Помина една година од шефувањето на Ислам Абази. Тој, лани, на 7 ноември беше избран да го раководи Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, за првпат, директно од своите колеги. Една недела подоцна ја презеде и функцијата.
Тивко и повлечено, без медиумски настапи и без застапување предмети пред судовите, со по некое појавување на конференција му измина првата година мандат. Оваа видлива „неприсутност“ е дијаметрално спротивна со онаа на неговата претходничка Вилма Русковска, која речиси и да не одбиваше изјава или интервју.
Се чини дека поголемо медиумско внимание имаше за неговиот избор отколку за неговата „шефовска“ работа.
За една година мандат од него се појавија неколку фотографии. Најмногу од средби со амбасадори и едно појавување во суд, кога заедно со обвинителката Ивана Трајчева отиде да ја слушне пресудата за случајот „Софтвери“.
Половина година по изборот за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, неговата сопруга Албулена му стана колешка. Како академец од Академијата за судии и јавни обвинители беше избрана за обвинителка во Кичево.
(Не)допрен глас
Ако се изземе истрагата за проектот „Скопје 2014“, која ја работеше СЈО, еден од поголемите предмети од областа на економскиот криминал е отворен пред две недели – истрагата „Синџир“, во која беа уапсени 20-тина лица за проневерени околу 8 милиони евра. Тука е и истрагата за 15 осомничени за даночна измама, злосторничко здружување и перење пари.
Други покрупни предмети за криминал на „белите јаки“, барем јавно во првата година мандат на Абази – нема.
А не дека немаше афери во кои биле посочувани функционери на ДУИ, партија под чија сенка и помина изборот на Абази.
Таков беше предметот за изградбата на автопатиштата на конзорциумот „Бехтел и Енка“. На почетокот на март, од Обвинителството на Абази за медиумите одговори само дека ги следат случувањата и дека до нив нема пристигнато кривична пријава.
Дваесетина дена подоцна отворија предмет по допрен глас. Шест месеци подоцна – се најавуваат распити.
Истраги за даночна измама и поткуп
Меѓу предметите отворени за време на првата година од мандатот на Абази се истрагата за 15 осомничени за даночна измама, злосторничко здружување и перење пари, и за поткуп на дванаесет полицајци од Табановце.
Обвинителството не оцени дека по допрен глас треба да го истражува ревизорскиот извештај за отпишувањето на долгот од 14 милиони евра на приватни трговци со струја кон МЕПСО. За медиумите одговорија дека ако институциите имаат наоди за криминал, да им ги пријават.
Засега Обвинителството на Абази не ги испитува ниту тендерите во Државната лотарија и закупот на деловни простории за сума од 2,6 милиони евра. Таму Финансиската полиција веќе почна да истражува, а Обвинителството, со кое раководи тој, чека кривична пријава.
Меѓу предметите што беа отворени за време на првата година од неговиот мандат е и онаа за единаесетмина диви копачи на културно наследство и истрагата за поткуп на дванаесет полицајци од Табановце.
Заглушувачки молк за измените на Кривичниот законик
За една година, ова Обвинителство објави триесетина соопштенија за јавноста. Дел од нив беа за акциите што веќе биле почнати пред доаѓањето на Абази на функција, друг дел за новите истраги, а трет дел за неговите протоколарни средби.
Првата јавна објава откако ја презеде функцијата беше со амбасадорот на Албанија, која се случи пет дена откако тој даде свечена заклетва. Слична средба се случи и со амбасадорот на Холандија. Следуваа средби на Косово и во Црна Гора.
„Соселанецот на Али Ахмети“, како што го нарекоа медиумите, обидувајќи се ја врамат неговата „локална географија“, досега не дал ниту интервју, ниту изјава за медиумите.
На наше барање за интервју нѐ упати на службата за односи со јавноста.
Дали новиот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал има некаква непријатност од медиумите поради првата и единствена прес-конференција, на која новинарите најмногу го прашуваа за врските со челниците на ДУИ, или поради нешто друго, знае само тој.
Стан и автомобил како личен имот
Абази во имотниот лист пријавил стан од 105 квадратни метри во Кичево и „ауди А6“. На име на родителите пријавил дека имаат куќа и стан во Кичево и Зајаз.
На прес-конференцијата за истрагата за проектот „Скопје 2014“, убедливо најкрупниот случај во моментов во Обвинителството со кое раководи Абази, се појави само обвинителот Љубомир Лапе, кој го оправда отсуството на шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со „итни и неодложни обврски“.
Ако за претходничката на Абази важеше впечатокот дека и премногу ја има во јавноста, праксата на новиот шеф на Обвинителството за непојавување пред јавноста, многу потсетува на работата на првиот раководител на ова Обвинителство, Јован Илиевски, за кого може да се најдат едвај неколку изјави и слики.
„Има служба за односи со јавноста“, знае да рече Абази во неформална комуникација со новинарите, секогаш кога тие ќе му побараат изјава.
Оваа повлеченост се рефлектира и на прашањата што се поврзани со промената на законите, кои директно влијаат врз работата на ова обвинителство.
Истражна „оставштина“
Во Обвинителството на Абази сѐ уште се работат предметите за стечајот на Еуростандард банка, за техничкиот преглед на автобусот на „Беса транс“, поточно на станицата „Виа комерц“, конфискацијата во случајот „Трансмет“…
Најголемиот број предмети што беа засегнати од измените на Кривичниот законик се токму во Обвинителството со кое раководи тој. Таму паднаа предметите „Таргет“, „Траекторија“, „Тарифа“, „ТНТ“…
Европската комисија, во најновиот извештај за напредокот на земјата, овие измени ги нарече „особено загрижувачки“.
Никој од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција не се одважи да прокоментира на кој начин тоа ќе влијае врз нивната работа, туку обвинителите ги одлагаа рочиштата во судовите за да ги усогласат ставовите.
Измените беа важни токму затоа што злоупотребата на службената положба и овластување со која му е нанесена штета на буџетот повеќе не постои како кривично дело, па оттука се стесни можноста Обвинителство кривично да ги гони функционерите.
Од Обвинителството со кое раководи Абази уште нема одлуки и за постари случаи: стечајот на Еуростандард банка од 2020 година, за техничкиот преглед на автобусот на „Беса транс“, поточно на станицата „Виа комерц“, предмет отворен во мај 2022 година и за проблематичната конфискација во случајот „Трансмет“, од април 2022.