Анализи

Авторските права во светот на медиумски препишувачи

Како дигиталниот свет ги комплицира правата на новинарите и на фоторепортерите

Ако еден музичар „позајми“ мелодија од неколку секунди од песна на друг изведувач, дали тоа претставува кражба? Ако еден потрошувач купи филм на дивиди, дали е легално тој да го продаде дивидито откако ќе го изгледа филмот? Ако ентузијаст отвори продавница за стари книги, дали тој ги прекршува авторските права на писателите што ги напишале?

Иако може да изгледаат наивно, ваквите прашања отвориле многу дилеми во светот на авторските права за креативни продукти, како филмови и книги, но и медиумски текстови, видеа и слични дела.

Во принцип, авторското право се добива автоматски кога некоја личност ќе направи одредено креативно дело. Но, што се случува кога има повеќе од еден автор – како на пример, музички бенд – и тие не можат да постигнат заеднички договор? Како се делат овие права меѓу уметниците и издавачките куќи? Кој има право да заработува од овие авторските дела?

Во 2013 година, случај за авторски права стигнал дури до Врховниот суд на САД. Издавачот на учебници „Џон Вајли и синови“ поднел тужба против тајландскиот државјанин Супап Кирсаенг, кој продавал нивни учебници во САД што биле оригинално купени во Тајланд по пониска цена. На крај, судот пресудил во корист на Кирсаенг, цитирајќи ја таканаречената „доктрина на прва продажба“. Тоа значи дека сопственикот на авторското право („copyright“) нема понатаму право да се меша во тоа што некој ќе прави со нивното дело откога потрошувачот еднаш платил за него.

Судот пресудил во корист на Кирсаенг, цитирајќи ја таканаречената „доктрина на прва продажба“. Тоа значи дека сопственикот на авторското право („copyright“) нема понатаму право да се меша во тоа што некој ќе прави со нивното дело откога потрошувачот еднаш платил за него.

А какви се тогаш правилата кога авторското дело не постои во физичка форма? Поради интернетот и дигиталниот свет, веќе конфузната сфера на авторски права дополнително се комплицира. Ваков пример се електронските книги, кои, поради технолошкиот развој, може да се менуваат и по нивната публикација. Односно, ако се забележи пропуштена печатна грешка, издавачот може лесно да ја поправи.

Но, што ако промените се многу посуштински од ова? Писателот Р.Л. Стајн бил револтиран кога дознал дека издавачка куќа „Сколастик“, преку која го има објавено популарниот серијал книги „Гусбампс“, со цел да ги адаптира книгите за новите генерации, направила над 100 промени во новите изданија без да го праша авторот. Кој има право да ги направи овие промени: авторот или издавачката куќа?

Како и на глобално ниво, така и во Македонија, овие прашања полека се отвораат без унифицирани одговори. Иако државата има ратификувано повеќе меѓународни конвенции за авторски права и има одредени организации што се занимаваат овие проблематики, како Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП),  тие  често се кршат.

Поради новите технологии и интернетот, крадењето авторска содржина е полесно од кога било и може да се направи со само неколку кликови. Последиците на злоупотребите на овие дигитални права се комплексни за авторите и за медиумите, а решенијата се далеку од едноставни.

„Сме имале ситуации каде што фотографии биле преземени од страна на спортски билтени, спотови на политички партии, по традиционални медиуми, маркетинг-агенции и дури и јавни установи од општини, кои си нашле фотографија на интернет и ја искористиле за билборд за градоначалникот. Буквално“, објаснува Драган Секуловски, извршниот директор на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

Освен во вакви случаи, авторските права често се непочитувани и од тие што би требало да имаат повисока свест на оваа тема: новинарите и медиумските работници. Особено, фоторепортерите се жалат дека нивните авторски фотографии често се крадат, и тоа од свои колеги.

Проблем во новинарската фела

Арбнора Мемети | Фото: БИРН

Објавување авторска содржина без дозвола од авторот претставува кривично дело. Но, многумина не ги сфаќаат овие прекршувања сериозно, особено кога тоа ќе се случи на интернет.

Па така, авторските права на медиумските работници поразително често се кршени од своите колеги. На пример, еден новинар ќе објави текст на еден медиум, па друг медиум ќе го преземе текстот – со мали или никакви промени – без притоа да го праша авторот.

„Кога разговараме за ова, има повреда на две права: материјалното и моралното. Односно, новинарот, фоторепортерот или снимателот не бил компензиран за својот интелектуален труд, а притоа не бил признаен како автор на одредена содржина“, објаснува Секуловски.

Додека кај текстовите може да се рече дека има нејаснотии, кај авторските фотографии, кражбата е многу појасна.

