Досие Телеком

ДОСИЕ ТЕЛЕКОМ 3: „Подмачкување“ од два милиони евра

Разврската на процесот на либерализација на пазарот на телекомуникациски услуги, одложуван уште од приватизацијата на македонскиот Телеком, започнува со молскавична брзина кон крајот на 2004 и непредвиден исход за компанијата – ќерка на Маѓар Телеком, МакТел

На почетокот од 2005 година, Македонскиот парламент во скратена постапка добива на гласање текст на Закон за електронски комуникации со кој се либерализира телекомуникацискиот пазар на начин кој бил неповолен за фирмата ќерка на Маѓар Телеком во Македонија МакТел или како поинаку се нарекува Матав.

И покрај сите лобирања, консултации и понудени услуги за кои пишува и прецизно ги објаснува тогашниот прв извршен директор на Матав во Скопје, Атила Сендреи, во писмото до Силјановски од јануари 2005, Законот што оди во Собрaние им овозможува на телекомуникациските регулаторни тела во Македонија да објават тендер за лиценца за трет мобилен оператор, роковите се скратени и генерално неповолни за компанијата која дотогаш имала монопол на пазарот. (Види: ДОСИЕ ТЕЛЕКОМ 1: Обвинувања и одбрана)

Во екот на настаните околу усвојувањето на Законот, односно кога стана јасно дека верзијата на Законот поволна за МакТел е напуштена веќе од 26 декември 2004, до средината на јануари 2005 се одржуваат серија состаноци меѓу претставниците на МакТел, парламентарци, партиски функционери и државни службеници од владејачката коалиција кои се прецизно запишани во писмото на Сендреи.

25 декември 2004 како почеток на активностите за измена на Законот и блокада на влезот на трет мобилен оператор го посочува во своето сведочење и екс-разузнавачот Слободан Богоески.

Според Богоески, првиот Меморандум за соработка со цел одложување на спроведувањето на Законот за електронски телекомуникации бил изготвен уште на 15 јануари 2005 година, а на 30 јануари истата година била изготвена и втора верзија за која биле запознаени високи функционери на СДСМ и ДУИ.

Унгарецот Сендреи во писмото пак бележи и кој какви улоги имал притоа. Па така, запишал дека задачата на Димитар Бузлевски е да контактира и да лобира во СДСМ, а на Асан Јакупи да лобира во ДУИ. Дејан Силјановски бил задолжен да учествува и да врши презентации во партијата и во парламентот, додека самиот Сендреи си земал задача да контактира со Ристо Пенов за да го убеди како да гласаат пратениците на ЛДП. Притоа се констатира дека доколку Законот биде усвоен во актуелната форма, МакТел веќе ги има подготвено подзаконските акти и тие треба да му се дадат за помош на Коста Трпковски.

Последниот дел од писмото, со поднаслов: Што да се прави сега? ја објаснува стратегијата на МакТел за дејствување. Сендреи предлага да се инсистира на претходната верзија на Законот преку убедување на креаторите на јавно мислење. Како такви ги дефинира клучните членови на најважните комисии, а како најважни ги спомнува улогите на (мостот) Томе Тромбев и „менаџерот“ Димитар Бузлевски.

Потоа Сендреи дава интересен предлог, кој можеби ја одредува и судбината на натамошниот тек на преговорите со Владата, кои ќе завршат со т.н. Протокол за соработка:

Сендреи во писмото од 16 јануари предлага можност за „подмачкување“ од 2 милиони евра

Сендреи во писмото од 16 јануари предлага можност за „подмачкување“ од 2 милиони евра

„Доколку процесот за која било од клучните точки покаже опасност од значителни девијации од верзијата на работната група, и ние не сме во можност да го вратиме во таа состојба со други акции, во таков случај оптималната понуда за прифаќање на сите предлози треба да биде околу 2 милиони евра, доколку се побара. Но ‘подмачкувањето’ мора да се стори дури по средбите во партијата и во парламентот“, се наведува во документот.

На 26 јануари 2005 година во Скопје доаѓа Елек Штрауб, првиот човек на Маѓар Телеком. На средбите со тогашниот премиер Владо Бучковски и претседател Бранко Црвенковски присуствуваат и Димитрис Контоминас, Никос Ставридис, Михалис Кефалијанис, Дејан Мицковиќ и Атила Сендреи.

