Требаше тоа да бидат неколку опуштени дена надвор од Скопје, ослободени од постојано проверување на апликацијата Мој воздух и нивото на ПМ10 и ПМ2.5. Проектор, црно-бели класици, коцки за јамб, ќумбе, мир и тишина која повремено ја нарушува само шумењето на реката Бабуна… Навидум совршени услови за деконтаминација.
Прв тест за нервите беше интервјуто на Груевски во непознат број продолженија, ама добро, на тоа и сме навикнати, а и отвора широк полигон за шеги на негова сметка и разработување можни сценарија како, всушност, изгледа правењето едно такво интервју (ова мошне вешто ни го прикажа колегата Кокаланов).
Но, интервјуто за Сорос набргу го засенија апокалиптичните најави за поларните студови кои само што не ја претвориле Македонија во сцена од оној американски филм „Ден потоа“ кога замрзнува пола Америка.
Хистеријата од мејнстрим медиумите брзо ескалира на социјалните мрежи: Стасал ли поларниот бран до Виена, паѓа ли снег во Белград, чија мобилна апликација има попрецизна проценка дали ќе биде минус 16 или минус 22. И, нормално, сето тоа во контекст небаре живееме на Карибите, па ни е прв пат да видиме снег или температури длабоко во минус.
Се смееме со пријателите за краткото паметење на тема снег и епизоди на кои се сеќаваме во Скопје со температури на минус 20 и скопски мангупи што се возат со моторни санки по булеварите на главниот град под дебела снежна покривка. Во меѓувреме се јавуваат сите релевантни служби да кажат дека сѐ е подготвено за невремето, луѓе и опрема на стенд бај, годинава снегот смее да падне. Хм, ова е веќе сигнал за паника, знаејќи како надлежните служби во минатото „навремено реагираа“, како за поплавите, на пример.
За секој случај, решаваме, доколку навистина падне многу снег и се симнат температурите, дека ќе го оставиме автомобилот и ќе се вратиме во Скопје со воз, којшто проаѓа низ Теово неколку пати дневно. Тука се поставува прашањето дали ќе нѐ пуштат во воз со куче.
Четврток. Стаса снегот сосе вестите за хаосот на автопатот Скопје/Велес. Сообраќајот – блокиран во двата правци, којзнае колку автомобили заглавени на автопатот. Социјалните мрежи вријат од фотографии, видеа и неброени сведоштва за нефункционалноста на македонската држава. Десет, еве, дваесет сантиметри снег и комплетен колапс на службите кои пред помалку од 24 часа тврдеа дека сѐ е под контрола.
Дефинитивно ќе си одиме со воз. Ако не се способни да го исчистат автопатот, којзнае како ли изгледа локалниот тесен пат до Велес, полн со кривини.
Попладнето снемува струја. Дефинитивно ќе си одиме утре. Кај и да си – на Бадник дома да си!
Петок. Уште нема струја. Сообраќајот на автопатот според некои извештаи се одвива некако. Дали вреди да се обидеме да возиме? Читаме за возила што биле блокирани со часови. Прашање е дали воопшто ќе стигнеме до автопат и дали доколку се обидеме и нешто ни се случи ќе има кој да ни помогне по ридските патишта? Сепак, возот се чини како најпрактична варијанта. Се јавуваме во Битола, дали возот за Скопје тргнал на време? Да да, нема никакви доцнења, ни велат. Возот во пикторескното Теово застанува во 14 и 30. Се пакуваме, исклучуваме вода и за секој случај се јавуваме на станица во Прилеп. И таму велат сѐ е на време.
Пријателка на телефон ме уверува дека нема да имаме проблем со кучето, дека и на ловџиите им дозволуваат да патуваат со кучиња. И да не е дозволено, нема шанси да не те пуштат на овие температури, не се секирај, ми вели.
Неколку минути по 14 часот ја затвораме куќата и тргнуваме накај железничката станица. Доаѓаме на станицата која, всушност, и не е станица туку некаква куќарка со четири ѕида, два прозорци и метална врата која, се разбира, е отворена. Внатре нема ништо, температурата е исто минус како и надвор, единствено што дава некакво засолниште од ледениот ветер. Еден маж и една жена веќе чекаат.
Не пуштаат кучиња, ни вели човекот, веројатно затоа што возовите се нови. Ја пакуваме Еди во торба, покриена со шал, додека низ глава ми се мотаат сценарија што ќе правам ако не нѐ пуштат и останеме заглавени во оваа недојдија. Тоа е сега, ќе ја шверцам, ако нѐ фатат ќе викам, ќе се карам, ќе се заканувам со Анима Мунди… Ма, ќе биде ок, белки не се толку без срце па да нѐ избркаат во вакви услови!
