Истражувањa

Десетгодишна битка нa полицаец од БиХ за докажување на невиноста

По три и пол години поминати во притвор во Србија и десет години правна битка против обвинувањата дека дал наредба за напад на колона на Југословенската народна армија (ЈНА), која во 1992 година се повлекувалa од Тузла, поранешниот полицаец, Илија Јуришиќ, се сеќава на неговата борба да докаже дека е невин.

Ерна Мачкиќ, Сараево

Во 1992 година, Илија Јуришиќ бил пензиониран полицаец, кога, откако започнал конфликтот во Босна и Херцеговина, добил повик за мобилизација од општина Тузла. Бил назначен за советник на началникот на станицата за јавна безбедност во Тузла.

Но, набрзо, со избувнувањето на насилството, се сменил и неговиот живот.

Силите на ЈНА во Тузла на 15 мај 1992 година почнале да се повлекуваат од касарната на Хусинско брдо во Тузла, кон градот Бијелина, кој бил под српска контрола, кога на раскрсницата Брчанска малта, дошло до размена на оган со силите на територијалната одбрана и полицијата.

На судењето на Јуришиќ, неколку години подоцна во Белград, тужителите тврдеа дека претставници на ЈНА и на босанските сили се договориле војниците на ЈНА да се повлечат од касарната без да бидат нападнати, но босанската страна го прекршила договорот и отворила оган. Според нивните наводи, околу 50 војници биле убиени во овој напад.

Јуришиќ, во времето на инцидентот, бил на должност: „Во попладневните часови добив соопштение преку радио-врска, дека војската пука по припадниците на полицијата, кои беа распоредени заради нивен мирен излез, и дека има мртви. Началникот донесе одлука, на огнот да се одговори со оган“, раскажува тој.

Од комеморацијата на Србите, за загинатите припадници на ЈНА од „Тузланска колона“, во 2016 година. Фото: БИРН

Јуришиќ додаде дека огнот бил отворен во самоодбрана, но Србија, како што и самиот ќе дознае 10 години подоцна, овој инцидент го сметала за воено злосторство.

По војната, Јуришиќ продолжил да живее во Тузла. Тој слободно се движел до мај 2007 година, кога беше уапсен на аеродромот во Белград, додека патуваше во посета на својот син во Германија.

“Полицаецот излезе од својата просторија и ми рече да појдам со него. Кога слеговме во сутеренот, бев изненаден колку полицајци имаше во ходникот. Полицаецот од катот, ме предаде на своите колеги. Друг ме зграпчи за раце и ме стави во една темна соба … Седнав на подот“, вели тој.

Поради стресната ситуација, на Јуришиќ му паднал шеќерот. Тој побарал вода, но слушнал само „цинична смеа, потсмевање и навреди”.

Подоцна, видел светлината и го видел својот помлад син на вратата од ќелијата, кој му ја носел торбичката со лекови. „Ги зедов тие лекови и мислев дека ‘филмот’ со мене е завршен, но моето страдање продолжи”, се сеќава тој.

Со полициско комбе го префрлиле во Безбедносно-информативната агенција (БИА) на Србија. „Се превртував во возилото, како лубеница во багажник”, раскажува Јуришиќ, кој се здобил со рана на главата, а лактите му биле исчукани.

Потоа го префрлиле во централниот затвор во Белград, каде што му дале парче хартија со опис на злосторствата за кои е обвинет, добил ќебе, ‘рѓосана лажица и јадење.

„Кога ја отворија ќелијата, во неа имаше неколку луѓе, никој не ми беше познат. Подоцна дознав дека тие беа затвореници за „Овчара”, членови на „Земунскиот клан”, а некои шверцери на цигари“, вели Јуришиќ.

