„Македонија оствари втор највисок економски раст во Европа во последните две години, а тоа е основниот начин како се подобрува животниот стандард на луѓето“, им кажа премиерот Никола Груевски на граѓаните во едно од своите последни обраќања. Меѓутоа, и покрај рекордните статистички остварувања на бруто домашниот производ (БДП) со кои постојано се фалат и премиерот и министрите, граѓаните не живеат подобро.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека македонската економија во последните четири години пораснала 8,3% кумулативно, но во исто време реалната вредност на платите се намалила. Просечната плата во 2014 година изнесуваше 21.394 денари што е 2,6% повеќе отколку пред четири години, меѓутоа трошоците за живот во истиот период пораснаа за 7,6% што значи дека платата сега вреди 5% помалку.
„Не само што не сум добила зголемување на платата туку напротив, од пред една година земам за 10% пониска плата. А во меѓувреме сѐ поскапува. Сега со илјада денари купувам многу помалку производи отколку порано“, вели Ана Стојанова, вработена во компанија во прехранбената индустрија.
Сојузот на синдикати пресмета дека за да ги задоволи минималните месечни потреби, на едно семејство му требаат најмалку 32.240 денари. Тоа значи дека просечната плата во земјава покрива само две третини од минималните потреби за живот.
Економскиот раст ги полни џебовите на газдите, не на работниците
Економистите објаснуваат дека порастот на економијата не го чувствуваат сите граѓани, бидејќи тој нееднакво се распределува меѓу различните слоеви.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески оценува дека раслојувањето во Македонија веќе поприма загрижувачки размери.
Според него, посиромашните граѓани најмалку чувствуваат подобрување на животниот стандард, бидејќи најголем дел од доходот што се создава завршува во џебовите на газдите на компаниите, а сосема мал дел кај работниците.
„Ако го гледаме економскиот раст низ перспектива на факторите на производство, тогаш ќе забележиме дека поголем дел од новосоздадената вредност е распоредена кај сопствениците на капиталот, а помал дел кај трудот. Тоа значи дека богатите стануваат побогати, а сиромашните помалку го чувствуваат економскиот раст на сопствена кожа“, коментира Петрески.
Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ ја потврдува оваа теза со конкретни статистички податоци за последните пет години.
„Растот во периодот 2010-2014 година, речиси целосно се должи на градежништвото, односно на проектите што ги финансираат државата и индустријата предводена од новите странски инвестиции. Во градежништвото, вкупните средства кои завршуваат кај работниците во овој период пораснале за 25%, додека во индустријата, за 10%. Во истото ова време, профитите на сопствениците на капиталот во градежништвото пораснале за 90%, а во индустријата за 100%. Со други зборови, од градежната експанзија финансирана од страна на државата, и од приливот на странски инвестиции, полза имаат пред сè малкумината ‘газди’“, оценува Јовановиќ.
Евиденцијата на Светската банка покажува дека во периодот од 2000 до 2010 година, најбогатите луѓе во земјава станале уште побогати, а најсиромашните уште посиромашни. Ако во 2000 година најбогатите 10% од луѓето во земјава поседувале 25,7% од вкупниот доход, десет години подоцна нивното учество се зголемило на 32%. Во исто време, учеството на најсиромашните граѓани во националниот доход се намалило од 2,4% на 1,9%.
Уште еден показател што покажува дека разликата помеѓу оние кои имаат и оние кои немаат е огромна е Gini коефициентот кој во 2013 година во Македонија изнесува 37. Колку што овој индекс е повисок, толку е понерамномерна распределбата на доходот. Според податоците на Евростат, само Србија има повисок Gini коефициент од Македонија. Од останатите земји во регионот, во Бугарија изнесува 35,4, во Грција 34,4, во Хрватска 30,9 додека пак, во Словенија е најнизок и изнесува 24,4.
Економијата ќе расте, но дали и животниот стандард!?
Годинава, и покрај негативните ефекти од политичката и грчката криза, се проценува дека економијата ќе продолжи да расте. Народната банка во своите анализи прогнозира дека економијата годинава ќе порасне за 4,1%, иако гувернерот Димитар Богов признава дека постои ризик растот да биде понизок, доколку политичката криза се пролонгира.
Тој објаснува дека, имајќи ја предвид распределбата на БДП, овој раст не значи оти сите граѓани подеднакво ќе почувствуваат позитивни ефекти врз нивниот стандард.
„Дали граѓаните годинава ќе живеат подобро од лани зависи од тоа каква ќе биде распределбата на економскиот раст. Народната банка не прави анализи како се распределува бруто домашниот производ, но генерално, кога има економски раст, колку и да е нерамномерна распределбата, бенефитите на крај ќе ги почувствуваат сите, некој повеќе, некој помалку. Ако имаме економски раст во еден подолг период, бенефитите секако дека ќе дојдат и до последниот граѓанин“, оценува Богов.