Веќе чекаме половина час, абер нема од возот. Пријателката се јавува на станица во Скопје да види до каде е возот. Па, како јас да знам, јавете се во Битола, од Битола доаѓа, јас немам информации, гласи одговорот од Железничката во Скопје. Гугламе железничка станица Велес, прв резултат е од 2016 дека железничката добила телефонски број. Никој не се јавува на него. По 40-тина минути чекање доаѓа модерниот кинески воз. Полн. Да не бев толку згрчена од студот, веројатно ќе танцував од среќа кога го видов како се приближува, нашиот моќен спасител што ќе нѐ избави од оваа ледена агонија. Само уште никој да не ја види Еди и ќе можам да уживам во патувањето со воз, на кое искрено му се радував.
Влегуваме на самиот крај, има само неколку слободни места. Прашуваме зошто доцни ако секаде ни рекоа дека сѐ е на време. Еден од патниците ни вели дека стоеле во Богомила половина час. „Гарант правеле пауза за пушење“ ни вели.
Седнувам во првиот ред покрај тоалетот на седишта затрупани со нечии куфери и торби. Во случајов ми одговара, бидејќи можам торбата со Еди да ја скријам зад туѓите куфери. Ја покривам со шал и ја галам по главата со надеж дека ќе заспие. Се тресе од студот.
Температурата во возот е незначително повисока од онаа надвор. Нема греење. На дисплејот пишува на македонски и на англиски дека возот е на релација Битола – Скопје и се најавува следната станица. На неколку минути женски глас на англиски соопштува дали тоалетот е слободен или не. (The toilet is now occupied.). Ова со англискиве најави не ми личи дека е наменето толку за странски туристи колку дека не успеале да стават најава на македонски.
Не можам да ја видам вратата од тоалетот, меѓутоа не ми изгледа дека навистина има толку посетители колку што често го слушам гласот на незнајната Кинеска. Размислувам дали да влезам, којзнае дали внатре дава и инструкции за миење, сушење раце, тоа би било забавно. Но, љубопитноста потклекнува пред студот.
Доаѓа кондуктерот. Картата до Скопје е околу 160 денари. Еди незабележана заспива, ја покривам и преку главата со шал за да не ја забележи некој. Потоа ја ставам торбата врз нозете во обид да се згреам. Хипстерот спроти мене вади блузон од ранец и се покрива преку нозете. Возот, како метро, застанува на неколку минути, влегуваат повеќе луѓе, сите коментираат како е можно да нема греење. Велес. Стоиме подолго. Никој не знае зошто. Од другата страна пристигнува возот од Скопје. Можеби тоа е причината, но тој воз доаѓа и веднаш заминува, ние сѐ уште стоиме.
Дисплејот се гаси, ги нема веќе ни соопштенијата од тоалетот, но затоа доаѓаат двајца кои се чини дека се обидуваат да го вклучат греењето, некаде покрај тоалетот. Премногу ми студи за да се помрднам да видам што прават, па само ги слушам, стуткана на црвеноте седиште. Тропаат по вратата на тоалетот и со смеење викаат Отвори, отвори! На асоцијацијата на Катица пред МВР се смеат и патниците, а јас си мислам како не е тука Кокаланов да ја види во живо својата сцена од романот Ние сме лудаци.
Во тоалетот нема никој, двајцата ликови од железници се плеткаат десетина минути и заминуваат, додека патниците почнуваат расправа дали успеаја да го вклучат греењето или не. Сѐ уште стоиме. Се наметнува мислењето дека сега греењето работи. Не чувствувам никаква разлика.
Го гледам дигиталниот часовник на станицата во Велес, покажува 17 и 23. Го гледам мојот часовник – 16 и 23. Уште не се префрлиле на зимско сметање. По половина час стоење, тргнуваме. Од задниот ред излегува еден младич и седнува спроти мене во првиот ред. Ги собува чевлите. И чорапите. Од џебот на јакната вади друг пар чорапи. Ги обува. Мора да стане повторно за да ги обуе и чевлите, изгледа му се тесни. Клекнува, па потскокнува. Не ми се верува… Ја изгуби ракавицата додека менуваше чорапи, па другите патници се приклучија во потрагата под седиштата.
Ми се јавува сестра ми. Инсистирала на Железничка во Скопје да ѝ кажат до каде е возот, па службеникот вртел телефони да провери, на крајот за да ѝ каже дека возот е кај Рајково и самата да си пресмета колку време му треба до Скопје. Двете прв пат слушаме за Рајково, ама сега веќе не е ни важно. Кај и да е, ќе стасаме во Скопје. Се појавува онаа грдосија од крст кај кулите Џеваир. Дома сме!
Само што влеговме на перонот на Железничката станица во Скопје, Еди се разбуди од своето прво патување со воз.