Платформата и што по неа?

Во држава во која не се почитуваат основните човекови права, каде што не постои ниту една контролна институција на системот, каде што медиумските слободи се под минимумот, каде што еден дожд предизвикува катастрофални поплави, а снегот што порано се нарекуваше „зимска радост“ сега е тешка елементарна непогода, каде што градовите се најзагадени во Европа,.. во таква држава платформата на албанските парламентарни партии навистина изгледа како евтин политички памфлет.

Враќањето во игра на колективните права во мигот кога индивидуалните права се девастирани и доведени на најниско можно ниво, а власта, преку нивниот најмоќен човек (Никола Груевски), праќа пораки дека ќе поведе крстоносна војна против „внатрешниот“ и „надворешниот“ непријател, мора да прозвучи како дневно-политичка игра за сопствениот електорат и да се спаси она што може да се спаси во ситуација на очигледно талкање во актуелната политичка состојба.

Оваа платформа, всушност, ја девалвира основата на парламентарната демократија, односно повеќепартиските избори. Кој, имено, е изборот на гласачот ако сите партии (во случајот од албанскиот политички блок) имаат исти барања и каде е тука плурализмот на идеи, програми, па ако сакате и на партии? Настрана легитимноста или нелегитимноста на барањата ставени во платформата, начинот на нивното ултимативно презентирање веќе предизвикува барања македонските партии да излезат со некаква контра-платформа и целосно да го обезличат демократскиот принцип на владеење.

Оваа платформа, всушност, ја девалвира основата на парламентарната демократија и плурализмот на интересите, бидејќи во цврсто оградените етнички трла партиите ја губат својата функција

Со други зборови, платформата го предизвикува оној наш примитивен нагон за делење по трла, наместо за поврзување во една колку-толку функционална држава. Односно, повторно се минираат парламентарната демократија и плурализмот на интересите, бидејќи во цврсто оградените етнички трла партиите ја губат својата функција.

На крајот од краиштата, јасно е дека начинот на кој се бара да се решат барањата од платформата практично наложува широка, односно концентрациона влада, во која би влегле сите парламентарни партии, што повторно ја дезавуира смислата на парламентарната демократија. Зошто има избори ако сите се власт? Се разбира дека политичарите што ја потпишаа платформата се доволно искусни ова да го знаат, како што знаат дека ваквото решение не само што нема да ја разреши политичката криза туку и ќе ја продлабочи. И тоа со евентуални прилично несакани последици.

Зошто тогаш тоа го бараат лидерите на албанските политички партии? Постојат неколку објаснувања. Прво, кревање на доста опаднатиот рејтинг меѓу сопствените гласачи и поткревање на имиџот на клучен фактор при формирање влада. Ова пред сѐ важи за ДУИ, која по овие избори се најде во слободен пад, па се реши да игра на она врз кое ја градеше својата позиција од 2001 година наваму – на колективните права. Второ, на овој начин се изместува фокусот од вистинските причини на кризата кон меѓунационалните односи – карта што се влече од ракав секогаш кога тендерско-криминалното владеење ќе дојде под знак прашање. А сега овој модус на владеење и тоа како е проблематизиран.

Се разбира дека погоре кажаново не ги делегитимизира барањата од платформата. Напротив, тие се совршено легитимни, па дури и она за наводниот геноцид врз Албанците од 1912 до 1956 година (кое, всушност, не е ништо друго туку потврда на тезата дека се работи за добивање евтини политички поени). Повеќето од тие прашања, како што се знамето, грбот, химната, името… и така неминовно создаваат фрустрации. Впрочем, нема ништо лошо државата да има симболи што ќе бидат прифатливи за сите нејзини граѓани, ако веќе овие не се.

Опозицијата може да го прифати и да го отвори дијалогот за сите прашања од платформата (вклучувајќи ја и будалштината со геноцидот), но првенствено треба да ги постави приоритетите, а тие се назначени во Извештајот на Прибе

Значи, барањата се легитимни, само што се поставени на нелегитимен начин – со уцена! И – не се приоритетни. Конечно, кризата поради која се одржани овие предвремени избори не е предизвикана поради заострените меѓунационални односи туку поради криминалното владеење. Не е, значи, точно дека државата не функционира поради дефицитот на колективните права (иако тој дефицит постои) или поради тоа што не сме задоволни со знамето туку затоа што не функционираат институциите, затоа што малку снег ја блокира цела држава, затоа што луѓе ни умираат на улиците, додека палмите се греат…  Да, навистина денес поголем приоритет е канализација од федерализација.

Кое е решението? За Груевски секако тоа е отстранување или дисциплинирање на невладините организации, замолчување на малкуте објективни медиуми и отстранување од јавниот простор на секое поинакво мислење. Налик на малите деца кога ќе наидат на некој проблем, па ќе ги затворат очите и проблемот ќе се реши. Тој, во познатиот стил, најавува платформа на платформа, односно контра-платформа.

Наспроти ова, дебатата треба да се отвори. Опозицијата може да го прифати дијалогот за сите овие прашања (вклучувајќи ја и будалштината со геноцидот), па дури и да постави некоја временска рамка за нивно разрешување. Но, првенствено треба да ги постави приоритетите, а тие се назначени во Извештајот на Прибе. Значи, да се донесат сите неопходни закони за СЈО, системски да се реши прашањето на Службата за безбедност и контраразузнавање, судството да се донесе во ред, да се ослободи јавната мисла и, секако, да се процесуираат сите дејствија на организираниот криминал. И нивните носители.

Тоа е приоритетната политичка платформа без која нема излез од кризата. Сѐ друго е дефокусирање, спасување сопствена кожа и фрлање прав во очи.