Блог

Дедо Мраз: Ковид-ковидосано, нигде мерка, ни проверка

„Мање-више“ измислено интервју

  • 7
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Без никаква најава, на три-четири метри од плочникот се појави густ воздушен прстен, кој застрашувачки го вшмукуваше воздухот над една од скопските клупи. Изгледаше како портал, доволно голем низ него да мине двокатен автобус.

Да имаше луѓе во Градскиот парк, од вителот што се симна ќе настрадаше фризурата на некоја госпоѓа, која панично со рацете ќе ја штитеше внимателно сплетената пунџа, или до зајдување ќе џавкаше некоја бела пудлица на поводник.

Меѓутоа, во пет часот и 10 минути наутро, на последниот ден од годината се вознемирија само сувите лисја низ паркот.

Не забележав кога слетал, ама го чув. Слушав како некој со дланките си го чисти капутот и мрмори задушено под маска. Дедо Мраз се појави точно навреме.

Му честиташе на Рудолф за летот, погалувајќи го меѓу роговите и седна на соседната клупа.

„Еве ме!“, внимателно се поткрена за да подаде стисната тупаница наместо поздрав.

„За секој случај одоздола ставив и хируршка маска“, ја подигна Дедо Мраз необично црвената N95-ка.

Биткоини за коледари

Пред тргнување, Баба Мразица имала лажен позитивен тест, a половина од џуџињата биле во изолација. Нови три елфа фатиле корона, сега дознал, и со сожалив израз на лицето ми ја покажа вибер-групата во која се допишуваат.

„Се прават паметни, не седат дома.“

Пандемијата не му го сменила многу животот. Тој отсекогаш работел од дома, а при разнесувањето на подароците, не е стапува во контакт со никого, доцна во ноќта се спушта преку оџакот и незабележливо ги остава пакетчињата.

„Имам проблем со овие што ставија инвертер-клими, ама се снаоѓам“, се пожали Дедо Мраз.

„Имам проблем со овие што ставија инвертер-клими, ама се снаоѓам“, се пожали Дедо Мраз

Годинава, подготовките за пат му биле невообичаени. Ги собрал скапо платените советници во кабинетот и заради безбедност побарал да изработат корона-елаборат за земјите каде што ќе дарува.

„Ковид-ковидосано, нигде мерка, ни проверка“, гласи досетливиот наслов на извештајот за земјата од југот – Северна Македонија.

Затоа Дедо Мраз, покрај за пакетчињата, дошол и да ни помогне најмногу што може.

Од некаде извади стуткан постер со полициската акција „Пријави журка“ и си го покри лицето, покажувајќи ми го плакатот. Одвај го разбрав, зад плакатот и под маската, дека на новогодишната ноќ ќе лета насекаде со санката и затоа ќе има увид дали луѓето се групираат.

„Никој нема да ми избега, не сум јас Оливер Спасовски!“, насмевката му светна во очите.

Ова нема да биде единствениот придонес на Дедо Мраз во борбата против вирусот. Министерот за здравство, Венко Филипче го ангажирал како специјален надворешен советник за ризични празници. И Дедо Мраз веќе има една препорака за Венко Фајзер, како што на шега го има запишано министерот во мобилниот.

„Да се забрани Коледе! Кој сака нека пее на Зум и кој има, нека им дава биткоини на децата.“

Дедо Мраз го искористи разговорот со мене да демантира дека има каква било врска со дарувањето на Општина Лозово преку нивната новогодишна лотарија. Знаете сите, ќерката на градоначалникот доби шпорет на лотаријата, па фамилијарно со татка си решија да го донираат.

„Да се забрани Коледе! Кој сака нека пее на Зум и кој има, нека им дава биткоини на децата.“

Дедото му се јавил на градоначалникот на Лозово и му рекол – „море момче, немој ова навика да ти стане, утре може кривична да добиеш“.

„И кривичната ќе ја донираме“, како од пушка му одговорил.

Утринава смрзнавме во паркот, сонцето беше ниско на хоризонтот и се криеше зад маглата, но Дедо Мраз беше расположен за муабет.