„Кај фоторепортерите полесно е вина да се докаже сега бидејќи е еден автор и лесно може да се направи вештачење во дигитален контекст со метаподатоци“, објаснува Секуловски.

БИРН веќе објави видеосторија за фоторепортерката Арбнора Мемети, која се жали дека нејзините авторски фотографии биле украдени од различни медиуми повеќепати. Авторството на фотографиите било особено очигледно во ситуации кога таа била единствената фоторепортерка на терен, како кога известувала од пожарите во Берово во 2021 година.

Мемети смета дека во Македонија има „селективна почит кон авторските права“. Бидејќи таа секогаш реагира, вели дека сега медиумите внимаваат да не ги крадат нејзините фотографии. Но, истото не важи секогаш и за нејзините колеги, чии фотографии се почесто крадени бидејќи тие „воопшто не реагираат“.

Всушност, личните односи во новинарската фела ги комплицираат овие спорови бидејќи во случај на ваквите кражби, авторите се ставени во незгодна ситуација.

„Арбнора одлучи за дел од медиумите што ги тргнаа фотографиите, а не го платија надоместокот, да не влегуваме во судска постапка, веројатно колегијално бидејќи станува збор за нејзини колеги“, објаснува Павлина Зефиќ, адвокатка што ја застапувала Мемети во спор за авторски права.

Нејасни закони

Крадењето авторска содржина е полесно од кога било | Фото: Pexels

Освен фотографии, се крадат и новинарски текстови. Моментално се вршат промени на Законот за авторски и сродни права, кој е влезен во собраниска процедура, но, според Секуловски, проблем е што во самиот закон не се „предвидува во кој момент има прекршување на право за објавен текст“.

Па, поради тоа, медиумите често имаат дилеми колкав дел од еден авторски текст може да биде преземен без притоа да се прекршат авторските права. Многумина сметаат дека преземање третина на текстот со споделување на оригиналниот линк е во ред, но бидејќи нема закон кој експлицитно го одредува тоа, ваквата пракса може да доведе до недоразбирања и до прекршени права.

Досега немало судски процес што се однесувал на украден новинарски текст, така што не е јасно како би течела судската пракса во ова поле доколку некој новинар се одлучи да тужи.

Од друга страна, пак, имало судски случаи за украдени авторски фотографии – тужбите на Мемети се пример за ова. Сепак, овие процеси не е ниту едноставни, ниту евтини. Според веќе утврдените адвокатски тарифи, случаите за авторски права се водат како едни од најскапите, објаснува адвокатката Зефиќ.

Но, дури и кога еден автор се одлучува да ги плати овие трошоци, судска победа не е гарантирана. Адвокатката Маја Ристовска прва добила ваков случај кога застапувала српски фотограф, чии фотографии биле украдени од медиуми во регионот, вклучително и во Македонија. Клиентот добил две позитивни пресуди во прв и во втор степен, кои на крајот биле поништени од Врховниот суд.

„Практично беа многу добри пресуди во голема корист на авторите, беше голем стимул и мотив за авторите и за да не се краде од потенцијалните идни автори, а со ова што направија испадна дека секој може што сака да си прави“, додава Ристовска.

Поради различните проблеми во македонското новинарство, како голем број тужби против новинари и политичкото влијание врз медиумите, авторските права дури сега стануваат поголем приоритет на фелата.

„Уште од 2011 година, нашите колеги од Брисел најмногу внимание посветуваа на авторското право, а ние не можевме да разбереме зошто од толку проблеми да се фокусираме на тоа. За жал, многу години подоцна, многу луѓе тука сфатија зошто е важно да не се откажуваме од регулативата и праксата за нејзино спроведување “, се присеќава Секуловски.

Секуловски вели дека свеста кај медиумските работници е подигната и затоа на фоторепортерите им се крадат далеку помалку фотографии од порано. Исто така, тие имаат развиено неформална пракса за случаи кражба на фотографии од други медиуми. Обично, фоторепортерите спогодбено ги решаваат овие спорови и генерално прифаќаат отштета од 200 евра.

Иако сите медиуми не сакаат да ја платат оваа сума, сѐ повеќе медиуми ја признаваат грешката и им плаќаат на фоторепортерите. Овој економски момент е особено важен за Секуловски, кој смета дека авторските права се и синдикални прашања и доколку вистински се почитуваат, медиумските работници би имале подобар социјален статус.

„Фер договор подразбира дека фотографијата е направена за тој медиум и ако друг медиум ја преземе, тој медиум автоматски креира некој профит и дел од тоа треба да се даде на авторот во процентуална вредност“, заклучува тој.