Анализи

Една година Заев: Помеѓу столчето и оградата

Можеби слободата се врати, меѓутоа дел од промените сѐ уште тешко се протнуваат преку масивното железо на „Илинденска“ бр.2

Воопшто не беше случајно тоа што премиерот Зоран Заев ја одбележа годишнината од владата под споменикот на скопските ослободители во дворот кој, патем речено, сѐ уште е окован во барокна ограда.

Вистина е дека тој ширум ги отвори портите, арно ама ветувањето беше дека ќе го испрати железото во историјата заедно со режимот, којшто го спомна во говорот веројатно за да нѐ потсети на нултата точка од која стартуваше.

Симболиката со споменикот му беше сосема намерна, но не верувам дека предвидел оти и оградата ќе испрати некаква порака. Можеби слободата се врати, меѓутоа дел од промените сѐ уште тешко се протнуваат преку масивното железо на „Илинденска“ бр.2.

Кадровски и коалициски автоголови

Уште на почетокот тој ја повлече власта од граѓанскиот простор којшто Груевски и друштвото го окупираа. Сега нема скапа пропаганда и медиумски хајки и нема контрапротести, псевдорганизации и лон-експерти со еднодневен министерски стаж.

Или како што би рекол Заев: „Денес секој може сѐ да каже и добро е, ОК е тоа“.

Меѓутоа, оправдан е гневот на јавноста за неговите кадровски егзибиции и најмалку еден коалициски гол со пета.

Универзумот сѐ уште се чуди како веста за советникот Командат Хоџа од „Фчерашни“ пребега во реалноста, а уште поневеројатно е оправдувањето на премиерот дека Џезаир Шаќири ќе помогнел во борбата против радикализмот.

Неочекуваната коалиција со Амди Бајрам не заслужува коментар подолг од зборот „автопералница“, додека главниот партнер ДУИ буквално му го триеше носот на Заев и тоа без шампон.

Како прајм-тајм сатира звучеше и изјавата на Заев дека Љубе Бошкоски, освен што ќе носи инвестиции од неговата Хрватска, ќе ги координира и десничарите во владејачката коалиција. Како пиењето кафе со Стојанче Ангелов и со Ден Дончев да е најтешката работа на светот, па мора да се натплати со „ухлебувачки“ хонорар од народни пари.

Неочекуваната коалиција со Амди Бајрам не заслужува коментар подолг од зборот „автопералница“, додека главниот партнер ДУИ буквално му го триеше носот на Заев и тоа без шампон.

Тој колку и да убедуваше дека Законот за јазиците е повеќе чедо на СДСМ, отколку на ДУИ, штетата отиде на негова сметка.

Критиките за законската содржина се движеа од „противуставна“ до „може да се испегла“, за гласањето речиси сите се согласија дека е скандалозно, додека политичката анализа беше едногласна: СДСМ си пукаше во колено.

Дотолку повеќе што за момент го врати Никола Груевски од политичката кома.

Во меѓувреме, Бујар Османи солираше на меѓународна сцена, а локалниот шериф, Беќир Асани, доминираше на тротоарите. Премиерот призна дека го „пече и жеже односот на Асани“, меѓутоа на телевизија ја бранеше млаката реакција на МВР.

Од друга страна, епизодата со хит-министерот Арбен Таравари заврши со суетна одмазда на Заев што влијаеше врз работата на Општина Гостивар, само зашто Таравари одлучи наместо здравството да го оправа родниот град.

Доминира проблемот со името

По една година, преовладува анализата дека Заев е премиер на Влада со една задача | Фото: БИРН

Во мандатарското експозе Заев потенцираше дека тој нема да биде министер за сѐ, јасно алудирајќи на претходната „Ало, Миле ми текна“ – практика.

Стопанството целосно му го препушти на Кочо Анѓушев и оттаму впечатокот дека тој е повеќе премиер за економски прашања, отколку некаков заменик. Несомнено Анѓушев му е еден од најважните соработници и тоа го потврдува фактот што Заев земал во име на вицепремиерот да ѝ се извинува на Слаѓана Тасева за „негативната комуникација“ околу случајот „Фени“.

Не може да се избега од впечатокот дека целта му е со помошта на Анѓушев да им парира на економските политики на ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа на платото пред Владата чувме дека само што не дошле 10 странски компании што ќе отворат точно и прецизно 2.750 работни места, а тука некаде со одлука за инвестирање се и уште три фирми што ќе донесат цирка 200 милиони евра.

Да биде комплетна паралелата со едни минати времиња, под споменикот на ослободителите, Заев зборуваше и за пристојната цена на зелката.

Сепак, по една година, доминира анализата дека Заев е премиер на Влада со една задача.

На оваа забелешка тој секогаш реплицира со „лепеза од мерки“ и набројува од укинатата радиодифузна такса па сѐ до минималната плата, арно ама и говорот го издава дека најмногу е сконцентриран на преговорите со Атина.

Не може да се избега од впечатокот дека целта му е со помошта на Анѓушев да им парира на економските политики на ВМРО-ДПМНЕ.

Заев неколку пати турскиот инвеститор „Лимак“ ќе го нарече „Лимакс“, во контекст на „Скопје 2014“ ќе згреши дека прокиснува Драмскиот театар, а не МНТ (макар што и двата објекта прокиснуваат па тоа и не може да се земе како голема грешка), често не изговара точно нечие име или назив на институција, ама затоа со прецизност и внимателност на која би ѝ позавидел и еден Ристо Никовски горливото прашање со соседот секогаш точно го опишува како „проблемот што Грција го има со нашето име“.

Многу од најавените промени одат со тргни-застани темпо и затоа често му ги упатуваат прашањата: Зошто нема промени во МТВ? До кога УБК ќе може да прислушува и што ќе се случи со персоналниот данок?
Тој обично се оправдува дека се чека на широка експертска дебата или на опозицијата, но интересно е дека најдобриот совет против пишман-политиките дојде од противничкиот табор.
 
Професорот и ексминистер, Трајко Славески, на една од трибините кажа дека не се согласува со реформата на данокот, ама го подучи да биде поодлучен кога веќе решил да тргне по тој пат.

ВМРО-ДПМНЕ гротескно се обидува да го претстави Заев како страшен криминалец од калибарот на колумбиските нарко-босови, семејството му го нарекува картел само зашто братучед му легално и по вмровски закон ќе одгледува медицинска марихуана, меѓутоа аферите од неговото управување со Струмица заслужуваат внимание, а Бога ми и детално расветлување.

Христијан Мицкоски тргнал со идејата да нѐ убеди дека и во случајот со премиерот денот се познава по утрото.

Тесно на столчето

Многу од најавените промени одат со тргни-застани темпо | Фото: БИРН

Една анегдота вели дека првиот предизвик со којшто Заев се соочил во новата владина зграда е обидот да се протне помеѓу масата и столчето во реновираната сала за состаноци.

Столчето е залепено за ѕидот и повеќе простор за седење може да се направи само доколку се помести огромната маса, ама колку и да ја буткале таа едноставно не се помрднувала. Кога ја местеле ја носеле на делови.

За волја на вистината, 365-те дена во таа фотелја сликовито ја опишуваат состојбата во која е Заев, од едната страна е соочен со ѕид, а од другата со огромно наследство што треба да го помести од мртва точка.