Истражувањa

Ист газда со две фирми увезува јаглен за РЕК Битола

Формирани непосредно по јавниот повик, фирмите добиле државен бизнис вреден речиси 9,5 милиони евра

Две од трите фирми со кои државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) склучила договори за набавка на јаглен имаат ист човек во сопственичката структура, 45-годишниот тетовец Аљибер Ибраими.

Податоците што ги добивме од Централниот регистар покажуваат дека првата фирма, со име Куантум Солушнс, му е регистрирана на денот кога ЕСМ го распишала јавниот повик за набавка на јаглен, на 31 март годинава. Тој, до минатата недела, беше нејзин единствен сопственик и управител, кога во сопствеништвото на фирмата влегол Лазар Кимов.

Увезувањето јаглен наместо струја беше најавено како една од клучните мерки со кои владата ќе се справува со големата енергетска криза со која се соочува целиот свет

Втората, пак, Енергија Икс ја поседува заедно со бизнис-партнерка од Скопје, 44-годишната Ана Христовска, а почнала со работа на 5 мај, кога повикот веќе течел. И двете се микро-компании и се регистрирани за трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива.

На 13 јуни, комисијата за јавни набавки на ЕСМ го затворила повикот и објавила дека се избрани четири понуди за набавка на 550 илјади тони јаглен поднесени од три фирми (една доставила две понуди, што било дозволено со правилата на повикот).
Овој јаглен, како што објаснија од компанијата, ќе се користи за хомогенизација на тој што се ископува во РЕК Битола, кој е со ниска калорична вредност и е несоодветен за исполнување на планот на ЕСМ да го зголеми домашното производство на струја за 20 отсто, и со тоа стопроцентно да ги покрие потребите од електрична енергија за домаќинствата. Увезувањето јаглен наместо струја беше најавено како една од клучните мерки со кои владата ќе се справува со големата енергетска криза со која се соочува целиот свет.

Најголемиот дел, 400 илјади тони, ќе го обезбеди албанската компанија Хај Тауерс од Тирана, која ќе носи јаглен од својата земја и за тоа ќе наплати 22 милиони евра.

Албански јаглен ќе увезува и Енергија икс, 50 илјади тони, а Куантум Солушнс треба да донесе 100 илјади тони јаглен од Грција. Со тоа, овие две фирми, речиси непосредно по формирањето, добиле државен бизнис вреден околу девет и пол милиони евра.

Заклучени врати и целосна анонимност

Никаква информација не е достапна за овие компании, освен адресите на кои се регистрирани во главниот град – Куантум Солушнс на булеварот Партизански одреди, а Енергија Икс во трговски центар на улицата Лондонска. Немаат ниту телефонски броеви, ниту имејл адреси, ниту профили на познатите социјални мрежи.

Како овие две непознати лица, со нивните новоотворени фирми, успеале да ја надминат конкуренцијата и да се вклучат во енергетскиот бизнис каде што се вртат милионски суми, е непознато

А немаат ниту активни канцеларии на адресите што ги навеле. Од адресата на Куантум Солушнс не може јасно да се утврди дали станува збор за стан или за дуќан во една зграда во Карпош 4. Но, фирмата ја нема ниту во станот со посочениот број, каде што живее семејство, ниту во дуќанот, каде што е сместена сметководствена компанија. Двете врати беа заклучени. Истата ситуација нѐ затекна и во трговскиот центар Олимпико во Тафталиџе, каде што треба да работи Енергија Икс. Локалот што е наведен како седиште на фирмата е затворен, никаде во центарот нема ознака дека таа функционира тука, а и другите дуќанџии што ги сретнавме воопшто не слушнале за неа.

Ниту Ибраими, ниту Христовска и Кимов не се познати во енергетскиот бизнис во земјава. За Ибраими има податоци во Централниот регистар дека во последниве неколку години е активен во бизнисот со живина и со преработка на месо од живина во полошкиот регион, а има и фирма за изградба на станбени згради, која од основањето во 2018 до крајот на 2020 (до кога се достапни финансиските податоци) нема остварено ниту денар приход. За Христовска нема прецизни податоци.

Како овие две непознати лица, со нивните новоотворени фирми, успеале да ја надминат конкуренцијата и да се вклучат во енергетскиот бизнис каде што се вртат милионски суми, е непознато. БИРН побара копии од тендерските документи и од склучените договори со фирмите што биле избрани за увоз на јаглен врз основа на правото на пристап до информации од јавен карактер, тие сѐ уште не ни се доставени и сѐ уште тече рокот за нивно доставување.

Искуството неспоменато меѓу критериумите

Фирмите веќе почнале да го доставуваат јагленот, велат од ЕСМ | Фото: БИРН

Го прашавме ЕСМ кои биле клучните критериуми за избор на изведувачите во повикот и според кои критериуми избраните фирми доставиле подобри понуди од конкурентите.

Во одговорот оттаму се вели дека главен критериум според кој се оценуваат понудите е техничката соодветност, односно дали понудениот јаглен одговара по своите параметри на тоа што се бара. Следниот критериум е количеството – дали понудувачот може да го достави целиот јаглен што се бара или само дел од него. Цената доаѓа како трет критериум, односно ако сите понудувачи еднакво ги исполнуваат техничките карактеристики и количествата, се избира таа што е подготвена најевтино да го увезе и да го достави јагленот.

Цената доаѓа како трет критериум, односно ако сите понудувачи еднакво ги исполнуваат техничките карактеристики и количествата, се избира таа што е подготвена најевтино да го увезе и да го достави јагленот

Во одговорот од ЕСМ, искуството во дејноста или каков било минат труд како критериум не е споменато.
Подетално објаснување за тоа какви технички карактеристики прикажале четири и полмесечната фирма Куантум Солушнс и тримесечната Енергија Икс, засега нема. Ги има само цените што ги понудиле – 457 и 455 денари по гигаџул, мерната единица според која се врши набавката, а која го означува енергетскиот капацитет што може да го произведе јагленот. Со тоа тие биле малку поскапи од албанскиот конкурент Хај Тауерс, кој доставил цена од 449 денари по гигаџул.

Трите фирми веќе почнале да го доставуваат јагленот, велат од ЕСМ, а според договорите што ги склучиле, во РЕК Битола секој месец треба да пристигнуваат по 50 илјади тони. За да го запази планот за зголемување на домашното производство и за избегнување на скапиот увоз, ЕСМ веќе води постапки за набавка на уште 600 илјади тони јаглен за РЕК Битола и 350 илјади за РЕК Осломеј. Јавниот повик за овие количества веќе е објавен, информираат оттаму.

Инаку, Законот за јавни набавки ѝ дозволува на ЕСМ да набавува гориво за производство на енергија со директни договори, без никакво објавување повици во јавноста. Компанијата до сега редовно ги објавувала повиците на својата веб-страница и во медиумите.