Регион

Имамоглу: Ердоган нема да победи на следните претседателски избори

Опозицијата ќе победи на изборите следната година, вели за БИРН, градоначалникот на Истанбул

Популарниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу од главната турска опозициска Републиканска народна партија, ЦХП, во интервју за БИРН за време на неговата посета на Сараево, оцени дека деновите на турскиот моќник Реџеп Таип Ердоган се избројани.

„Следната година во Турција ќе имаме општи избори  и претседателот Ердоган ќе ги загуби, исто како што загуби во Истанбул. Тие ќе изгубат, но Турција ќе победи“, рече Имамоглу.

Коментирајќи ја турската политика, Имамоглу вели дека иницијативата на опозицијата, предводена од неговата социјалдемократска Републиканска народна партија, ЦХП, за обединет опозициски блок на следните избори против политичкиот сојуз на Ердоган, е од најголема важност.

Многу набљудувачи велат дека Имамоглу стана еден од најпопуларните политичари во Турција по победата на изборите во Истанбул, во 2019 година и оти ќе му биде сериозен ривал на Ердоган.

Анкетите укажуваат на можна победа на Имамоглу на Ердоган, кој губи на популарност поради низа политички и меѓународни проблеми, а најмногу поради тешката економска криза.

Тој, пак, е претпазлив во однос на сопствените шанси. „Опозициските партии ќе работат многу селективно за да го одберат најдобриот претседателски кандидат“, рече Имамоглу.

На прашањето дали би прифатил претседателска кандидатура, Имамоглу ниту потврди, ниту негира – оставајќи ја опцијата отворена.

„Верувам дека кога ќе дојде денот, шесте опозициски партии ќе го направат најдобриот избор. Засега, тоа не е на мојата агенда. Мојата единствена агенда е Истанбул“, рече тој.

МН: Игнориран за време на последната посета

Заедничка прошетка низ сараевската чаршија со граноначалничката Кариќ. Фото: Општина Истанбул

Истанбулскиот градоначалник беше во посета на Босна, во понеделникот, како гостин на Општина Сараево. Посетата беше димензионирана како голем настан, со рамаданска вечера, на која присуствуваа повеќе од 200 луѓе, меѓу кои политичари, амбасадори, академици и градоначалници од Србија и од Црна Гора.

За време на посетата во 2019, Имамоглу беше игнориран од босанските лидери, кои се плашеа да не ја налутат владата на Ердоган.

Во тоа време, Имамоглу се сретна само со неколку бошњачки функционери, додека неговиот поранешен колега Абдула Скака, од главната бошњачка Партија за демократска акција, СДА, одби да се сретне со него.

Сега, пак,  Имамоглу беше гостин на актуелната градоначалничка на Сараево, Бенјамина Кариќ, која беше избрана минатата година по поразот на СДА на локалните избори.

По средбата и заедничката посета на сараевската чаршија, во интервју за БИРН, Имамоглу рече дека по разочарувачката прва посета, бил многу возбуден да го посети Сараево повторно.

„Истанбул и Сараево имаат многу историски врски и овде имаме одличен домаќин. Ние сме во одлични односи со градоначалничката Бенјамина Кариќ од нејзиниот избор“, рече Имамоглу.

Во интервју за БИРН дадено во сараевското собрание, Имамоглу зборуваше и за надворешната политика, за врските меѓу Турција и Балканот, но и за турската политика.

Повеќе на следниов линк