На 28 јануари Елек Штрауб му пишува писмо на Бучковски во кое меѓудругото му се заблагодарува што „му наложил на министерот за транспорт Џемали Мехази да ги вметне сугестиите и коментарите на МакТел, како амандмани, во новата верзија на Законот која ќе биде доставен до парламентот“.

Контра-мерките на Матав

На 18 февруари е донесен Законот за електронски комуникации, а стапува во сила на 3 март истата година. На 21 февруари, Матав веќе има подготвено „контра-мерки“ кои треба да ги ублажат последиците. Тие се содржани во документ кој Сендреи му го испраќа на Силјановски.

Telekom_gemidzija_Z_R_c_txt_3

Меѓу другото, се размислува „како да се промени Законот од политичка перспектива и кој би бил најпогоден за да го стори тоа: Премиерот, Претседателот или некој друг“? Понатаму, се предлага „ревизија на лобистите и идентификување на нови лоби – цели и лица со кои би се работело“. „Барајте ги заедно со Грците, доколку е тоа неопходно и се чини корисно“, пишува натаму. „Лобирајте за подзаконски акти. Одложете ги седницата на Бордот и исплатата на дивидендата“, гласи дел од стратегијата.

На 1 март 2005, Мајкл Лоренс, тогашниот оперативен директор на МобиMак по електронска пошта му испраќа брифинг на Михаел Гинтер, член на Бордот на директори на МакТел од Дојче Телеком, пред средбата на Гинтер со премиерот Бучковски.

Во него, Лоренс наведува дека министерот за транспорт Мехази „во последен момент доставил амандман до Собранието за трет мобилен оператор. Тој е очигледно заинтересиран за трет, албански, оператор“, заклучува Лоренс. „Досега премиерот не успеваше да го спречи овој потег. Еден од проблемите е што албанскиот министер не му е потчинет на премиерот и Македонците не можат да извршат притисок врз него.“

„… Премиерот веројатно ќе вети дека ќе го спречи влезот на трет оператор, но дали навистина има моќ навистина да го стопира, е прашање. Тој има ограничена моќ, а Албанците сакаат поделба“, пишува во брифингот на Лоренс.

Спречување на влезот на трет оператор

На 7 март 2005, Михаел Гинтер, член на Бордот на директори на МакТел од Дојче Телеком, му испраќа писмо на Елек Штрауб во кое го брифира за состанокот со Бучковски на кој присуствувале и Пејковски и Мицковиќ. Копија од пораката му е испратена и на тогашниот прв човек на Дојче Телеком, Рене Оберман.

Интерен брифинг за наводно договореното меѓу МакТел и премиерот?

Интерен брифинг за наводно договореното меѓу МакТел и премиерот?

„Премиерот потврди дека ќе стори сѐ што е во негова моќ да спречи влез на трет мобилен оператор или да го одложи неговото влегување на пазарот во далечна иднина. Доколку тоа не е можно треба да се размислува за МВНО (мобилен оператор кој користи туѓа мрежа, н.з.); тој го употреби овој термин што значи дека имал брифинг“, пишува Гинтер.

Имено, за формирањето на МВНО се дискутира во Меморандумите за кои посредува грчкиот бизнисмен Контоминас, а за кои во сведочењето информира Богоески.

Во Протоколот за соработка кој подоцна ќе биде потпишан, како прва точка се наведува обврската на МобиMак да ја прошири својата мрежа и на Косово. Интересот на ДУИ, како што сведочи и Богоески, е тие да управуваат со таа мрежа. Во суштина, тој дел од договорот никогаш не е реализиран. Воведувањето на трет мобилен оператор во Македонија, во Протоколот, се ограничува само на можноста за МВНО, и Владата во него дава гаранции дека дури и во иднина да се воведе, тој ќе мора да ја користи мрежата на МобиMак.

