Регион

Австријците се спротивставуваат на комеморацијата во Блајбург

Од австриската сојузна покраина Корушка е побарано да ја забрани хрватската комеморација во Блајбург, со која им се оддава почит на цивилите и поразените профашистички сили, кои партизаните ги убиле во 1945 година.

Од комеморацијата во Блајбург во 2016. Фото: Бета

Пишува: Свен Милекиќ, Загреб

Австриската сојузна покраина Корушка прими барање од 21 организација,(политички, невладини и антифашистички организации), за забрана на комеморацијата чие одржување е најавено за в сабота, во чест на припадниците на хрватските колаборационистички сили и цивили, кои во 1945 година беа фатени и убиени, објави австриската државна телевизија ОРФ во средата.

„Собирот во знак на сеќавање на усташката држава стана најголем неонацистички собир во Европа“, велат организациите во своето барање, упатено до премиерот на Корушка, Петер Кајзер.

Пратеникот на Зелените во австрискиот парламент, Карл Олингер, изјави дека комеморацијата во Блајбург „е најголема средба на ревизионистите, неонацистите и следбениците на една фашистичка држава“.

Но, корушката Канцеларија за заштита на уставниот поредок, го опиша овој настан, кој се одржува веќе 30 години, како „црковен собир“.

„Овој настан, според австриските закони, не може да се забрани“, изјави за австриската новинска агенција АПА, Герт-Aндре Kлуш, премиер на округот Фелкермаркт.

Kлуш додава дека досега на овие собири, и тоа пред неколку години, е уапсено, а подоцна и осудено, само едно лице, бидејќи упатило нацистички поздрав, но дека досега не биле видени кукести крстови.

„Против униформите и симболите што се забранети во Хрватска, но не и во Австрија, не можеме да интервенираме“, рече Клуш.

И минатата година австриски невладини организации бараа забрана на овој настан, но полицијата и Канцеларијата за заштита на уставниот поредок образложија дека во овој случај не може да се примени законот со кој се забранува користење на нацистички симболи.

„За дом спремни“, пишува на униформата на поранешен бранител на Хрватска, учесник во војната во 90-тите, на комеморацијата во Блајбург во 2016. Фото: Бета

Градоначалникот на Блајбург, Стефан Визочинг, изјави оти не е среќен поради одржување на собирот.

„Како социјалдемократ, не го одобрувам и мислам дека тука, вистинската заднина, се крие зад параванот на црковен собир“, рече тој.

Додаде дека не може да го забрани овој собир, затоа што се одржува на приватен имот.

На комеморацијата во сабота, присутни ќе бидат Горан Мариќ, министер за државен имот, како пратеник на претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ, а говор ќе одржи новиот претседател на Собранието на Хрватска, Гордан Јандроковиќ, од ХДЗ.

За потсетување, во Блајбург, на 15 мај 1945, војници на Независната држава Хрватска, НДХ, која што им беше сојузник на нацистичките сили, и други германски соработници од Србија и од Словенија, во придружба на илјадници цивили, кои што бегале, им се предале на британските и југословенските сили.

Партизаните потоа ги вратиле затворениците во Југославија. Иако проценките се разликуваат, се смета дека по пат биле убиени неколку илјади лица, повеќето од нив во Тезно и Мацељ во Словенија.

Во времето на Југославија, комеморациите ги организираа хрватската емиграција и католичката црква, која и денес е еден од организаторите на овој настан, на кој држи миса за жртвите и нивните семејства.

Хрватската држава овој настан повторно го поддржа во 2016 година.

Во последните неколку години, на овој настан се забележуваат поединци кои носат усташки ознаки и симболи, го извикуваат устачкиот слоган „За дом спремни“ и пеат непримерни песни.