Истражувањa

Бизнис мрежата околу Коста Крпач е обвиена со офшор-мистерии

Поврзаноста на Крпач со фирмите блиски до моќни структури во ВМРО-ДПМНЕ е можен мотив за интересот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО)

Фирмата „Финзи“, чиј директор Коста Крпач минатата среда беше најден мртов во неговиот стан во скопски Центар, на директен или на индиректен начин е поврзана со три компании, кои во јавноста не се експонирани, а сепак станува збор за моќни фирми со огромни приходи.

Станува збор за фирмите „Ексико“, НВСП и за агенцијата за обезбедување „Секјурити груп сервисес“ или скратено СГС. Токму поврзаноста на „Финзи“ со овие компании, е можен мотив за интересот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), особено зашто фирмите СГС и НВСП се спомнуваа во т.н. бомби на опозицијата.

Првата беше спомната како фирма зад која се крие поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, а втората, како фирма на која наводно треба да легне провизијата од израелската донација наменета за опрема на полициските специјалци.

SHEMA1

Шемата околу „Финзи“

Мијалков, Луковски и Стајковиќ

Поврзаноста меѓу „Финзи“ и фирмата НВСП, пак, е преку лицето Владислав Стајковиќ, кој исто така беше аболиран од претседателот Ѓорге Иванов, иако неизвесно е дали и каква предистражна или истражна постапка се водела против него.

БИРН успеа да го добие телефонски поранешниот директор на „Финзи“, Стајковиќ. Кога го прашавме дали знае зошто Иванов го аболирал и какви биле неговите бизнис релации со Крпач, тој кратко одговори:

„Јас не сум човек што шпекулира, па оттаму не можам да шпекулирам зошто сум аболиран. Не е во ред сега да зборувам за Крпач, да го оставиме човекот да почива во мир, не е христијански сега да зборувам за тоа“.

На прашањето дали ќе бара претседателот да ја повлече одлуката за негова аболиција, Стајковиќ рече:

„Тоа е моја работа“.

Стајковиќ, според документите од Централниот регистар, бил директор на „Финзи“ до 2011, кога на таа позиција доаѓа сега покојниот Коста Крпач. Стајковиќ е газда на НВСП и директор на „Мобико“, фирма каде што сопственик е Жарко Луковски, главен оперативен директор на Македонски Телеком, кој е во кумски врски со Сашо Мијалков и кој исто така беше аболиран од страна на Иванов.

Фирмата НВСП во моментов се води како сопственик на два медиума – Радио Слободна Македонија и Телевизија Три Куманово, а НВСП воедно е прв сопственик и на агенцијата за обезбедување СГС.

„Финзи“ е формирана 2009 година, а како сопственик се јавува фирма од Соединетите Американски Држави, Finzy LLC, лоцирана на 41 State Street Suite 106, Albany. Фирмата, според документите од САД, е регистрирана и е активна. Токму оваа адреса води кон мистериозната скопска фирма „Ексико“, бидејќи вториот газда на „Ексико“ е фирмата Калвус ЛЛЦ, исто така лоцирана на адресата 41 State Street Suite, Albany.

На ова место, ако се гледа според Google Maps, се наоѓа административна зграда, по што следува претпоставката дека на ова место се наоѓа адвокатска канцеларија која се занимава со помагање при отворање оф-шор компании. Во еден момент на оваа американска адреса имало регистрирано и 250 компании.

Обидувајќи се да ја лоцираме компанијата Finzy LLC, наидовме на разговор објавен на каналот Youtube, каде што извесно лице се обидува да дознае дали одредена фирма (Мастер Пејперс) е регистрирана во апартманот број 106, истиот апартман каде што е регистрирана „Финзи“ ЛЛЦ. Од операторите тој добива одговор дека на тоа место е регистрирана компанија за адвокатски услуги.

Ништо без „Ексико“

Од друга страна, СГС и мистериозната офшор-компанија „Ексико“ во 2010 делеле иста адреса – Иван Милутиновиќ 14/1-2. Подоцна, СГС се сели, а „Ексико“ останува на старата локација, каде што има само поштенско сандаче и никаков знак или лого на компанијата.

„Ексико“ е веројатно најуспешната анонимна компанија во Македонија, иако е формирана уште во далечната 2001 година. Денес како нејзин сопственик се води швајцарската „T&MJ инвестмент СА“ лоцирана во Лугано.

picture

Изминативе години „Ексико“ се јави како акционер или како партнер во „Стопанска банка АД – Битола“, Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, млекарницата „Здравје Радово“ и во познатата градежна компанија „Бетон“ АД – Штип. „Ексико“ свој удел има и во хотелот „Ибис“ кој се наоѓа во непосредна близина на скопскиот плоштад, веднаш до новото седиште на „Комерцијална банка“, а фирмата е сопственик и на атрактивно земјиште на Водно, веднаш до она за кое опозицијата тврди дека е на експремиерот Никола Груевски, преку капитал од Белизе.

Преку фирмата „Архи“, „Ексико“ заедно со „Орка“ се јавуваат како сопственици и на комплексот „Панорама резиденс“, околу кој во 2014 се биеше битката во општина Центар и се случи контроверзното изгласување на ДУП-от, со помош на советникот на СДСМ, Мирослав Шиповиќ, кој претходно беше притворен за наводен криминал во сосема друг случај.

„Архи“ ја врзува „Ексико“ и со бизнисменот Ванчо Чифлиганец кој води две градежни компании под брендот „Адора“. Првата е „Адора инженеринг“, а втората е „Адора груп“ за која малку се знае во јавноста. Партнер на Чифлиганец во втората и помалку позната „Адора“ е токму „Архи“, односно „Орка“ на бизнисменот Орце Камчев и „Ексико“.

„Ексико“, за која веќе истражуваше БИРН, нема своја веб-страница, а единствениот контакт е електронска адреса на hotmail. Од друга страна, оваа фирма прави огромни приходи, иако забележително е дека од година в година овие приходи се намалуваат.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, 2014 на пресконференција праша дали шефот на тајната полиција и братучед на Груевски, Сашо Мијалков, стои зад „Ексико“. Мијалков демантираше, најави тужба против Шилегов, меѓутоа досега никој не објасни чија е „Ексико“, ниту пак, се појави нејзиниот вистински газда.

Во 2013 година приходите на Ексико изнесувале 9,4 милиони евра, во 2014 изнесувале 1,2 милиони евра, а минатата година паднале на 760 илјади евра. Интересно е дека станува збор за фирма со само 13 вработени.