Истражувањa

Директорот на Македонски Телеком бил сопственик на мистериозната „Ексико“

БИРН ги открива лицата и фирмите кои учествувале во формирањето и работата на „Ексико“, најуспешниот македонски оф-шор

Актуелниот главен оперативен директор на Македонски Телеком, Жарко Луковски и помошникот министер во МВР за информатика и телекомуникации, Небојша Стајковиќ, биле дел од сопствеништвото на мистериозната фирма „Ексико“.

БИРН од Централниот регистар ја извади комплетната документација за оваа фирма, која со години наназад имаше сопственици кои беа енигма, бидејќи се криеја во оф-шор компании лоцирани во Белизе, САД и во Лугано. Освен Луковски и Стајковиќ, во документите се провлекуваат и лица од Чешка, индиректно поврзани со поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, фирми поврзани со бизнисменот Орце Камчев, како и посредници од Лугано (Швајцарија) и Никозија (Кипар).

Основниот влог на фирмата, сопственик на „Ексико“, изнесува само 173.600 денари или 2.846 евра и истиот се состои од еден персонален компјутер Пентиум 2, ласерски печатач, инструмент за мерење заземјување, струјна клешта и осцилоскоп.

Последниве години, сопствеништвото на фирмата со оф-шор капитал „Ексико“ беше непозната, иако оваа компанија во 2012 и во 2013 година се наоѓаше на листата најуспешни компании, според „Еуробизнис центар“, со нето добивка која достигнува до речиси 9 милиони евра годишно.

Оваа компанија се јавува како еден од сопствениците на вредното земјиште на Водно заедно со фирмата на Орце Камчев Кара АД, а поседува и акции во големи компании како „Бетон Штип“ и Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“.

eksiko-infografik

Чешките врски во „Ексико“

Документите со кои располага БИРН покажуваат дека подготовките за основање на „Ексико“ почнале во декември 2000 година во Белизе, кога била основана фирмата – мајка на „Ексико“, Делта Инвестмент ЛТД (Delta Investment LTD, Belize). Тогаш и официјално Делта Инвестмент влегува во регистарот на компании на Белизе како меѓународна трговска компанија.

osnovanje Delta Investment

Основач на фирмата е извесен Е.Л. Стајн (E.L. Staine), a прв директор на компанијата е лице од Чешка, Мирослав Хавлик. Податоците од чешкиот регистар на компании говорат дека Чехот Хавлик и Сашо Мијалков имале бизнис релации со браќата Спаравало во Прага.

Компанијата што ги поврзува Спаравало и Мијалков е Service Point MM која во 2013 година е ликвидирана и веќе не постои, а во оваа компанија ексдиректорот на УБК имал половина од сопственоста, додека остатокот го делеле браќата Спаравало. Фирмата што ги конектира Спаравало и Хавлик , пак, е Credit Finance Group AS каде што тие членуваат во бордот на директори.

Чешкиот државјанин Мирослав Хавлик станува првиот директор на Delta Investment, сопственикот на „Ексико“ од Белизе

Чешкиот државјанин Мирослав Хавлик станува првиот директор на Delta Investment, сопственикот на „Ексико“ од Белизе

Во април 2001 година, од Делта Инвестмент Белизе се раѓа фирмата „Ексико“. Тогаш е донесен актот за основање на оваа македонска фирма, каде што како директор се јавува извесна Лили Кафтанска од Берово.

Основниот влог на фирмата изнесува само 173.600 денари или 2.846 евра и истиот се состои од еден персонален компјутер Пентиум 2, ласерски печатач, инструмент за мерење заземјување, струјна клешта и осцилоскоп, имот кој и во иднина останува непроменет.

Imot Delta investment

Во јуни 2001 година Основниот суд Скопје 1 – Скопје го носи и официјалното решение за основање на „Ексико“ и фирмата почнува со работа на улицата „Васил Ѓоргов“ 17/1-2 во Скопје.

Влезот во „Ексико“ на Луковски и на Стајковиќ

Нецела година откако е формирана „Ексико“, во фирмата како сопственик влегува единствениот Македонец кој се јавува во сопственичката структура на компанијата во последниве 15 години. Станува збор за Жарко Луковски, кој е во кумски врски со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, а во моментов е главен оперативен директор на Македонски Телеком.

На 15 март 2002 година донесена е одлуката за пристапување на содружник во „Ексико“. Фирмата со капитал од Белизе, Делта Инвестмент има удел од 51 отсто (1.451 евро), а Луковски 49 отсто (1.395 евра).

