Анализи

Година на скапа „генерална проба“: реформи или избори

Јавноста бара ново поведение од луѓето што носат одлуки

Во кинескиот хороскоп, 2022 е година на водниот тигар, а во македонските очекувања – година на враќање на надежта.

Надежта е обединета, пред сѐ, околу посакуваниот крај на пандемијата, кој ќе овозможи премин од тескобното „ново нормално“ кон доброто „старо нормално“. Но, таа желба не важи и за старите политички практики. Јавноста бара ново поведение од луѓето што носат одлуки, но, пред сѐ, реформи во најневралгичните сфери – правосудството, образованието, администрацијата…

Земјава, која заокружи три децении од независноста, лани не дочека да биде лансирана кон европското соѕвездие, а не дочека ни ѕвездени реформски моменти на внатрешен план. Би било неточно да се каже дека сега сите очекувања се свртени кон идната влада, чие изгласување ќе биде првата обврска на парламентот во јануари. Неточно, затоа што опозицијата однапред исклучи какви било очекувања од таа влада, особено во време кога ќе се соочи со четирите кризни „Е“: енергија, епидемија, економија, евроинтеграција.

Зголемувањето на цената на електричната енергија, недостигот од гас за затоплување и натамошниот притисок врз цените на енергенсите на глобалните берзи, се закануваат сериозно да ги замрсат конците на есапот направен дома и оној што ќе го диктира пазарот. Стравот од зголемувањето на инфлацијата, од намалувањето на производството, од падот на куповната моќ, зголемувањето на невработеноста и потребата од субвенции за компаниите, сите проекции ги прави неизвесни.

Дали економијата и чекмеџето на државата од 4,43 милијарди евра наменети за новите 365 дена ќе имаат сила да се справат со проблемите и да ја вратат земјата на позициите пред пандемијата? 

Министерот за финансии очекува раст на БДП од 4,6 отсто, пораст во бруто инвестициите од 8,5 отсто и зголемена извозна активност од 8,1 отсто. Но, магичното стапче никој го нема в рака. 

Поглед низ светли и темни очила

Ковачевски ќе нема „меден месец“, ќе биде под притисок во првите сто дена да покаже резултати | Фото: СДСМ

Во време кога идната влада ќе мора да проголта повеќе горчливи пилули „на гладно срце“, мандатарот Димитар Ковачевски ветува „мотивирано влегување во новите почетоци“, со фокус кон внатрешните и економските прашања. 

„2022 година ќе биде година на нови предизвици, особено во делот на енергетиката и пандемијата, но ќе биде и година на нови заеднички успеси. Со фокус на економијата, ефикасност на институциите, одговорност и чесност, да го подобриме животниот стандард на граѓаните. Минималната плата мора да продолжи да расте, а со неа ќе растат и просечната плата, пензиите, додека невработеноста и натаму ќе опаѓа“, вети Ковачевски. 

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не очекува ништо од тоа да се реализира. Поради серијата пропусти што ги направила власта досега на општествен и на економски план, очекува само затегнување на состојбата и продлабочување на кризата. 

Првото „огнено крштевање“, владата на Ковачевски ќе го има во јануари со синдикатите, кои бараат покачување на минималната плата, или во спротивно – ќе излезат на генерален штрајк

„Една грешка доведува до друга грешка, а секоја несанкционирана грешка подоцна се наплаќа многу поскапо. Така е и со струјата. Нема да биде проблем само цената, туку и општиот недостиг, кој ќе се надоместува со екстремно скапа струја. Инфлацијата и ценовните шокови ќе предизвикаат сериозен удар по семејните буџети. Втор голем предизвик ќе биде недостигот од поддршка на домашното стопанство. Макроекономските показатели укажуваат дека економијата не се развива. Очекувам дека невработеноста ќе расте, додека инвеститорите ќе продолжат да ја заобиколуваат државата“, вели Мицкоски за БИРН.

Без оглед дали власта и опозицијата низ различни очила ја гледаат реалноста, јасно е дека владата на Ковачевски, не само што ќе нема „меден месец“, туку ќе биде под притисок во првите сто дена да покаже видливи резултати и дисконтинуитет со политики „купи ден помини“. Првото „огнено крштевање“ ќе го има во јануари со синдикатите, кои бараат покачување на минималната плата, или во спротивно – ќе излезат на генерален штрајк. 

Опозицијата, која по оставката на Заев постојано повикува на предвремени избори, а секоја форма на незадоволство и недостиг од резултати ќе ги користи за дополнителен притисок за изборна проверка на легитимитетот. 

„Оваа година очекувам да биде процес каде што ќе се заокружат промените што почнаа на локалните избори – на предвремени парламентарни избори, каде што оваа власт, која е без легитимитет од народот, ќе биде сменета“, вели Мицкоски. 

Како причина за тоа, опозицијата го вперува прстот и во растечките корупција и криминал, кои поминуваат неказнето. 