Нападот на „Тузланската колона“ во 1992 година. Фото: Јутјуб

Тој верува дека луѓето во ќелијата знаеле дека е осомничен во предметот „Тузланска колона”. „Ме гледаа попреку, не ми се приближуваа, но вербално ме навредуваа, ги пцуеја моите родители, мојата земја, мојот народ, сите, не би сакал да зборувам што сѐ рекоа. Ја сфатив сериозноста на ситуацијата и мислев дека дошол крајот на мојот живот“, истакнува Јуришиќ.

Кога неговата фотографија и информации за неговото апсење се појавиле на телевизија, што го виделе и во затворот, другите затвореници, потенцира Јуришиќ, „го гледале крвнички”.

Неговото судење започна во февруари 2009 година. „Реков дека го разбрав обвинението, но не и дека го прифаќам, бидејќи нема блага врска со моето однесување. Им реков дека се држам до максимата на нашиот писател, Меша Селимовиќ, кој рекол: „Ако убиеш еден човек, тоа значи дека си го убил целиот свет”, се сеќава Јуришиќ.

Според Јуришиќ, тој во постапката брзо сфатил дека обвинението не било засновано на докази, бидејќи било направено пред да заврши истрагата.

Во текот на судењето, вели Јуришиќ, имало и тешки ситуации, дури размислувал и да се самоубие, но голема поддршка му бил помладиот син, кој му рекол: „Тие тоа едвај го чекаат – собери храброст да се спротивставиш и да се браниш”.

Судот во 2009 година го осуди Јуришиќ на 12 години затвор за “употреба на недозволени средства на борба”, но следната година, Апелацискиот суд ја поништи пресудата и предметот беше испратен на повторно судење. Апелацискиот суд, исто така, одлучи тој да биде ослободен од притвор.

Иако немал законска обврска да се врати во Србија, Јуришиќ одлучи да го заврши процесот.

“Цврсто верував дека можам да ја докажам мојата невиност, но тоа можев да го сторам само пред суд. Пред кој суд? Пред истиот оној пред кој моето име прв пат беше обесчестено“, објаснува тој.

Специјалниот суд во Белград во 2013 година по втор пат донесе одлука дека Јуришиќ е виновен за давање на наредба за напад врз конвојот, без оглед на договорот да се овозможи мирно повлекување на војниците на ЈНА.

Но, во конечната пресуда на Апелацискиот суд, донесена во март 2016 година, судот образложи дека нема докази кои потврдуваат дека Јуришиќ го наредил нападот.

Јуришиќ, кога се врати во БиХ, во 2010 година. Фото: Бета

По ослободувањето, Јуришиќ одржа прес-конференција. „Конечно, иако никогаш не се сомневав во себеси, го доживеав она во што верував целиот свој живот – дека вистината е најдобрата алатка во одбрана на невиноста“, рече тој.

Додека беше во притвор, во Тузла беа одржани неколку протести за поддршка на Јуришиќ, на кои присуствуваа илјадници жители на градот, градоначалникот на Тузла и локалните пратеници. Поддршка од витално значење му даде и фондацијата „Вистина, правда, помирување”, невладина организација од Тузла, која првенствено беше формирана за да му помогне на Јуришиќ во одбраната.

„Никогаш немаше да дојдам до оваа победа, да не беше поддршката и огромната помош од граѓаните на Тузла, за разлика од институциите, Федерацијата (БиХ) и државата БиХ, чија помош изостана”, рече Јуришиќ.

„Во Тузла бев величенствено пречекан, толку беше емотивно. Еве, и сега не можам да зборувам од емоции … “, додаде тој.

Јуришиќ, на крајот, ја тужеше Србија, поради, како што изјави, психолошкото страдање и нарушеното здравје, како резултат на три и пол годишниот притвор, во кој бил под обвинение за дело за кое подоцна е ослободен.

Сепак, ослободителната пресуда, која му беше изречена 20 години по настаните на Брчанска Малта, најважна му е на Јуришиќ.

“Еве, и денес ми е драго што не сум осуден и што не е докажано кривичното дело што ми се импутираше. Но, најмило ми е што со чист образ можев да излезам пред моите сограѓани и соседи“, додаде Јуришиќ.