кој било да работи на ваков споменик“.