Истражувањa

Ферал Трибјун: Државата го возвраќа ударот

Како Хрватска му го возврати ударот на култниот антисистемски сатиричен неделник, ‘сечејќи’ му ги финансиите преку тужби и даноци

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Свен Милекиќ, Писак, Сплит, Загреб

Откако во јуни 1993 година стартуваше како сатиричен неделник, чие седиште беше во Сплит, „Ферал Трибјун“ брзо стана најистакнатиот глас против естаблишментот, на медиумската сцена во Хрватска, која беше под контрола на власта.

Кога од печат излезе бројот со најпознатата насловна страница, на која хрватскиот претседател Фрањо Туѓман и српскиот претседател Слободан Милошевиќ се прикажани полуголи во кревет, а која фотомонтажа доби признание ширум светот, властите брзо одговорија со мобилизација на главниот уредник на весникот, Виктор Иванчиќ, во хрватската војска.

Иако набргу потоа, Иванчиќ, по кратката воена обука, се врати, „Ферал“ во наредните години ќе го почувствува гневот на државата.

Отворена војна против Ферал

Виктор Иванчиќ ја почнува својата работна недела со пат кон судот во придружба на полицијата. Фотографија на Лео Николиќ

Познатата насловна страница го означи почетокот на сериозните обиди на власта, да го ‘сосече’ „Ферал Трибјун“.

Владините претставници и претставниците на ХДЗ, директно го критикуваа „Ферал Трибјун“, обвинувајќи го за антихрватско известување, во време кога земјата беше во војна. Но, постоеше и секојдневно заплашување на соседите и на пријателите на вработените во редакцијата.

Потоа државата против „Ферал“ тргна преку судските институции.

„Секојдневно ни стигнуваа тужби по 10, 20, 50 илјади марки (германски); тоа беа барања за отштета со милионски цифри. Кој како го тужеше „Ферал“, хрватските судови, се разбира, пресудуваа во негова корист“, објаснува Борис Дежуловиќ, еден од основачите и уредниците на сатиричниот неделник.

Дополнително, во 1994 година, со одлука на тогашнaта министерка за култура, Весна Гирарди-Јуркиќ, на „Ферал Трибјун“ му беше наметнат специјален данок на шунд, кој обично беше резервиран за порнографски содржини.

„Плаќавме месечно речиси 50.000 марки повеќе данок, и така десет месеци“, објаснува Иванчиќ, додавајќи дека подоцна Уставниот суд пресудил дека наметнувањето на овој данок на „Ферал Трибјун“, било противуставно.

Логиката зад наметнувањето на овој данок беше употребата на полуголи тела на насловната страница на весникот, како во случајот со Туѓман, Милошевиќ и некои други личности.

„Ферал Трибјун“ губеше дел од финансиските средства и поради тоа што весникот „Слободна Далмација“ – кој беше сопственик на киосците за весници во Сплит – не им исплаќаше пари за продадените весници. Уредниците на весникот и во ова ја гледаа раката на државата.

„Постои стенограм на разговори меѓу Ивиќ Пашалиќ и Фрањо Туѓман, во кој Туѓман го прашува Пашалиќ како оди работата со „Ферал“, на што тој мртов ладен му одговара дека со тиражирање успеале да го намалат тиражот на десет илјади примероци”, вели Дежуловиќ.

Тој објаснува дека дистрибутерите на весникот, во дослух со режимот, во поголемите градови, каде што имале голем број на читатели, дистрибуирале помал број на примероци на весникот, а во помалите градови повеќе, за да останат поголем број непродадени примероци. Сето ова имало последично влијание врз финансиите.

Истражувачко новинарство во непријателско опкружување

Фотографија од текст во „Ферал“ на која се гледа како луѓе крадат стока од супермаркет во Книн, по воената операција „Бура“ во август 1995. Фото: Хрвоје Полан.

„Ферал Трибун“, неколку години, до крајот на 90-тите, беше речиси единствениот опозициски настроен кон ХДЗ весник, на медиумската сцена во Хрватска.

Кога во 2000 година, по смртта на Туѓман, се отвори можност за пристап до досиејата на Службата за заштита на уставниот поредок, СЗУП, многу новинари и уредници на „Ферал“ открија дека биле прислушувани.

Тајните служби, како што веруваат оние што работеа во „Ферал Трибјун“, веројатно стоеле и зад настаните од јуни 1995 година, кога тројца мажи во центарот на Сплит, земаа примероци на неделникот од киосците и јавно ги палеа.

„Тоа беше фасцинантно, бидејќи тие тоа го правеа со часови во центарот на градот, тоа траеше, и траеше … и никој ништо не смееше да им каже. Имаше и полиција, таа стоеше на страна и ништо не направи. А во центарот на градот не смееш да запалиш ниту скара за да печеш риба, веднаш полиција ти доаѓа“, објасни Иванчиќ.

Ферал имаше добри новинари истражувачи, кои отвораа афери кои вклучуваа и корупциски скандали, и разоткривање на воени злосторства извршени од хрватските сили.