И меѓународните финансиски институции имаат позитивни очекувања за растот на македонската економија годинава. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) прогнозира дека растот годинава ќе достигне 3,2%. Претставникот на ММФ во Македонија, Патрик Житон, објаснува дека високите стапки на раст можат уште повеќе да ја продлабочат разликата помеѓу богатите и сиромашните и според него, нееднаквоста во Македонија останува висока во споредба со останатите земји од регионот.
„Економскиот раст е потребeн за подобрувањето на животниот стандард, но тој не секогаш дава еднакви придобивки за сите. Периодите на силен раст, исто така, можат да бидат периоди на зголемување на нееднаквоста. Тоа е она што се случи во регионот по 2000 година. Нееднаквоста во доходот и понатаму останува висока во Македонија според регионалните стандарди. Тековното намалување на невработеноста најдобро ќе придонесе за зголемување на доходот и намалување на сиромаштијата, доколку работните места се создаваат во сектори со висока продуктивност“, вели Житон.
Со бруто домашен производ по жител од околу 5.200 долари, Македонија има само 36% од просекот на 28-те земји членки на ЕУ. Од земјите во регионот, Србија има БДП по жител еднаков на 37% од европскиот просек, Црна Гора 40%, Бугарија 45%, Романија 55%, Хрватска 61%, додека пак, Словенија е најблиску до европскиот просек со 82%. Послабо од Македонија, според податоците на Евростат, е рангирана Албанија која има само 28% од европскиот БДП по жител.
Проценките на меѓународните финансиски институции и за следните пет години покажуваат дека економскиот раст ќе се движи меѓу 3% и 4%. Светската банка пресмета дека со просечна стапка на раст од околу 3% на земјава ќе ѝ бидат потребни над 80 години за да го достигне просекот во ЕУ. Но, доколку европската економија почне да се развива многу побрзо од сегашното темпо, со стапки на раст над 2%, тогаш на Македонија нема да ѝ стигнат ниту 100 години за да се приближи до нивото на развој во Европа.
Доколку пак, македонската економија почне да расте со стапки над 6%, ќе се приближи до просечниот БДП по жител во ЕУ за околу 25 години. Затоа, меѓународните финансиски институции постојано сугерираат фокусот на економските политики да се стави на забрзување на растот.
Нееднаквоста меѓу граѓаните е сѐ поактуелна тема и во развиените западноевропски земји. Една од причините што нееднаквоста се продлабочува е развојот на модерните технологии коишто, всушност, заменуваат многу работни места, а луѓето остануваат без работа.
Богатите да плаќаат поголем данок!?
За да се намалат разликите помеѓу најбогатите и најсиромашните граѓани, дел од економистите сугерираат да се воведе прогресивен модел на оданочување, граѓаните со повисоки приходи да плаќаат поголем данок.
„Конкретно, треба да се намали даночниот ‘товар’ на луѓето со пониски доходи, а да се зголеми на граѓаните со повисоки доходи. Сега оние со минимална плата ѝ даваат на државата околу една третина од своите примања (како персонален данок и придонеси), додека оние со максималната плата ѝ даваат само една десетина. Треба да се воведе систем според кој ’товарот’ на оние со минимална плата ќе се намали (на пример, на 20%), а на оние со највисоки плати ќе се зголеми (на пример, на 45%). Германија, на пример, има вакви стапки“, оценува Јовановиќ.
Тој вели дека за да биде даночната реформа полесно прифатена, но и за да биде поефективна, потребна е темелна реформа на јавниот сектор, во насока на негово трансформирање во она што тој треба да биде по својата дефиниција – сервис на граѓаните, а не сервис на партиите на власт.
Прогресивното оданочување што подразбира повисоки даночни стапки за граѓаните со поголеми приходи е дел и од последната изборна програма на најголемата опозициска партија, СДСМ. Наспроти тоа, оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, застапува политика на рамни даноци и во неколку наврати, и премиерот и министрите од економскиот ресор потенцираа дека ова нема да се промени. Вицепремиерот Зоран Ставрески изјави дека „напуштањето на политиката на рамен данок би значело уназадување на економијата за 20 години“.
Дел од економистите, коментираат дека ваквиот модел на оданочување нема да ги намали разликите помеѓу богатите и сиромашните.
„Ние како држава порано применувавме прогресивен модел на оданочување, а сепак над 90% од граѓаните плаќаа данок по најниската стапка. Од друга страна, последните владини политики со кои се оданочуваат хонорарите одат во таа насока. Тоа е остра даночна прогресија, бидејќи со тоа државата одзема значителни суми од доходот на оние што заработуваат дополнително“, оценува професорот и поранешен министер за финансии, Трајко Славески.
Професорот Марјан Петрески исто така смета дека прогресивниот данок нема многу да смени, бидејќи тој ќе ги направи богатите помалку богати, но нема да ги направи сиромашните помалку сиромашни.
„Со тоа нема гаранција дека ре-дистрибутивната функција на буџетот ќе работи за сиромашните, особено во услови на недоволна буџетска ефикасност и транспарентност. Се отвора прашањето на кој начин ќе се искорени сиромаштијата ако буџетот има повеќе пари кои ги зафатил од богатите. Со зголемување на социјалната помош? Мислам дека е сосем погрешен пристап, бидејќи нејзиниот пораст стимулира неактивност и долгорочно им наштетува на примателите во смисла на нивната неспособност да се вклучат на пазарот на труд и да заработуваат пазарен доход. Напротив, нив треба да им се помогне на начин на кој полесно ќе излезат од сиромаштија, наместо да им се доделува незаработен доход“, вели Петрески.