Lukovski sopstvenistvo

2-4

Се менува и седиштето на „Ексико“, од населбата Капиштец се сели на Булеварот „Партизански одреди“ 101 – истата адреса на која денеска се наоѓа фирмата „Мобико“, во сопственост на Жарко Луковски, адреса која е пријавена и како негово живеалиште.

И во официјалната биографија на главниот оперативен директор на Македонски Телеком, пишува дека тој бил дел од тимот на „Ексико“, но како проект менаџер. Таму стои дека Луковски работел во фирмата во 2002 и во 2003 година, иако на официјалните документи за „Ексико“ неговиот потпис стои и во 2007 година.

Lukovski potpis

Во истиот период, 2002 година, за директор на „Ексико“ е именувано уште едно лице од Македонија – Небојша Стајковиќ, актуелен помошник министер во МВР за информатика и телекомуникации и неизвршен член на Одборот на директори на „Македонски Телеком“ АД-Скопје. И во неговата официјална биографија стои дека од 2002 до 2006 година, пред да замине во МВР, тој работел во „Ексико“ како генерален менаџер, а претходно, во „Мобико“ на Жарко Луковски.

ns

Она што не стои во биографијата е дека Небојша Стајковиќ е брат на Владислав Стајковиќ, директор на „Мобико“ и основач на фирмата НВСП, која во јавноста беше споменувана како фирма на чија сметка треба да легне провизијата од спорната набавка на опрема од Израел, за која опозицијата објави аудио снимки од преговорите кои се водеа меѓу Мијалков и неговата тогашна соработничка Светлана Костова.

Владислав Стајковиќ и Жарко Луковски беа помилувани од страна на претседателот Ѓорге Иванов во април годинава. Небојша Стајковиќ, пак, не е на листата помилувани.

Оригиналните документи се наоѓале во „Кара“ на Камчев

Од 2007 година па наваму, барем според документите што ги поседуваме, сопствеништвото на „Ексико“ останува во целост скриено по оф-шор државите. Имињата на Жарко Луковски и на Небојша Стајковиќ се бришат и единствен сопственик останува фирмата со капитал од Белизе, Делта Инвестмент. Се менува и седиштето, па „Ексико“ од Булеварот „Партизански одреди“ се сели зад ТЦ Буњаковец, на улицата „Иван Милутиновиќ“ 14/1-2 – истото седиште што го има и агенцијата за обезбедување СГС кога се формира, во 2010 година. Оваа агенција, според „бомбите“ што ги објави опозициската СДСМ, се поврзува со поранешниот прв човек на тајната полиција, Мијалков.

Единствениот Македонец што од 2007 досега фигурира на документите за „Ексико“ е лицето Тодор Мирчевски, како директор на компанијата.

Кога Делта Инвестмент го назначува Тодор Мирчевски за полномошник на оваа компанија од Белизе, на крајот од документот стои потписот на чешкиот државјанин Халвик, а документот е заверен на нотар во Скопје. Интересен е податокот дека нотарката што го заверила документот со кој Мирчевски е назначен за полномошник на Делта Инвестмент, навела дека изворниот документ се наоѓа во фирмата „Кара“.

„Изворната исправа, по мое сознане се наоѓа кај КАРА ЛТД ДООЕЛ Скопје. Ја донесе со себе Лилјана Гајдовска од Скопје“, пишува на нотарскиот печат од 2008 година.

Kara LTD

Инаку, фирмата КАРА ДООЕЛ Скопје веќе не постои. Постои фирмата Кара АД, каде што како прокурист (лице кое може да ја застапува фирмата и да ја управува, но не може да отуѓува имот) е токму Гајдовска, а директор на Кара АД е сестрата на бизнисменот Орце Камчев, Кристина Камчева Стојчевска.

Преку Кипар до САД

Откако Луковски и Стајковиќ излегуваат од „Ексико“, се менува и сопственикот на оваа фирма. Во ноември 2007 година во државата Њујорк во САД, се формира фирмата Калвус ЛЛЦ (Calvus LLC), со адреса на 41 State Street Suit 106 Albany, New York, и оваа фирма станува новата „мајка“ на „Ексико“.