На тргнување им пишал дипломатска нота на Бугарите. Се исплашил тандемот Захариева – Каракачанов и него да не го присвојат, па да избие некој скандал од европски размери.

До таму ли дојде работата, прашавме мислејќи дека се шегува.

„Па, нели Гоце и Даме биле Бугари? Исто како Цар Самоил и светите Кирил и Методиј. Од тие со брадите само уште јас и Хемингвеј останавме.“

Фински модел на спојување

Сите знаат дека дедото живее во Лапонија, во најсеверниот дел од Финска.

А, Финска е многу популарна деновиве кај нас поради идејата на министерката за образование, Мила Царовска, да спојуваме повеќе школски предмети во еден. Сакавме да чуеме изворно од дедото со црвениот капут, што мисли тој – дали кај нас ќе успее нивниот фински модел.

„Хммм… тешко е да се каже. Вас ве бива само да споите продолжен викенд“, сериозно одговори, а звучеше како да ни ги читал резултатите од ПИСА-тестовите.

Пред тргнување, Баба Мразица имала лажен позитивен тест, a половина од џуџињата биле во изолација

Потоа го извади ајсфонот за да се пофали дека деновиве се чул со премиерот Зоран Заев. Немало смисла ненајавен да доаѓа. Овој, пак, мислел дека повторно го местат руски пранкери, но Дедо Мраз го уверил дека зборува со вистинската личност. Па, потоа, нормално, го снимил разговорот.

Ми ја пушти снимката. Тој го почнува муабетот:

– Каај си бе, Зоки! До вчера виткаше кичма, сега ќе виткаш џоинт. Хо, хо, хо!
– А, бе, Дедо Мраз, пак мрчеш! Не е опортуно да се зафркаваш, лепче вадиме од тоа марихуаната. Бај д веј, сакаш лиценца?

Пред да чуеме што одговорил Дедо Мраз, тој се сепна. Скокна од клупата и за малку ќе го испуштеше ајсфонот станувајќи. Ја отвори црвената торба и половина минута глумеше дека бара нешто.

„Дезинталот, го барам дезинталот“, го подигна неуверливо погледот.

„Не користиме влажни марамчиња, ни смрзнуваат горе во Лапонија“, се трудеше да ја смени темата.

Конечно го најде ‘дезинталот’ во задниот џеб, а вадејќи го му падна стуткано и неотворено плико, на кое со големи црни букви пишуваше „Од Димитар Апасиев“.

„На овој веќе не му отворам писмо! На толку амандмани, еднаш името не ми го спомна!“

И туку-така, разговорот од Заев и од марихуаната, се префрли на опозицијата.

Абер од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не му стигнал, ама затоа Дедо Мраз му пишал. Го прашал што сака за Нова година.

„Повеќе пати сум одговорил на тоа прашање“, гласел кусиот одговор.

„Па, нели Гоце и Даме биле Бугари? Исто како Цар Самоил и светите Кирил и Методиј. Од тие со брадите само уште јас и Хемингвеј останавме.“

Поради неодредениот одговор, Дедо Мраз многу се мислел, ама на крај се решил за практична варијанта, нешто што ќе му користи в зима – топли плетени ракавици.

„Овие немаат отсјај, ама вршат работа.“

Тука некаде приврши нашиот разговор. Дедо Мраз мораше да ја почне мисијата за која беше дојден во Македонија.

Освен што ќе дели пакетчиња, денеска планира да ги израдува дечињата со еден перформанс. Ќе прошиша со санката низ плоштадот, а тие што ќе го пропуштат, ако евентуално се на онлајн-часови, видеото ќе може да го видат на неговиот Тик-ток (@therealsanta).

„Немам ‘бентли’, ама ќе најдам 45 евра за казната.“

Повторно од нигде-никаде над клупата се појави воздушниот прстен и почна да го вшмукува воздухот. За Рудолф, кој лежеше на тревата, тоа беше знак да се подигне на сите четири нозе.

Дедо Мраз стана, упати еден војнички поздрав и замина без ракување. Некаде во далечината се слушаше џавкање на пудлица.