Регион

„Да беше тука“ – кампања за исчезнатите лица на БИРН

Новата кампања на БИРН, „Да беше тука“, е посветена на семејствата чии членови исчезнале во балканските војни, кои сè уште чекаат да ја дознаат нивната судбина

Балканската истражувачка мрежа, на Денот на вљубените, започна нова кампања во чие средиште се исчезнатите лица. Целта е да се привлече вниманието на фактот дека бројни луѓе низ Балканот, во последните војни, ги загубија најблиските и дека дел од нив, повеќе од две децении по завршувањето на војните, сè уште чекаат да дознаат каква било информација за своите сопружници или за другите членови на семејството.

БИРН, во рамките на кампањата, ќе разговара со членови на семејствата на исчезнатите лица, кои сè уште трагаат по своите родители, деца, сопружници, браќа и сестри, во насока на подигање на јавната свест за овој проблем.

„Оваа кампања има за цел да покаже дека постојат луѓе, кои сè уште се погодени од војната и дека нивните потреби не се решени адекватно“, вели Јована Прусина, координаторка на проектот на БИРН, Балканска транзициска правда.

„Ние сакаме да дадеме човечката димензија на прашањето за исчезнатите лица и да ги донесеме во прв план сопружниците, родителите, децата, браќата и сестрите на оние, кои сè уште се водат за исчезнати. Решивме да започнеме на Денот на вљубените, затоа што сите жени со кои разговаравме веројатно би го поминале овој ден со своите сопружници, но наместо тоа, тие денес дури и не знаат каде се тие“, додава Прусина.

Според Меѓународната комисија за исчезнати лица, веднаш по крајот на војните во поранешна Југославија, биле регистрирани над 40.000 исчезнати лица, од кои до денес се пронајдени повеќе од 70 проценти. За останатите 11.000, сѐ уште ништо не се знае.

И покрај напорите на Меѓународната комисија за исчезнати лица, меѓународните судови и организации, семејствата на исчезнатите лица и натаму сметаат дека нивното право да ја знаат вистината не е испочитувано, во најголем дел заради несоработката на владите на државите од поранешна Југославија.

Иако војните во регионот завршија пред повеќе од 20 години, тие сè уште немаат информации за судбината на нивните најблиски.

Силвана Маринковиќ

Силвана Маринковиќ, последен пат го видела својот сопруг, Горан, на 19 јуни 1999 година. Тој имал 27 години. Неколку дена претходно, тие биле раселени од селото Сливово. Завршиле во Грачаница, каде што претежно живееле Срби. Војната штотуку завршила и Горан и неговиот сосед се подготвувале да го напуштат Косово и да заминат во Србија, кога тој, заедно со уште две лица, бил киднапиран. Силвана Маринковиќ, сè уште живее во Грачаница и е член на Здружението на семејства на киднапирани и исчезнати лица од оваа област.

 

Наѓа Хаџиќ

Наѓа Хаџиќ од местото Свраке, Босна и Херцеговина, изминатите 28 години трага по својот сопруг, Химзо Хаџиќ. Двајцата биле затворени во логорот Семизовац во сараевската населба Вогошќа, заедно со нивните деца. Српските сили го однеле од овој логор, заедно со уште еден маж, само два дена пред да бидат ослободени жените, децате и старите луѓе. Во брак биле осум години. Тогаш таа го видела последен пат.

 

 
Душанка Којиќ

Душанка Којиќ, го бара својот сопруг, Коста Којиќ, повеќе од 24 години. Таа последен пат го видела на 1 мај 1995 година, кога го испратила на фронтот. „Се бакнавме и тој замина. Влезе во комбе и замина. Од тогаш повеќе не го видов“, вели таа. Душанка денес живее во Белград и е член на здружението Солза (Суза), кое ги претставува семејствата на исчезнатите Срби од Хрватска.

Флутурие Тупела

Флутурије Тупела, последен пат го видела својот сопруг, Басри Тупела, во јуни 1999 година. Тој бил добро познат ракометар од Митровица, спортски претставник на Косово и на Југославија. Кон крајот на војната во Косово, српските сили го одвеле, заедно со неговиот брат и внук. Флутурие никогаш повеќе не ги видела.

Нена Благојевиќ

На 1 мај 1995 година, Нена Благојевиќ, го испратила својот сопруг на фронт во Хрватска. Тогаш последен пат го видела. „Се сеќавам на сè, но не се сеќавам во што беше облечен кога замина“, вели таа. Нена денес живее во Шид, Србија, и е член на здружението Солза. Таа сè уште се обидува да открие што се случило со нејзиниот сопруг.

Зекија Авдибеговиќ

Сопругот на Зекија Авдибеговиќ, исчезнал во јуни 1992 година. Омер Авдибеговиќ, имал 38 години кога, за време на војната во БиХ, го одвеле. „Тој ми рече да одам, да го гледам нашето дете, па што биде, нека биде. Тогаш последен пат се видовме“, вели таа. Денес, таа е претседател на Здружението на семејства на исчезнати лица на општина Илијаш.