Она што е интересно е дека како директори Calvus LLC од САД се јавуваат две лица од Никозија, Кипар, Ани Јип (Annie Yeap) и Шејн Караламбус (Shane Charalambous), кои го назначуваат Тодор Мирчевски за адвокат на компанијата. Како основач на Калвус, пак, фигурира извесна Џенет М. Каруцио (Janet M. Caruccio).

Како потврда на тоа дека сопственикот на „Ексико“ има корени во Кипар, е и трансакцијата направена во 2010 година. Тогаш, со уплата од кипарска банка, преку Deutsche Bank, а по налог на Калвус, се зголемува основачкиот влог на „Ексико“ и тој изнесува 170.000 евра.

Transakcija Kipar

Едноставно пребарување по директорите на Калвус на интернет води кон заклучокот дека двајцата работат во кипарски компании кои нудат консултантски, даночни, сметководствени и ревизорски услуги за фирми од целиот свет.

Истите две лица, Ани Јип и Шејн Караламбус, се јавуваа и како директори на фирмата Finzy LLC од САД, која беше регистрирана на истата адреса како и Calvus LLC. Finzy LLC е сопственик на Финзи ДООЕЛ во Скопје, чиј директор Коста Крпач минатиот месец беше најден мртов, а сè уште се утврдува дали станува збор за самоубиство или убиство. Специјалното јавно обвинителство (СЈО) веќе потврди дека Крпач, кој исто така се најде на листата аболирани од Иванов, бил сведок за случај кој се водел во ова обвинителство.

Тука доаѓа до уште една врска меѓу овие оф-шор компании со капиталот на фирмите поврзани со бизнисменот Орце Камчев. Имено, фирмата Финзи, која е сопственик на Нетпрес Ком ДООЕЛ, основач на порталот Нетпрес, во 2009 година се јавува и како прв сопственик на Систина Кардиологија, подоцна преименувана во Си-Фи Кар ДООЕЛ Скопје.

Си-Фи Кар ДООЕЛ (најверојатно кратенка од Систина, Финзи и Кара) во 2011 година делат и иста адреса – „Иво Лола Рибар“ 59, местото на живеење на сега покојниот Коста Крпач.

adresa Finzi i Si-fi Kar

По многуте измени во сопственичката структура на Си-Фи Кар, Финзи во 2013 година и официјално отстапува од сопствеништвото, а сега сопственик на фирмата е сестрата на Камчев, Кристина Камчева Стојческа.

Историјатот на оваа фирма покажува дека во извесен период (2013 – 2015 година), како сопственик на Си-Фи Кар се јавува швајцарска фирма – AC Investment CA, со адреса Корсо Елвеција 16, Лугано. На истата оваа адреса е лоциран актуелниот сопственик на „Ексико“ – T&MJ Investment.

Kamceva Lugano

Патот на парите засега е мистерија

T&MJ Investment е формирана во мај 2011 година, кога сопственоста на „Ексико“ се сели од еден континент на друг, од САД во Швајцарија. Во септември 2011 година, директорот на „Ексико“, Тодор Мирчевски, потпишува дека Calvus LLC го отстапува својот удел од 382.846 евра на фирмата T&MJ Investment. И во името на Calvus и во името на T&MJ Investment потпис става Мирчевски, по што втората компанија станува сопственик на „Ексико“, како што останува до ден денеска.

Mircevski potpis

БИРН преку електронска пошта испрати прашања до поранешниот сопственик на „Ексико“, Жарко Луковски, со цел да добиеме објаснување со што се занимавала оваа компанија и зошто го криела сопствеништвото во повеќе држави и на два континента. Одговор на овие прашања не добивме, па телефонски го контактиравме Луковски.

„Сопственик на ‘Ексико’? Не знам за нешто такво. Работев таму извесен период, многу одамна, поставувавме мрежи, но за сопственик не знам“, ни рече тој.

По електронска пошта му ги испративме и документите што ги поседуваме, но повторно конкретен одговор не добивме.

БИРН во неколку наврати го посети седиштето на оваа компанија на улицата „Иван Милутиновиќ“, но таму, освен поштенското сандаче, нема друго обележје за постоењето на оваа фирма.

eksiko

Засега евидентна е поврзаноста на оваа фирма со клучни луѓе од Македонски Телеком, фирмата „Мобико“ на Луковски, фирмата НВСП на Стајковиќ, Финзи чиј директор Крпач беше пронајден мртов, како и фирми на бизнисменот Орце Камчев.

Она што засега останува мистерија се трансакциите, односно патот на парите кои се влевале и одлевале од овие фирми.