Една од таквите приказни беше обелоденувањето на воените злосторства извршени од припадниците на единицата на резервниот полициски состав, кои беа под команда на Томислав Мерчеп, кој во 2017 беше осуден за воени злосторства, над цивили од српска националност, во Пакрачка полјана во 1991 година.

„Сопрете ја војната во Хрватска“ – наслов во „Ферал“, кој се однесува на популарна песна од 1991 година, објавена за време на хрватската воена операција „Бура”, во август 1995 година; „Ќе изградиме уште поубав и постар мост” – саркастична насловна страница за стариот мост во Мостар, кој го урнаа силите на босанските Хрвати, во ноември 1993 година

Така, поранешниот член на единицата, Миро Бајрамовиќ, во септември 1997 година, на 20-годишниот новинар на „Ферал Трибјун“, Ивица Ѓикиќ, му даде интервју во кое обелодени детали за убиствата. Откако ја објави оваа приказна, „Ферал“ доби полициска заштита поради големиот број на закани што ги примаше редакцијата.

Подеднакво бурна реакција „Ферал“ предизвика и две години претходно, кога во август 1995 година, објави текст за грабежите на српските куќи и продавници во Книн и неговата околина, по победничката операција за хрватската војска, „Бура“.

„Сѐ што ние во 1991 го гледавме во Конавле (јужна Хрватска), кога црногорските резервисти ограбуваа богати куќи на капетани, кога носеа фрижидери, телевизори и видео рекордери … сето тоа го гледавме четири години подоцна во Краина“, изјави Дежуловиќ.

Краина во војната беше под контрола на српските бунтовници, но кога тие беа поразени во операцијата „Бура“, почна оргија на грабежи, истакна тој.

Фотомонтажата на полуголите Туѓмн и Милошевиќ, остана еден од најомилените мотиви на „Ферал“. Фотографија на Лео Николиќ

„Гледавме конвоите, не со војници и резервисти, туку со цивили, наши соседи, кои организирано заминуваа од Сплит со автомобили, комбиња, автобуси, воз, со што ќе стигнеа. Одеа во Краина, влегуваа по куќите и носеа сѐ живо, дури и довратници, приклучници и штекери. Еден незапаметен грабеж и дамка на хрватската совест“, додаде Дежуловиќ.

Тие добивале и критики од добронамерни луѓе, бидејќи Хрватска „била ослободена од окупација”, вели тој.

Иванчиќ нагласува дека откритијата на „Ферал Трибјун“, „најчесто биле работи за кои другите не сакале да зборуваат и оти не требало ништо посебно да се истражува”.

„Сѐ што требаше е да се подигне тепихот и да се објави она што беше изметено и ставено под него”, вели Иванчиќ смеејќи се.

„Ние едно време бевме практично сами меѓу слободните медиуми и сè што ќе објавевме беше ексклузивно. Ни се случуваше, пет години подоцна, други медиуми да ги објавуваат истите приказни што ние сме ги објавиле“, нагласува тој.

Очи в очи со воен злосторник

Пилиќ раскажува за својата постеа на Вуковар во 1997. Фото: Свен Милекиќ/БИРН

Како еден од подобрите новинари на „Ферал Трибјун“, Пилиќ, во 1997 година, го посетил Вуковар, кој за време на војната беше под опсада и уништен од Југословенската народна армија и српските паравоени сили.

Вуковар во ’97 се наоѓаше во процес на мирна реинтеграција кон Хрватска, кој се одвиваше под покровителство на ООН.

Кога одејќи по Вуковар од едно кафуле слушнал песна на популарниот Ѓорѓе Балашевиќ, влегол внатре. Се запознал со келнерот, кој го поканил да дојде во кафулето навечер.

„Дојдов вечерта и веднаш штом влегов, видов дека келнерот малку се исплаши, како да ми велеше: излези надвор, излези надвор. Но, јас тоа тогаш не го регистрирав веднаш“, вели Пилиќ.

Иванчиќ (лево) во Стокхолм во 1999 година, ја прима наградата „Улоф Палме“ за меѓународно разбирање и општа безбедност за 1998 година. Фото: ЕПА/Пресенс Билд Гунар Сеијболд

Откако го поздравил и дошол до него, видел група од пет, шест мажи, кои „ниту најмалку не изгледаа пријателски”.

„Особено еден од нив кој играше флипер, беше огромен, со долга коса, со брада”, раскажува тој.

Во еден момент, некаков офицер на ООН влегол во кафулето, а човекот со брада го исфрлил надвор и го треснал во задникот.

Еден од луѓето во групата го слушнал дијалектот со кој Пилиќ му се обратил на келнерот, кого го прашал: „Тој е Хрват?”, на што новинарот потврдно му одговорил.

„И тогаш стана како во филм, кога музиката ќе престане; сè запира, тишина. Човекот што играше флипер, дојде до мене, ме погледна и рече: „Знаеш ли бре ти кој сум јас?”. Му одговорив дека не знам“, нагласува Пилиќ.