Во април 2005 година меѓу клучните актери во аферата веќе циркулираат првите „Нон-пејпери“ кои во суштина не се разликуваат многу од конечната верзија на Протоколот. Првиот „Нон-пејпер“ Михалис Кефалојанис им го испраќа на Андраш Балог и на советникот на македонскиот премиер, Беким Земоски, на 21 април 2005 година. Една недела подоцна, на 28 април, Балог внесува неколку забелешки и му го враќа документот на Кефалојанис.

На почетокот на мај 2005 година, Штрауб повторно доаѓа во Македонија, но за разлика од јануари истата година, овојпат состаноците минуваат полутајно и со затворени брифинзи за јавноста. Десетина дена по состанокот на кој освен Бучковски и Штрауб, присуствувал и Контоминас, повторно доаѓа до тензии меѓу Владата и Матав.

Најпрво, на 16 мај Андраш Балог добива писмо потпишано од советниците на Бучковски, Јован Пејковски и Љупчо Фармаковски. Тие му ги пренесуваат на Балог забелешките на Бучковски на предложениот Протокол за соработка и потенцираат дека премиерот е подготвен да се откаже од дел од стратешките интереси на Владата, доколку тој биде прифатен.

Меѓу другото, според документите во преписката стои: „Имајќи го предвид фактот дека следната година е исклучително важна за Владата, од витален интерес за Владата на РМ ќе биде доколку дивидендата за 2005 година, која ќе биде исплатена во првата половина од 2006, изнесува најмалку 90 милиони евра. Владата е свесна дека гореспомнатото ќе зависи од донесувањето на подзаконските акти, како што се дефинира во точка 2. од Протоколот“.

Балог одговара на оваа порака веќе следниот ден, и е крајно незадоволен. Балог пишува дека „новиот предлог ги шокирал“ Унгарците и дека тој отскокнува од она што било договорено на состанокот и ветено од Бучковски. Од писмото на Балог, кое е меѓу доказниот материјал во судот во Њујорк, уште може да се дознае дека средбите на Штрауб во Скопје фактички се одвивале два дена, на 5 и 6 мај.

На 23 мај 2005 година, Дејан Мицковиќ добива е-писмо од Елеонора Тупанческа, менаџер во Телеком во тој период. Во Нон-пејперот (еден од најмалку трите кои циркулирале) кој ја придружува пораката се содржани елементите кои подоцна ќе бидат преточени во Протоколот за соработка.

Во него, меѓу другото, се предвидува: исплаќање на дивидендата во износ од 90 милиони евра, Владата презема обврска да му овозможи на Матав својот дел од дивидендата да го префрли во странство, и обврска во следните четири месеци да се регулираат сите други отворени прашања, вклучително и влезот на трет мобилен оператор, цените на фреквенциите, новите вработувања и подзаконските акти со кои треба да се дорегулира Законот за електронски комуникации.

Доколку Унгарците не го прифатат овој предлог, се наведува во овој Нон-пејпер, Владата веднаш ќе почне да ја применува новата регулатива, експресно ќе распише тендер за трет мобилен оператор, и нема да прифаќа никакви забелешки од Маѓар Телеком за подзаконските акти.

Дигитализација на ЕСМ како параван?

Како мала дигресија, интересно е од денешен аспект да се анализира пишувањето на македонските медиуми, додека зад кулисите се одвиваат овие тајни преговори. Имено, како главна тема во тој период, мај 2005 година, во јавноста се наметнува проект за дигитализација на Електростопанство на Македонија.

Проектот предвидувал влез на израелска (или уругвајска, во зависност од изворот) фирма преку македонска групација „Мател“ во ЕСМ, кои преку дигитализација на мрежата на ЕСМ вредна 270 милиони евра, на граѓаните би им овозможиле пакет телекомуникациски услуги. По склучувањето на Протоколот за соработка меѓу Владата и Маѓар Телеком, овој проект повеќе никој не го спомнува, а целата приказна завршува неславно на 6 јуни 2005 година, кога потпретседателот на компанијата Дејвид Ериксон на прес-конференција не знае да ги каже имињата на првите луѓе на неговата фирма.

