Вести

Бехтел и Енка на 360 степени најдобра истражувачка сторија

Доделени новинарските награди „Никола Младенов“

„Од фирма за долна облека до надзор над проект од 1,3 милијарди евра со позајмени експерти“ на Александар Димитриевски објавена на емисијата 360 степени денеска ја доби првата награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија во 2023 година.

Серијалот на истражувачки стории откри сериозни нерегуларности во тендерската постапка за избор на надзор врз најголемиот и најскапиот инфраструктурен проект во историјата на земјава –  изградбата на автопатите од конзорциумот Бехтел-Енка.

„Ако еден новинар не верува дека неговата работа може да направи промени, тогаш ја згрешил професијата“, рече Димитриевски.

Втората награда во оваа категорија ја доби Ирена Мулачка за серијалот текстови поврзани со сомнежите околу функционирањето на Клиниката за онкологија, објавени во неделникот „Фокус“. Жирито одлучи третата награда да му ја додели на Мартин Пушевски за текстовите за борбата на граѓаните од Струмичката Котлина против отворање на рудникот „Иловица“, објавени на порталот „Дома“.

Пофалници добија Мирјана Мирчевска Јовановиќ од Канал 5, Славица Филиповска Иванова од 360 степени и Јасмина Јакимова од БИРН.

Истражувањето на Јакимова, „Брзи кредити на туѓ грб“ ги документира сведочењата на измамените граѓани, чии податоци се злоупотребени за земање на брзи кредити, како и системските пропусти кои го овозможуваат овој проблем.

Наградата во категоријата најиновативен новинарски производ ја доби редакцијата на ИРЛ за филмот „Убиство во Тетово“  во кој се истражуваше пожарот во модуларната болница во тој град. Пофалници во оваа категорија добија редакцијата „Види Вака“ и новинарката Катерина Топалова.

Најдобрата репортерска фотографија, според жирито на МИМ е на фоторепортерот Томислав Георгиев за фотографијата „Црква“, објавена во интернет изданието на неделникот „Фокус“.

Годинава за најдобра истражувачка сторија конкурирале 39 теми, за најиновативен новинарски производ – 15, а за најдобра репортерска фотографија имало пријавени 21 фотографија.

Македонскиот институт за медиуми ги доделува новинарските награди од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на сопственикот на Фокус, Никола Младенов кој загина во сообраќајна несреќа.