„Не смееме да дозволиме да продолжиме да бидеме земја каде што ќе имаме неправда или правдата ќе се применува селективно. Законите мора да важат подеднакво. Денес се плаќа мито за преку ред да извадите извод од матичната книга на родените, се фаќаат врски за преглед во болница, нешто што природно и следствено треба да го обезбеди државата“, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Втор почеток на пругата

Годинава очекувам да се заокружат промените што почнаа на локалните избори“ | Фото: Роберт Атанасовски

Но, по принципот на сврзани садови, дел од внатрешните состојби може да бидат и директно предизвикани од надвор – од потезите на Софија, кои и досега прилично се одразија на позициите на власта. 

Евентуална деблокада на бугарското вето за време на актуелното шестмесечно француско претседателство со ЕУ, може да биде силен ветер во нејзините едра, но и обратно. Ако не се случи тоа – ќе биде ветер во едрата на опозицијата. Поради претседателските избори во Франција во април (и кампањата што ним ќе им претходи), тешко е на тој план да се прогнозира исчекор. 

„Силен предизвик е да се премости комплетниот застој во евроинтеграциите и државата да тргне напред, а притоа да се сочува достоинството и да не си игра владата со нашите идентитетски прашања. Четири години живееме со ветувањата дека ќе се поместат работите, додека државата ги брои само блокадите што ги добива и сето тоа поради лажната надеж и ветувањата на владата, надополнето со отсуството на стратегија кон ова прашање. Затоа велам дека изборите се наметнуваат како единствено решение за излез од кризата“, вели Мицкоски. 

„Нашата заедничка иднина е иднина во ЕУ и нема да се откажеме од тој стремеж, ќе работиме за исполнување и на оваа стратешка цел“, порача Ковачевски.

По успехот на локалните избори, опозицијата е во психолошка и тактичка предност пред власта, а власта, таа разлика може да ја стопи единствено со брзи и конкретни резултати

„Разговорите треба да се водат во духот на европските вредности. Ние, како држава, имаме свои позиции изградени во Собранието, Бугарија, исто така, има изградено свои позиции. Во рамките на европските вредности, почитувајќи го достоинството на двете држави, сметам дека може да се најде решение и да ја почнеме првата меѓувладина конференција“, уверен е лидерот на СДСМ.

Иако кај власта постоеше умерен оптимизам дека бугарското вето може да биде деблокирано во јануари, во овој месец најизвесна е само првата средба меѓу премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков, по што работите ќе бидат многу појасни. 

Петков, во повеќе наврати ја потенцираше важноста на инфраструктурата, изјавувајќи дека „не е нормално од Софија до Скопје да се лета преку Виена“. Патната врска Скопје – Софија, во бугарската јавност одамна се доживува како „соодветна за 50-тите години на минатиот век“, а со оглед дека трасата на, пред повеќе од 20 години почнатата и неизградена железничка пруга, е високо обрасната со трева и коприви, доминира и впечатокот за „демонстративно оградување на Македонија од Бугарија и отсуство на секаква желба за комуникации“. 

Но, токму на планот на железничкото поврзување, годинава ќе биде направен првиот конкретен чекор. 

Дел од внатрешните состојби може да бидат и директно предизвикани од надвор | Фото: Роберт Атанасовски

„Во моментов сме во финална фаза на евалуација на понудите за првите две делници Куманово-Бељаковце-Крива Паланка, во должина од 65 километри“, најавува Хари Локвенец, директор на Јавното претпријатие железничка инфраструктура – Железници на Република Северна Македонија.

„Понудените цени се на ниво од 200 милиони евра. Во нив користиме грант од 68 милиони евра од WBIF (Western Balkan Investment Framework), додека останатиот дел е финансиран од ЕБРД. Предвиден рок на реализација за првата делница е 24, додека за втората е 36 месеци“, објаснува тој. 

Третата, најтешка и најскапа фаза (405 милиони евра) ќе биде делницата од Крива Паланка до границата со Бугарија, во должина од 24 километри, на која се проектирани 24 тунели и 51 мост, што значи дека на секој километар ќе има по еден тунел и два моста. 

Од почетокот на годинава, до финализирањето на целиот проект во 2027 година, паралелно ќе треба да бидат изградени и други мостови – бизнис, културни, образовни…

Такви мостови треба да се изградат и внатре, меѓу власта и опозицијата, но почетокот на 2022 година не донесе обострана реторика, која ќе води кон таа цел. 

По успехот на локалните избори, опозицијата е во психолошка и во тактичка предност пред власта, а власта таа разлика може да ја стопи единствено со брзи и конкретни резултати. Предуслов за тоа е и усогласеноста во коалицијата, нешто што сега е во сенка на условите што ги поставија помалите коалициски партнери за да ја поддржат новата влада. 

Колку што е тоа прашање на програмски определби, толку е и прашање на „чувство за моментот“, па бргу ќе се покаже дали зголеменото мнозинство станало бустер доза за предност или хендикеп за власта. 

Изборот на кадрите во новата влада, начинот на кој тие ќе раководат и промената на досега критикуваните практики, ќе „решат“ дали новата влада ќе биде вектор на поместување кон квалитетни промени или само кон нови избори, сеедно дали напролет или наесен.