Вести

Битиќи не знаел дека гласа за проект на пријател

Владата додели, па одзеде простор на поранешен бизнис-партнер на вицепремиерот

Тоа што дел од просторот на Драмски театар не остана на здружението „Неимар 13“, за вицепремиерот Фатмир Битиќи е изгубена можност. Вториот човек во владата ја потпиша одлуката за доделување дел од просторот на театарот на непознато здружение, основано од неговиот поранешен бизнис-партнер Глигор Михаиловски.

Две недели подоцна, откако БИРН побара одговори за случајот, владината одлука беше поништена и просторот остана на Драмски театар.

Во синоќешното интервју за 360 степени, Битиќи рече дека не крие дека со Глигор се пријатели.

„Во овој случај јас претседавав со седницата на владата. Искрено не бев свесен дека тој е еден од основачите на „Неимар 13“. Инаку, прва работа што би ја направил, би се изземал од одлучувањето“, рече Битиќи.

Овој став се разликува од писмените одговори на Битиќи за БИРН, кога вицепремиерот инсистираше дека пред вклучувањето во политиката соработувал со многумина од граѓанскиот и од приватниот сектор и дека никој од нив не би смеело да биде дискриминиран.

Одлуката беше поништена по барања на Министерството за култура. Официјалното објаснување беше дека примопредавањето на објектот не било направено во законскиот рок.

Битиќи, за 360 степени, појасни и дека првичниот предлог, просторот да им припадне на „Неимар 13“ дошол од истото Министерство.

„Го видовме концептот. Навистина овде целосно го поддржувам Министерството за култура за нивниот првичен предлог да им се отстапи. Намерите биле сериозни и добри да се врати нешто што е изгубено“.

БИРН објави дека на 13 февруари, владата му го зеде на Драмски театар објектот од 650 квадрати, и без надомест му го додели на „Неимар 13“. Се работи за страничната зграда од два ката, која е залепена со театарот и е во лоша состојба, но неопходна му е како магацин и работилница за сценските работи.

Две недели подоцна, истиот ден откако побаравме од Битиќи да ја објасни оваа одлука, владата донесе нова, со која ја поништи претходната и објектот му го врати на Драмски театар.

Од друга страна, и „Неимар 13“ не ѝ e познато име на јавноста. За него нема ништо на интернет, немаат профили на социјалните мрежи, ниту, пак, ги користат вообичаените канали за комуникација, како што е пракса на повеќето активни невладини организации.

Формирани се во 2019 година, од петмина основачи, меѓу кои и Глигор Михаиловски. Кога се формира здружението, Михаиловски е директор во фирмата на Битиќи, „Омниум коучинг и тренинг“. Откако во 2020 година станува вицепремиер, Битиќи излегува од фирмата и му ја предава на Михаиловски.