Додека јавноста се „храни“ со овие информации, судејќи според документите во доказниот материјал за случајот Маѓар телеком, подготовките на Протоколот забрзано финишираат. На 25 мај, Дејан Мицковиќ му испраќа е-писмо на Михаел Гинтер во кој е прикачена и нова верзија на Протоколот за соработка. Мицковиќ пишува:

„Ова е последен предлог на премиерот, и веќе нема можност (со оглед на одржувањето на седницата на Бордот на МакТел и на акционерското собрание на 30 мај) за нејзино менување и поднесување амандмани, освен технички детали. Овој протокол не вклучува три нешта кои му беа од најголема важност на премиерот: 1. Вработување на 250 нови лица во компанијата; 2. Обврската на Македонски Телекомуникации да не ја зголемува месечната претплата за фиксната телефонија, без негова дозвола; 3. Обврската на МакТел да не го намалува бројот на вработените без согласност од Синдикатот. Откажувањето од овие три работи, јасно укажуваат на одлучноста на премиерот да соработува со Матав во подготовката на подзаконските акти“, наведува Мицковиќ. Интересно е што оваа е-порака заедно со документот стигнува до Кефалојанис, кој пак, вечерта му ја препраќа на Земоски.

На 27 мај 2005 година, Бучковски го потпишува Протоколот за соработка. Кога го потпишал Џемали Мехази не е познато, бидејќи тој документ не е датиран. И уште еден куриозитет, вториот потписник на двата документи е Елек Штрауб, првиот извршен директор на Маѓар Телеком. Но, на двата документи има два различни потписа.

Потписот на Елек Штрауб на првиот и на вториот документ именуван како Протокол за соработка е различен

Потписот на Елек Штрауб на првиот и на вториот документ именуван како Протокол за соработка е различен

Доколку се следи улогата на Гркот Никос Ставридис во логистиката при потпишувањето на двата документи, а за која зборува и екс-разузнавачот Богоески, можно е токму тој да е потписник на договорот со Мехази, или е во прашање некое трето лице?

Бордот на директори на МакТел се состанал на 30 мај за да ја одобри дивидендата за Владата на РМ.

Проблемот со Албанците

Следниот ден, на 31 мај, Андраш Балог и Елек Штрауб во меѓусебна преписка ги договараат и следните чекори кои треба да следат по потпишувањето на договорот. Балог информира за тоа до каде е Законот за телекомуникации и во детали му пишува на Штрауб како ќе се одвива исплатата на 10 милиони евра откако е постигнат Протоколот за соработка со македонскиот премиер и со албанските претставници во Владата.

Првиот проблем се Албанците. „Нико (Ставридис) смета дека Албанците ќе му го дадат документот (потпишаниот Протокол за соработка, н.з.), исто како и Македонците, откако ќе им исплатиме една третина од поединечните исплати.“

„Оригиналниот договор предвидува да се исплатат 10 милиони евра на 3 рати (првата веднаш, во декември 2005 и во јуни 2006).

Според Нико (Никос Ставридис з.н.) Албанците ќе го торпедираат договорот доколку за два месеца не добијат пари.

Би можеле да им исплатиме два милиона, по еден милион на македонската и на албанската консултантска фирма.

„Или можеме да им платиме два пати по еден милион само на Албанците“, пишува Балог.

Уште еден прилог во однос на „проблемите со Албанците“, е преписката меѓу Елек Штрауб и Михаел Гинтер од 25 мај. Двајцата менаџери на Маѓар Телеком се загрижени дека без одобрение од ДУИ не е можен договор. „Од самиот почеток проблемот е што добиваме контрадикторни пораки од Албанците, а министерот за Телеком е Албанец. Тие велат, доколку потпишеме само со премиерот, тие тоа нема да го почитуваат“, му пишува Штрауб на Гинтер.

Во вториот дел од пораката од 31 мај се зборува за изборот на новиот директор на МобиМак. Унгарците се незадоволни од предлогот Кире Наумов да биде нов директор. „Кире Наумов на разговорите во Будимпешта остави впечаток на целосна некомпетентност кај сите со кои се сретна“, пишува Балог. „Наумов е човек на претседателот (Бранко Црвенковски, н.з.) и тој лобира за него преку Грците. Според Нико (Никос Ставридис, н.з.), доколку не го поставиме Наумов, сѐ може повторно да тргне наопаку.“

Мицковиќ сугерира дека премиерот не го преферира Наумов, но би можел да го прифати Рубинчо Заревски.

