Документарецот „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) денеска ја доби наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија, која секоја година ја доделува Македонскиот институт за медиуми (МИМ).
„Нечиста крв“ го истражуваше работењето на приватната клиника „Жан Митрев“ за време на корона-кризата, откривајќи повеќе нерегуларности што ги загрозиле животите на пациентите болни од вирусот корона. Сторијата беше емитувана на МРТ1 и на веб-страницата на ИРЛ.
Новинарката Деница Чадиковска, зборувајќи во име на тимот на ИРЛ, рече дека тој се соочил со дискредитации и напади по објавувањето на сторијата, која предизвика полемики во јавноста.
„Токму затоа многу ни значи наградата“, додаде Чадиковска.
По објавувањето на приказната, Жан Митрев и неговата клиника се на суд под обвинение за кривичното дело измама.
Во категоријата најдобра истражувачка сторија се натпреварувале 16 приказни, обработени во 77 текстови/видеоприлози.
За наградата во категоријата Најиновативен новинарски производ пристигнале 18 теми, а победи видеорепортажата од украинскиот фронт на новинарката Кристина Атовска со наслов „Како изгледа животот во рововите на првата линија на огнот“.
„Со оваа репортажата сакав да ги мотивирам сите идни новинари, да имаат пример дека ништо не е невозможно“, истакна Атовска.
Иако е снимена само со мобилен телефон, комисијата на МИМ смета дека авторката на автентичен и креативен начин ги прикажува сите оние на првите борбени линии и гласот на најранливите, вклучително и децата со попреченост.
Сторијата беше емитувана во емисијата „Утрински брифинг“ и „Слободна ТВ“.
Најдобра репортерска фотографија, според жирито на МИМ, е фотографијата „Врнежи од канцерогени материи во Тетово“ на фоторепортерката Арбнора Мемети. Фотографијата го илустрира проблемот со екстремно загадениот воздух за време на минатогодишниот пожар во Тутунскиот комбинат. Таа победи во конкуренција со 27 други фотографии, а беше објавена на веб-страницата на „Дојче веле“ на македонски јазик.
Мемети, при доделувањето на наградата, порача дека новинарите треба да имаат подобри услови и зголемена безбедност при известување од кризни ситуации.
Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.