Регион

Холандската влада ќе ја оспори пресудата за жртвите од Сребреница

Владата на Холандија ќе побара од Врховниот суд на оваа држава, да ја укине пресудата според која Холандија е делумно одговорна за смртта на околу 300 Бошњаци од Сребреница, кои беа убиени откако беа истерани од базата на холандските мировни сили на ООН.

Џана Брканиќ, Сараево

Холандските мировници во Поточари, крај Сребреница, во јули 1995 година

Холандската влада најави дека ќе поднесе жалба на пресудата со која оваа држава беше прогласена за делумно одговорна за смртта на околу 300 жртви од Сребреница, убиени во јули 1995 година, објавија медиумите во средата.

Но, жалба најавија и адвокатите на семејствата на жртвите, кои за БИРН изјавија дека ќе побараат од Врховниот суд да ја прогласи Холандија одговорна за смртта на поголем број жители од Сребреница.

Адвокатот, Марко Геритсен, правен застапник на здружението Мајки од Сребреница, рече дека ќе побара, холандските власти да бидат прогласени за виновни за убиство „на многу поголема група – околу 350 деца и жени”.

Да потсетиме, Апелацискиот суд на Холандија, потврди дека оваа држава е делумно одговорна за смртта на околу 300 Бошњаци од Сребреница, кои во 1995 година побарале засолниште во базата на холандските мировни сили на ООН, од каде што подоцна биле протерани, а потоа и убиени од страна на силите на босанските Срби.

Сепак, оваа одлука не се однесува на останатите 8.000 жртви од Сребреница, кои силите на босанските Срби ги убиле во јули 1995 година, кое злосторство, според одлуките на меѓународните судови, е класифицирано како геноцид.

Холандското Министерство за одбрана соопшти дека не верува оти холандските војници го прекршиле законот.

„Не го делиме мислењето на судиите, дека холандските мировници на ООН постапиле незаконски и не разбираме зошто судот донесе ваква пресуда”, изјави во средата за Ројтерс, портпаролот на министерството за одбрана, Клас Мејер.

Геритсен за БИРН вели дека Холандија „од самиот почеток негира секаква одговорност за смртта на повеќе од 7.000 мажи и момчиња од Сребреница“, и затоа одлуката за поднесување на жалба до Врховниот суд, не изненадува.

„Овој став не е сменет уште од времето кога ја поднесовме првата тужба во 2007 година”, вели Геритсен.

Додаде дека холандските мировници „не ги исполниле своите обврски и наредбите на Обединетите нации да ги заштитат цивилите”.

„Важно е да се каже дека холандските војници не ја информирале ООН за страшните кршења на човековите права што ги виделе, па затоа нашиот став е дека Холандија е виновна за смртта на илјадници мажи и момчиња, кои се наоѓале во енклавата”, вели Геритсен.

Хајра Ќатиќ, од здружението Мајки на Сребреница, во име на семејствата на жртвите, вели дека ќе продолжи да се бори за правда.

“Наше е да се надеваме. И нашите адвокати ќе поднесат жалба. Сметам дека Холандија е одговорна и за она внатре, и за она надвор од базата, како и за она во шумата“, рече Ќатиќ.

Хасан Нухановиќ, кој во 2013 година го доби својот случај пред Врховниот суд на Холандија, кој донесе пресуда во која се вели дека Холандија е одговорна за смртта на тројца Бошњаци во Сребреница во 1995 година, вели дека својата документација, како и материјалните докази, им ги отстапил на Мајките на Сребреница и на нивните адвокати.

Потенцира оти се надева дека и нивната конечна пресуда ќе биде во корист на семејствата на жртвите и информира дека во неговиот случај, „компензацијата е исплатена”.