Група хрватски бранители викаа и ги навредуваа говорниците на комеморацијата што се одржа во хрватскиот град Глина, во чест на цивили од српска националност, кои профашистичкиот усташки режим ги ликвидирал во Втората светска војна.
Пишува: Свен Милекиќ, Загреб
Група од околу десетина бранители ја попречуваше комеморацијата што во чест на српските цивили, ликвидирани од усташкото движење во 1941 година, се одржа во неделата во Глина.
На комеморацијата, организирана од Српскиот национален совет (СНС), присуствуваа околу стотина лица, кои им оддадоа почит на околу 1.000 локални Срби од Глина и Вргинмост, кои усташките единици ги убиле во јули и август 1941 година.
Комеморацијата се одржа во Православната црква во која усташите запалиле дел од жртвите.
Анета Лалиќ од СНС, за БИРН вели дека „секоја година група од околу десет луѓе” протестираат на комеморацијата.
„Она што е специфично за комеморацијата што се одржа во неделата е дека ние никогаш не сме биле толку блиску до демонстрантите. Бевме многу блиску едни до други, а тие учествуваа во нашиот настан така што практично го прекинаа; викаа, ги навредуваа говорниците, исвиркуваа и така натаму“, вели Лалиќ.
Демонстрантите ги обвинија организаторите дека се одговорни за смртта на хрватските цивили во Глина извршено за време на војната, во 1991 година. Дел од говорниците, за време на говорот на комеморацијата, се осврнаа и на убиствата во 1991 година.
Бранителите го носеа хрватското знаме и транспарент со натпис „комунистичките злосторства не се антифашизам”, со што, најверојатно, сакаа да сугерираат дека активистите ги минимизираат злосторствата извршени од партизаните и комунистичка Југославија, во поствоените години.
Според извештаите на медиумите, полицијата најавила дека ќе поднесе пријава за нарушување на јавниот ред и мир, против двајца демонстранти.
Лалиќ истакна дека полицискиот службеник одговорен за безбедноста на настанот „требал демонстрантите да ги задржи од другата страна на улицата, како што тоа се правело и во претходните години”.
Додаде дека овој протест на бранителите не е изолиран инцидент и посочи дека одбележувањето на Денот на антифашистичкото востание во селото Срб, со години го попречуваат групи на десничари.
На коемораццијата се обратија претседателот на СНС, Милорад Пуповац, претседателката на невладината организација „Документа”, Весна Тершелиќ и претседателот на Советот за национални малцинства, Александар Толнауер.
За време на војната во 90-тите години во Глина, биле убиени цивили и од хрватска, и од српска националност.
Откако хрватските сили, во август 1995 година, за време на операцијата Бура, повторно го вратија градот во свои раце, локалните власти ја отстранија спомен-плочата посветена на жртвите убиени во црквата за време на Втората светска војна.
Во октомври 2014 година, градскиот совет на Глина донесе одлука дека комеморацијата не може да се одржува на местото каде што се наоѓала црквата, туку на католичките гробишта.
Сепак, Министерството за државна управа соопшти дека градот може само за своите функционери да одлучува каде тие ќе одржуват комеморација, со што беа создадени услови комеморацијата и натаму да се одржува на местото на кое што биле убиени жртвите.