Тој сугерира државата да вложува повеќе во образованието за да се зголеми веројатноста дека децата кога ќе пораснат нема да живеат во сиромаштија, а од друга страна, кај возрасните, според него, потребно е да се применат различни социјални политики, како условени парични трансфери, субвенции за обука и преквалификација, додаток на пазарен доход до одреден износ и други активациски политики кои ќе ги поттикнат да бараат работа.
Од друга страна, аналитичарот Јовановиќ смета дека треба да се зголеми социјалната помош, која според него, сега е многу ниска (5.200 денари месечно за четиричлено семејство).
„Јас сум поклоник на воведувањето гарантиран приход по семејство. Со оваа мерка, државата ќе им ги надополнува приходите на семејствата кои остваруваат приходи пониски од некое гарантирано ниво, кое треба да им обезбеди достоинствен живот. Ова ниво би изнесувало, на пример, 12.000 денари за четиричлено семејство. Така, ако едно такво семејство има приходи од 7.000 денари, државата ќе му дава дополнителни 5.000 денари месечно. Паралелно со ваквата корекција, потребна е и корекција на функционирањето на пазарниот механизам, во насока на намалувањето на експлоатацијата. Конкретно, потребно е зголемување на работничките права, за распределбата работници-работодавачи да биде поправедна. Потребна е и поголема интервенција кај монополските и олигополските пазари, за тие да не ја злоупотребуваат својата пазарна моќ, т.е. за да нема експлоатација на потрошувачите“, оценува Јовановиќ.
Економијата не отвора доволно работни места
Економистите оценуваат дека животниот стандард на граѓаните најбрзо може да се подобри преку отворање нови компании и работни места во реалниот сектор. Меѓутоа, статистиката во овој домен исто така е поразителна.
Иако Македонија важи за земја каде што според Doing business е најлесно да се отвори фирма, статистиката покажува дека од година в година оваа леснотија не е доволен мотив за повеќе компании. Податоците што ги добивме од Централниот регистар покажуваат дека во 2014 година се отвориле 6.380 нови фирми, што е за 23% помалку во споредба со 2013 година.
Бројот на новоотворени работни места, пак, според податоците на Државниот завод за статистика за лани изнесува 10.567, од кои 7.031 во приватниот сектор и 3.533 во јавниот сектор. Ако се спореди со 2013 година, бројот на новоотврени работни места е помал за 61%.
Економистите велат дека наместо да се поправи овој дефект на домашната економија, односно да се поттикнува повеќе претприемништвото, политиките се насочени главно кон привлекување странски инвестиции. Зголемената економска активност изразена преку пораст на бруто домашниот производ, според нив, главно е заслуга на државата која преку капитални инвестиции од буџетот и зголемени плати и пензии ја поттикнува јавната потрошувачка и со тоа го надоместува отсуството на приватниот сектор.
„Домашните компании се во главно стагнантна состојба и сѐ уште се борат со проблемите на ликвидноста. Тоа објаснува зошто и покрај остварениот економски раст, стапката на отворање нови компании и работни места е ниска“, објаснува универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Тој смета дека Владата треба да размисли за широкопојасна програма во која ќе поттикне што поголемо учество на домашната додадена вредност во производството, што пак и побрзо ќе доведе до поврзување на странските фирми со домашната економија, во мера во која тоа е возможно, имајќи го предвид нивното технолошко ниво.
Ако се анализира демографијата на новите отворени фирми лани, може да се каже дека стопанството се збогатило најмногу со трговци на големо и мало коишто најчесто продаваат облека или храна. Експертите објаснуваат дека ваквата слика е резултат и на банкарските принципи да не финансираат почетни бизниси, така што во услови кога нема кредитна поддршка, највозможна варијанта е отворање мал бизнис, а изборот во тој случај вообичаено паѓа на трговијата. Меѓутоа, проблематично е и тоа што овие мали бизниси вработуваат само малку луѓе.
Светската банка во своите извештаи исто така констатира дека е неопходно во Македонија да се создаваат повеќе работни места во приватниот сектор. „Неопходна е нова динамика во создавањето продуктивни работни места како двигател на развојот, клучниот предизвик и за Македонија и за многу економии во светот“, се наведува во еден извештај на оваа институција.
Светска банка укажува дека во последните години во Македонија повеќето создадени нето работни места биле во земјоделството, јавниот сектор и во малопродажниот сектор.
„Релативно малку луѓе беа вработени во приватниот сектор, иако имаше создавање такви работни места. Клучното прашање е што се случува на ниво на фирмите во приватниот сектор“, констатира во извештајот Светската банка, укажувајќи дека за секое работно место не е важна само индивидуалната вредност туку неговото влијание и за останатите работни места и придонесот за целата економија.