Регион

БиХ: Предлог на осудените за воени злосторства да им се забрани кандидирање на изборите

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Со предложените измени на изборниот закон на Босна и Херцеговина, на лицата осудени за воени злосторства или за други повреди на хуманитарното право, ќе им биде забрането да се кандидираат на избори.

Џана Брканиќ, БИРНСараево.
 

Парламентот на БиХ. Фото: Фликр

Според измените, чиј предлагач е пратеникот Денис Беќировиќ, а кои се очекува да се најдат на дневен ред на државниот парламент, лицата осудени за воени злосторства нема да можат да бидат кандидати на изборите, да извршуваат јавна функција на државно, кантонално или општинско ниво, ниту пак каква било друга функција поврзана со изборите.

Важечкиот изборен закон им овозможува на лицата кои биле осудени да се кандидираат на изборите.

На претходните избори, за градоначалник на босанскиот град Велика Кладуша, беше избран Фикрет Абдиќ, кој беше осуден на 15 години затвор поради воено злосторство.

Предлогот на Беќиревиќ го поддржа Мунира Субашиќ, претседател на здружението “Мајки на енклавите Сребреница и Жепа”.

”Сметаме дека обвинети и осудени за воени злосторства не можат да бидат кандидати на изборите, бидејќи никогаш не се покајале, ниту пак им се извиниле на жртвите”, изјави Субашиќ.

“Кога осуден за воени злосторства ќе победи на изборите, тоа е целосна неправда кон жртвите, човештвото, правдата”, потенцираше таа.

Претседателот на Здружението на семејствата на исчезнатите лица на Сараевско-романискиот регион, Милан Мандиќ, вели дека забраната треба да биде поостра.

„Без оглед на која страна ѝ припаѓаат и на колку биле осудени, тие треба да се изгонат од општеството, да им се одземе правото на глас, да им се одземе сѐ”, рече Мандиќ.

Од друга страна, Недељко Митровиќ, претседател на Здружението на семејствата на заробените и загинати борци и изчезнати цивили на Република Српска, изјави дека во принцип е против овој предлог.

“Би бил поддржувач, да беше процесот на утврдување на воените злосторства завршен. Одредени личности кои не се обвинети, слободно се движат, а знаеме дека вршеле злосторства и тие можат да се кандидираат, а некој кој случајно бил во погрешно време, на погрешно место, и бил осуден на една година, не може“, вели Митровиќ.

“Исто така, тоа би значело дека на овие лица им се одземаат основните права, значи погрешил, одговарал, и веќе е казнет“, додава тој.

И пратеникот Никола Ловриновиќ, смета дека на лицата што ја отслужиле казната, не треба да им се брани да учествуваат во целост во демократскиот процес.

„Ако човек е слободен граѓанин и ако го ‘одлежал’ она што го добил со пресудата и ако ужива човекови права, не може со кршење на едно право, да им дадете правда на некои други, на кои тие права веќе им се одземени”, вели тој.

Сепак, Маја Гасал-Вражалица, од Демократскиот фронт, смета дека е неприфатливо лицата осудени за воени злосторства да имаат јавна функција.

„Покрај тоа, на новите генерации, со одобрувањето, осудените за воени злосторства да вршат јавни функции, им се покажува дека тоа и не е некое тешко дело, се минимизира најголемиот и најтежок чин, кој едно човечко суштество може да го изврши”, смета Гасал-Вражалица.