„Неофицијално сите знаеме дека начелното правно мислење на Врховниот суд е причината зошто Кривичниот суд сѐ уште не го прифатил обвинението за Талир 2“. Ова е ставот на специјалната обвинителка Фатиме Фетаи што таа го соопшти вчера во емисијата Студио 1 на 1 ТВ.
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во Талир 2 тврди дека ВМРО-ДПМНЕ незаконски ја стекнала палатата „Христо Татарчев“ во центарот на Скопје.
Начелното правно мислење на Врховниот суд предвидува дека тимот на Катица Јанева не смее да покренува обвиненија по 30 јуни 2017, што всушност значи дека во вода ќе паѓаат двете обвиненија што го носат името „Талир“ и истрагите што ги вклучуваат двоецот Мијалков-Камчев и првите луѓе на ДУИ, Али Ахмети и Бујар Османи.
Сега се чека Собранието да го толкува законот за Специјалното јавно обвинителство (СЈО), меѓутоа се чини дека таа мисија е невозможна, со оглед дека зад одлуката во корист на СЈО треба да застанат две третини од пратениците, меѓу кои и оние што токму Јанева ги гони.
„Имаме две обвиненија поднесени во исто време (н.з. Талир 1 и Талир 2) во ноември минатата година, едното обвинение е влезено во правна сила, а другото веќе осум месеци се цени. Иако ставот на Врховниот суд формално не се наведува како причина за неоценувањето на обвинението, сепак неофицијално сите знаеме дека тоа е причината. Се чека да се види што ќе стане со тој став, што ќе каже законодавецот“, изјави вчера обвинителката Фетаи.
Кривичниот суд во јануари целосно го прифати обвинението Талир 1, кое го опфаќа начинот на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, додека во меѓувреме, на почетокот од февруари пред да се донесе одлуката за Талир 2 се појави начелното правно мислење на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
Вангеловски често во јавноста е поврзуван со партијата ВМРО-ДПМНЕ, во чие време и беше избран за прв човек на највисокиот суд во државава. Неговото име се спомнуваше и во „бомбите“ на СДСМ.
Темната историја на „Белата палата“
Истражувањата на БИРН покажаа како ВМРО-ДПМНЕ, искористувајќи ги сите лостови на власта, ја претвори препознатливата жолта трикатница на улицата Македонија во габаритен објект висок 29 метри.
Прво, преку Општина Центар, партијата ја зголемила градежната парцела од 200 на околу 1.200 квадрати, за потоа да го купи целото државно земјиште во непосредна спогодба. Партијата за парцелата платила нешто повеќе од 130.000 евра, или 110 евра по квадрат.
БИРН пишуваше и како ВМРО-ДПМНЕ, освен што доби комплетно ново партиско седиште од „Бетон“, добила уште два милиони и 160.000 евра од истата градежна компанија пред да се изгради објектот.
Официјално во Талир 2 обвинети се експремиерот Никола Груевски и тогашниот генерален секретар на партијата, Кирил Божиновски.
Според СЈО, тие, спротивно на законите, овозможиле „Бетон“ да го изгради партиското седиште, и покрај тоа што во 2011 и во 2012 година, дури 75 проценти од приходите на градежната фирма биле од државни институции, со кои раководела партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Базата на БИРН, Скопје 2014 под лупа, покажа дека скопски „Бетон“, со властите на ВМРО-ДПМНЕ, има склучено договори во вредност од преку 216 милиони евра, или околу третина од вредноста на контроверзниот проект.
Партијата неколку дена пред локалните избори во 2017 ја заложи под хипотека палатата со официјално име „Христо Татарчев“ за да земе кредит од три милиони евра од Комерцијална банка.
А, по една изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека се размислува да се продава или изнајмува Белата палата, на експресно барање на СЈО судот замрзна голем дел од имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи ја Белата палата.
„Белата палата“ беше во центарот на вниманието и поради нејзиниот надворешен изглед и ентериерот што се вклопуваа во неокласичниот стил, кој ВМРО-ДПМНЕ го наметна преку државниот проект „Скопје 2014“.
Контроверзии предизвикаа сликаните портрети на партиското раководство закачени на ѕидовите во оваа зграда, како и портретите на историски личности, кои буквално ги има на секое ќоше во објектот.