Создавачите на „Ферал Трибјун“: Иванчиќ (лево), Дежуловиќ (во средина) и Луциќ. Фотографија на Лео Николиќ

„Ми вели: ‘Јас сум бил на Овчара и ти сега дојде овде. А зошто дојде?’”, му рекол тој.

По падот на Вуковар, во ноември 1991 година, на Овчара, припадниците на српските паравоени единици, убија околу 260 заробени хрватски војници и цивили.

Пилиќ објаснува како го спасило тоа што мозокот брзо му реагирал во оваа опасна ситуација.

„Му реков: ‘Јас дојдов овде, бидејќи цел живот слушам дека на Србите, гостољубивоста и гостите им се светост, и сакав да се уверам дали е тоа празна приказна или има нешто вистина во тоа’. Тој застана, ме гледаше неколку секунди и ми рече: ‘Да, добро си чул, никој нема да те закача’“.

Потоа му рече на келнерот: „Дај му на човекот што пие”, ни раскажува Пилиќ.

Смртта на Туѓман и тешките времиња за „Ферал“

Фераловиот Гугл Луциќ. Фотографија на Лео Николиќ

Иако многумина сметаа дека „Ферал Трибјун“ ќе ја изгуби смислата на своето постоење по смртта на Туѓман во декември 1999 година и по симнувањето на ХДЗ од власт во јануари 2000 година, весникот продолжи да излегува сѐ до јуни 2008 година.

„Ферал Трибјун“ продолжи да ги открива сите недостатоци на левичарската влада која го наследи ХДЗ и националистичкиот наратив.

Со годините, неделникот сѐ потешко функционираше. Што поради наметнатите даноци и изгубени тужби, што поради целосно немање на огласувачи – што го правеше исклучок во медиумскиот простор.

„Еден весник да излегува 15 години без ниту една реклама, мислам дека тоа најверојатно е светски рекорд”, вели низ смеа Дежуловиќ.

Во почетокот на 2000-тите, со либерализацијата на мејнстрим медиумите, дел од новинарите на „Ферал Трибјун“ заминаа во други медиуми.

„И покрај сето тоа, квалитетот на самиот весник не падна со години. Всушност, ние тогаш навистина многу се измачивме, бидејќи двојно помалку луѓе работеа подеднакво квалитетна работа. Овој крај, всушност, можеше да дојде и порано, околу 2005 година, а не во 2008. Тоа всушност беше агонија, умирање на пациент од рак“, објаснува Лео Николиќ, графички уредник и дизајнер на „Ферал Трибјун“.

„Ферал траеше подолго отколку што објективно требаше да трае. Ние издржавме 15 години на чист мазохизам, кога ќе ги видиш околностите под кои работевме; не знаеш дали ќе можеш да им исплатиш плати на луѓето. Застанавме баш кога повеќе не можеше“, додава Иванчиќ.

Иако „Ферал“ добиваше донации од Фондацијата Отворено општество и од други странски донатори, овие средства кон крајот на 90-тите се смалија и речиси исчезнаа во 2000 година.

Последното издание на Ферал од 20 јуни 2008 година; Статијата на Ферал: „Во врска со & и покрај: Другата страна на сатирата” од 1996 година, во која се анализира идејата на Туѓман за помирување, моделирана врз концептот на шпанскиот диктатор Франциско Франко. Фотографија на Лео Николиќ.

Неделникот, исто така, добиваше и заеми од Фондот за заем за развој на медиумите (Media Development Loan Fund), со седиште во САД, кој во почетокот на 2000-тите станал дел од сопственичката структура на весникот. Сепак, бидејќи уредништвото го отфрли предлогот за комерцијализација на весникот, соработката со овој Фонд наскоро заврши.

„Ферал“ во последните години направи неколку обиди за спас од финансискиот колапс. Преговараше и со весникот „Нови лист“ од Риека, и со хрватскиот најголем издавач на весници, Европа Прес Холдинг, EПХ. Но, и едните и другите преговори пропаднаа. Се надѕираше крај.

На 20 јуни 2008, „Ферал“ го издаде својот последен број, кој на насловната страница го имаше Чарли Чаплин и насловот: „Патот под нозете”.

И покрај сè, повеќето луѓе кои работеле во „Ферал“ се горди и среќни на своето искуство.

„Апсолутно вредеше, тоа беше најдобриот период од мојот живот”, вели Пилиќ.

Николиќ како модел (десно) за насловна страница на „Ферал Трибјун“, за сатирична фотомонтажа на Туѓман (лево). Фотографија на Лео Николиќ

Николиќ признава: „Ние на крајот всушност бевме поразени”, но додава дека траеле подолго отколку што некои предвидувале.

„Иако сите мислеа дека ќе траеме максимум пет или шест години, ние, сепак, траевме полни 15 години”, истакна тој.

„И покрај сѐ, ни малку не ми е жал што во 1993 година, ја зграбив првата можност, на сите да им го покажам ова”, вели Николиќ, покажувајќи со средниот прст.

Првиот дел од сторијата за „Ферал Трибјун“ можете да го прочитате на следниот линк