Исплата и фиктивни договори

Фазата на „исплата“, односно реализација на Протоколот, се одвива преку серија консултантски и договори за лобирање кои ги склучуваат фирмите под капата на Маѓар Телеком во Македонија со фирми на Контоминас, најчесто „Чаптекс“. Познато е дека вкупно се исплатени околу 4,8 милиони евра, иако во повеќе преписки и документи се спомнуваат и суми од 7,5 односно 10 милиони евра.

Исплатата на близу пет милиони евра преку консултантските фирми на Кипар, според документот на американската СЕК

Исплатата на близу пет милиони евра преку консултантските фирми на Кипар, според документот на американската СЕК

Според доказниот материјал на Американската агенција за хартии од вредност – СЕК, првата исплата во износ од 340 илјади евра била извршена на 12 јули 2005 година, на 13 јули – 640 илјади евра. На 6 и 9 септември по 990, односно 980 илјади евра, на 11 април 2006 година две одделни исплати од по 450, односно 575 илјади евра, и последната исплата е извршена на 30 мај 2006 во износ од 900 илјади евра. Пет од седумте исплати се извршени од МакТел директно на кипарска фирма, а две од „Камени мост“.

Контоминас и неговите соработници претходно ги подготвиле кипарските оф-шор фирми, а во преписките со менаџерите на Маѓар Телеком тие се именуваат како „македонски“ и „албански“, веројатно во зависност од тоа за кого биле наменети парите.

Подетален увид во тоа како биле подготвувани овие договори дава една преписка меѓу Балог и Золт Херцег од правниот сектор на Маѓар Телеком, од 7 јули 2005 година, една недела пред да биде извршена првата исплата.

Херцег му објаснува на Балог детали за договорите меѓу МакТел и Чаптекс и како „правилно“ да се избере датумот

Херцег му објаснува на Балог детали за договорите меѓу МакТел и Чаптекс и како „правилно“ да се избере датумот

Херцог пишува дека ја „прочистил“ верзијата која претходно ја подготвил Кефалојанис, и му предочува да внимава дека „го вметнал 30 јуни како последен рок кога биле извршени обврските на консултантот кои произлегуваат од договорот“.

Тој исто така го предупредува Балог дека мора внимателно да се одбере и датумот на наводното потпишување на договорот меѓу МакТел и Чаптекс. Во евиденцијата на МакТел овој договор е заведен како потпишан на 1 мај 2005 година, а следните два на 1 јуни истата година.

Трите „исполнети“ обврски на консултантот биле: намалување на цената на фреквенциите од бараните 4,8 милиони евра на 2,7 милиони евра; постигнување договор дека сите засегнати години (2003-2005) ќе бидат ретроспективно опфатени со една исплата и подоцна нема да се бара никакво натамошно плаќање; и договор да се ограничи обврската за цената на фреквенциите за 2006 година на 1,2 милиони евра.

„Доколку консултантот го прифати овој договор, можеме да го искористиме и како основа за подготовка на три дополнителни договори“, пишува на крајот на пораката Херцог. Следните договори потпишани со Чаптекс во основата се исти како и првичниот, разликата е единствено во исполнетите обврски на консултантот кои понатаму ги тангираат и Законот за работни односи, колективните договори, правилата за учество на Синдикатот во преговорите за отпуштање на работници од МакТел, блокирањето на влезот на трет мобилен оператор… Практично, ова за што говорат менаџерите на Маѓар Телеком, во преписката е реализирано со Пртоколот за соработка која е потпишан повеќе од еден месец претходно. Три од консултантските договори со фирмите на Контаминас чија изработка се договара на 7 јули 2005 година, во архивата на МакТел се заведени како потпишани на 1 мај и 1 јуни 2005 година.

рвите два договора меѓу МакТел и „Камени мост“ од една и Чаптекс од друга страна. Американските власти се сомневаат дека датумите се фалсификувани и овие консултантски договори биле параван за исплаќање на поткупот

рвите два договора меѓу МакТел и „Камени мост“ од една и Чаптекс од друга страна. Американските власти се сомневаат дека датумите се фалсификувани и овие консултантски договори биле параван за исплаќање на поткупот

Продложува…