Регион

Во клиниката Медикус „непотребно отстранувани бубрези на пациенти“

Поранешната клиника „Медикус“ во близина на Приштина

Експерт по судска медицина, на повторното судење на три лица, кои првично беа осудени за вмешаност во трговија со човечки органи во клиниката „Медикус” во Косово, изјави дека на двајца пациенти бубрезите им биле отстранети, иако за тоа не постоела медицинска причина.

Дие Морина, Блерта Ибердемај, Приштина

Kармен Барбу, експерт по судска медицина, во четврток, пред Основниот суд во Приштина, изјави дека на двајца пациенти, на клиниката „Медикус”, кои во овој предмет сведочат како заштитени сведоци, бубрезите им биле отстранети, иако за тоа немало медицинска причина.

Повторно им се суди на сопственикот на клиниката „Медикус”, Лутфи Дервиши, на неговиот син Арбан Дервиши и на главниот анестезиолог, Сокол Хајдини, обвинети за организиран криминал, во врска со трговија на луѓе, откако Врховниот суд на Косово, ја поништи нивната првостепена пресуда.

Кај двајцата пациенти, рече Барбу, по испитувањето, е констатирано дека го немаат левиот бубрег.

„Со скенирање откривме дека го немаат левиот бубрег и дека, како што заклучивме, тие се отстрани по хируршки пат”, изјави Барбу.

Додаде дека од медицински аспект немало причина да се отстрани бубрегот кај овие пациенти.

„Кај овие пациенти, немало сериозна патологија или некој вид на траума, што би го оправдале отстранувањето на бубрегот”, рече Барбу.

Обвинителката, Валерија Боличи. праша кој бубрег обично се отстранува кога некое лице ќе реши да го донира.

„Во случај на трансплантација на бубрег, кога постои донор, обично се зема левиот бубрег, бидејќи вената е подолга и полесно се отстранува”, рече Барбу.

Апелацискиот суд во март 2016 година им ги потврди првостепените пресуди на обвинетите, со кои Лутфи Дервиши, и неговиот син беа осудени на осум, а Хајдини на пет години затвор.

Со одлуката беше констатирано дека на клиниката во 2008 година биле извршени „повеќе нелегални трансплантации на бубрези”.

Сиромашни лица од Турција, Русија, Молдавија и Казахстан, наводно, ги продавале своите бубрези за 15.000 евра.

Според обвинителот на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, нивните приматели, главно Изреалци, за бубрезите плаќале повеќе од 70.000 евра.

Сепак, по одлуката на Апелацискиот суд, Врховниот суд на Косово наложи повторно судење, заради процедурални неправилности.

Полицијата упадна во клиниката во 2008 година, откако на приштинскиот аеродром беше пронајден турски државјанин, кој беше сериозно болен, а чии бубрези биле отстранети.

Клиниката истата година беше затворена, а нешто подоцна и продадена.

Пред судот во средата, сведочеше и Шпреса Маколи, медицинска сестра која асистирала за време на операциите во клиниката Медикус.

Обвинителката ја праша, дали, за време на операциите, кои ги имало повеќе од 20, забележала нешто посебно. Маколи одговори дека „не забележала ништо индикативно или посебно“.

Судењето продолжува во вторник.

Објавено и на Балканска транзициска правда